Благодарение на истражувачката дејност на историчарите, новинарите, книжевниците, многу женски ликови кои заткулисно изиграле доминантни улоги, но поради најразлични причини останале инкогнити во времето кое делувале, денес се обелоденуваат нивните профили. На територијата на Македонија логично е да има женско општествено движење, будност во речиси секоја сфера, историско – општествените неприлики од македонската жена направија Борец кој се бори и за семејството и за татковината… повеќе на оваа тема во интервјуто со историчарката Ивана Хаџиевска. Продолжете со читање.
Читај бе: Која е Ивана Хаџиевска?
Girl next door :)) [„девојче од соседството“] од мирната и прозрачна Лавчанска населба во Битола. Моментално – архивска работничка. Тешко ми е да се опишувам самата себе си. Многу ми е полесно да зборувам низ својот труд.
Читај бе: Каде е позиционирана на современата македонска жена?
Позицијата на современата македонска жена е комплексна, полна со противречности, посебно доколку ја гледаме големата – структурно-системска слика на општеството. Можеби попрецизен одговор на ова прашање ќе добиеме доколку поставиме напред некои референтни вредности: на пример, дали позицијата ја согледуваме од класен аспект (бидејќи економскиот јаз во нашето општество е огромен), генерациски аспект, професионално итн… Сепак, мене како историчарка, најмногу ме интересира да размислувам за промените на положбата на жените, погледнати ретроспективно – од минатиот век до денес. Така можеме повеќе да ги разбереме причините за противречностите, но и да го освестиме нивното постоење. Во македонската историја тековите на еманципацијата на жените, или освестување на нивната позиција во политичка смисла, може да следиме од крајот на 19 век. Станува збор за бурната и нималку едноставна историја на женски движења на Балканот помеѓу двете светски војни, како и во докажаното учество на жените воразлични форми на отпор за време на Втората светска војна. Еманципацијата на жените како систематизиран и државно организиран „проект“ може да ја следиме најдобро за време на социјализмот, веднаш по Втората светска војна. Со воспоставување на социјалистичка држава, „женското прашање“ било решавано како дел од класното прашање. Овој процес на модернизација на целокупното општество до крајот на 20 век, секако дека не бил завршен и целосно успешен, но факт е дека се направил голем исчекор напред. По 1990те години, со економската и политичка транзиција на пост-социјалистичките општества, се забележува регресија, особено во социјалните и здравствените права, која негативно се одразила токму на положбата на жените. Аргумент за оваа констатација наоѓам и денес, во нашето современиe, и тоа во фактот што секој обид за системско и институционално унапредување на положбата на жените (на пример, низ образовни или здравствени политики), е дочекуван со агресија, непријателство и голема неинформираност, прогласуван за „родова идеологија“, за нешто туѓо, „странско“, иако токму тие политики за рамноправност се вградени во нашата државност уште од АСНОМ.
Читај бе: Дали жената може да е рамноправна или еднаква со мажот?
За мене и еднаквоста и рамноправноста се строго политички категории. И бидејќи „човекот е политичко битие“, тие самите зависат во голем дел од социјализацијата и идеолошко-вредносниот систем на општествата. Така на пример, доколку во едно општество длабоко се вградени и се вреднуваат патријархални и андроцентрични норми, се подразбира дека социјализацијата на членовите на заедницата од мали нозе ќе биде темелена на родовите предрасуди и стереотипи кои ги намалуваат можностите за еднаков развој и достигнување на своите човечки капацитети. Еден од клучните филозофи за 20 век (намерно нема да кажам кој) рекол дека „културата е прва природа на човекот“ – со значење: во човечките заедници не може да „се вадиме“ на биолошките функции кога станува збор за структурни и системски прашања на нееднаквост, без разлика дали класна, расна или родова.
Читај бе: Како би се толкувал синдромот „машка жена“?
Во право сте, на Балканот заради бавните процеси на модернизација, жените долго време делувале од „внатрешноста на ѕидините“, т.е. во приватната сфера. Патријархалните норми безусловно ги одредувале улогите во јавниот и приватниот живот. И токму заради тоа жените биле сметани за „беспрекорни чуварки на огништето“, иако мора да имаме во предвид дека зад таа флоскула често се кријат романтизации за минатото и носталгија за некоја „изгубена златна доба“, која всушност никогаш и не постоеле. Животот на луѓето во тоа минато бил многу мачен и тежок, и посебно неизвесен за жените. Излегувањето на жените во јавната сфера било строго контролирано, а авангардните истапи се казнувале. Јавни улоги кои биле дозволени биле улогите на учителка, хуманитарка или помошничка во револуционерните народни движења – т.е. на некој начин улоги кои биле метафора жените како „мајки на нацијата“,екстензија на онаа главната улога од приватноста – на мајката. Во оваа насока, интересен пример на кој се потсетив е оној за битолчанката Рајна Алексова – иако завршила со беспрекорно фармацевтско образование и станала прва жена фармацевт во регионот, османлиските власти не и дозволиле да управува со сопствена аптека, тоа морало да оди преку машки член од семејството, а формално таа да фигурира како помошник.
Читај бе: Реално жената во Македонија не е обесправена или?
Ако ми дозволите, ќе го одговорам вашето прашање со еден советски виц (кој бесрамно ќе го украдам од говорите на Славој Жижек): Некој уметник од Источна Германија, морал да се исели на Сибир, каде самиот знаел дека ќе биде контролиран од државните цензори. Затоа, воспоставил шифрирана преписка со своите пријатели и им рекол: кога ќе ви пишувам со сино мастило – сум искрен и тоа е вистината, а кога ќе ви пишувам со црвено мастило – лажам со цел да не ме фатат цензорите. По еден месец, неговите пријатели го добиле првото писмо, и тоа цело во сино мастило: „Тука се е одлично, продавниците се полни, живеам во луксузен апартман, во кино се прикажуваат авангардни западни филмови, единствено што не може да се најде во продавниците е црвено мастило“. Зарем ова не е одлична алегорија која може да се примени и на положбата на жената? – Денес имаме право на сé, освен на тоа самите да поставуваме дефиниции за нас, женственоста и сл., надвор од зададените правила на игра. Во вицот согледувам и уште една интересна опаска – а тоа е дека понекогаш кога мислиме дека сме слободни, можеби ни недостига токму тој критички јазик/начин на размислување („црвеното мастило“), кој секогаш се наоѓа надвор од интренализацијата на патријархатот, низ кој на карјот, би ја освестиле обесправеноста.
Читај бе: Што во моментот има/ што ѝ недостига на македонската жена?
Недостигаат системски социјални, здравствени и образовни политики. На пример, често се зборува за демографските политики на државата, а од друга страна здравствениот и социјалниот систем е деградиран во поглед на ресурси за родилки, млади мајки, систем на градинки и цела мрежа на прашања која треба да постои за една обична жена да може да е општествено активна како работничка, студентка и воопшто да се самоактуелизира на начин на којшто таа замислувала. Имам впечаток дека основните ресурси поврзани со женското здравје и работнички права, како да станаа привилегија на мал слој во општеството.
Читај бе: Каде е жената и социјалните медиуми…
Секогаш наместо морализирање, избирам феноменолошко согледување на нештата. Така и социјалните медиуми, како и сите други медиуми кои се развиле и кулминирале низ историјата – се само рефлексија на односите во општеството и во домовите.
Читај бе: Карактеристики на независната македонска жена?
Независноста е потешко да се одржува отколку да се освои :))) Тоа е една „перманентна борба“ полна со успеси и неуспеси. Нема рецепт за некоја општа независност која ќе важи за сите жени, бидејќи општеството во кое живееме е полно со економски нееднаквости. Единствено можам да зборувам во свое име. Во моите рани дваесетти години, сметав дека независноста се освојува со молскавично јурење кон изградбата на сопствен професионален идентитет. Кога тоа го постигнав, сфатив дека многу повеќе ја сакам и ко-зависноста, т.е градењето квалитетни релации со себе си (!), семејството, работниот колектив и драгите луѓе во приватниот живот. Независност можеби е и можноста или знаењето како да се каже „Не“ во професионалните и приватните релации. Сметам дека наративите за „успешна жена“ и „мајки, кралици“ :))) се зашеќерена капиталистичка лага, која пука како балон од сапуница кога ќе се приближи до опачините и рабовите на привилегираноста. Исто така, сметам дека секоја жена си има своја дефиниција за успешност и независност.
Читај бе: Каде е мажот во женската приказна?
Ова е суштинско прашање. Потребен ни е еден масовен процес за еманципација на мажите и момчињата, чекор-во-чекор со еманципацијата на жените. Патријархатот во современиот свет многу штетно влијае врз мажите, од една страна ги втурнува во токсична слика за себе си (пример, феноменот на incels, alpha males и сл.), а од друга страна – не им дава одговори што да прават со себе си, кога ќе се најдат во свет во кој старите социјални норми се разнишани. Сметам дека мажите се постојан и еднаков дел од женската приказна, но поважно е да зборуваме за квалитетот на тоа присуство. Воспитните модели и културни вредности кои се стремат кон хуманизација на односите меѓу половите можат да донесат напредок за цела заедница.