tiric naslovna citaj be

Битола не е само град на архитектурата, калдрмата и Широк Сокак — таа е и „лулка“ на филмската уметност, како што вели продуцентот Илија Тирицовски. Неговото име стои зад неколку значајни проекти во македонската продукција – од популарни серии и документарци, до интимни и емотивни филмски приказни. Во ова интервју, Тирицовски зборува искрено за своите почетоци, за „тремата“ пред битолската публика, за работата на документарецот Градина и за тоа како изгледа патот до магијата наречена филм. Разговараме и за состојбата на македонската кинематографија и што ѝ треба за почесто да блеска на светските фестивали. А на крајот, открива и што се „крчка“ продукциски – и да, со Битола повторно во главна улога.

Читај бе: Роден си во Битола – град со богата филмска и културна традиција. Како оваа средина влијаеше врз твојата одлука да се посветиш на филмот?

Тирицовски: Можам слободно да кажам дека сум имал среќа да се родам и растам во Битола, град со богата културна традиција. Град во кој секогаш културата има примарно место во општествениот живот, со низа генерации на плодни музички и литературни автори во сите форми и жанрови. Град со врвен, ценет и почитуван театар не само во регионални туку и европски рамки и секако град – „лулка“ на филмската уметност во регионот. Вивидно се сеќавам на маестрални претстави на Народниот Театар Битола од домашни и странски режисери уште почетокот на 90тите, но и на фантастични филмови од програмата на Фестивалот на филмската камера Браќа Манаки, кои подоцна станаа и филмски класици. Битола беше неизбежна концертна станица на сите современи музички автори и групи од регионот, а за концертите, претставите и филмовите со недели се развиваа дискусии и се бараа „канали“ за дополнитени информации за авторите.

Токму тоа силно влијаееше и јас да се вклучам во различни активности како дел од таа културна сцена преку музички, театарски и перформанс проекти, радио емисии, фестивалите АКТО и Браќа Манаки итн. Така што дефинитивно Битола е “виновна” за мојот професионален фокус денес.

01. Premiera na Solo Mode na Sarajevo FF 2021

Читај бе: Кој беше твојот прв филм на којшто работеше?

Тирицовски: Филмот и музиката се моја голема љубов од дете, па од секогаш сум бил љубопитен за процесот на создавање. Првиот филм на кој можам да се сетам дека сум работел е еден документарно истражувачки филм за пештери во Демирхисарскиот крај, што го работевме во Гимназија, заедно со мојот тогашен професор по географија Никола Димитров. Тоа беше навистина возбудливо искуство, буквално авантура во непознато.

Читај бе: Секој битолчанец има своја приказна со фестивалот „Браќа Манаки“. Како изгледа за тебе да си дел од фестивалот не како гледач, туку како активен учесник, дури и со свои филмови на програмата?

Тирицовски: Фестивалот на филмска камера Браќа Манаки во Битола е неверојатно регионално културно богатство. Фестивал со толку голема традиција, со огромна тежина на квалитетни филмови во програма, со фантастични гости кои оставиле и оставаат силен печат во светската кинематографија и со неописливо силна почит што ја има во филмскиот свет, бидејќи се фикусира на многу специфична област во филмот – филмската камера. Да се биде присутен во Битола кога во градот доаѓаат сериозно големи и почитувани филмски автори, да се биде нивни домаќин, е навистина голема чест, задоволство, но во исто време и голема одговорност. Но, дефинитивно, најголема е возбудата кога на големото платно се прикажува филм на кој сум работел.

03. Na Brakja Manaki so filmot Site kje Umreme 2022

Читај бе: Имаш ли трема кога се прикажува твој филм пред битолската публика?

Тирицовски: Секоја проекција има своја тежина, секоја публика има свои гледања на филмското дело, но навистина имам трема кога филм на кој сум работел се прикажува во Битола. Независно дали станува збор за проекција на Браќа Манаки или на реперотар во кино, битолската публика е филмски писмена и многу критична. Па токму поради тоа, многу ми значи реакцијата на, како што јас сакам да кажам, домашната публика.

Читај бе: Филмот Градина навлегува во животот на луѓе кои тивко, но моќно го живеат својот отпор. Што ве трогна најмногу додека работевте на овој проект?

Тирицовски: Документарниот филм Градина ми е навистина драго и големо искуство. Од првиот момент кога режисерот Бојан Тантуровски и снимателот Кирил Шентевски ми ги покажаа снимките кои веќе ги направиле со (сега веќе) главните ликови во филмот, знаев дека имаме добра приказна. Како што знаете, филмот следи група на пензионери кои повеќе од три децении се занимаваат со градинарство на парцели од запуштено државно земјиште на периферијата на Скопје. После повеќедецениско градинарење, сега се соочени со урбанизација на тоа државно земјиште и исчезнување на едни од последните урбани градини. Чичко Рацо, тетка Стана, тетка Нада и другите луѓе околу нив навистина ме пленија со својата едноставност, искреност и желба за приземен живот. Неверојатна е нивната истрајност и инспиративна е нивната тивка борба против системот. За воодушевување е нивната енергија и посветеност. Тие со години се апсолутно свесни за ситуацијата во која се наоѓаат, дека нивниот „непријател“ нема лик, ниту име и презиме. Свесни се и очекуваат дека преку ноќ може да го изгубат она што со години го граделе, па благодарни се за секој ден и секој миг што имаат во нивниот изолиран свет, нивната природа на работ на урбаната џунгла.

Од друга страна и Бојан и Кирил подеднакво посветено, питомо и искрено влегоа во нивните животи, со апсолутна меѓусебна почит и доверба.

07. Na proekcijata na Gradina vo Bitola 2025

Читај бе: Колку беше тешко да се остане доследен на таа приказна пет години – и финансиски и емоционално?

Тирицовски: Да се ​​работи на ваков документарен филм значи да се оди по тенка линија помеѓу сведоштво и авторство, помеѓу светот каков што е и светот каков што го замислуваме. Убавината во целиот тој процес на креирање е патот во непознатото, бидејќи филмот никогаш не завршува онака како што сме го замислиле или планирале на почетокот. Секогаш се случуваат или појавуваат непредвидливи работи кои отвараат нови интересни „патеки“ по кои може да ја „движиме“ приказната, па одново реструктуирање, и пак и пак. Но сепак, во еден момент филмот мора и да заврши, приказната мора да ја ставиме во една рамка, да ја „форматираме“ во филм согласно предвидениот буџет. И да, тоа е долг процес, бара многу време и трпение, многу меѓусебно разбирање на креативниот и продукцискиот тим и емотивна поврзаност со ликовите.  

05. Na premierata na Gradina na Beldocs vo Belgrad 2024

Читај бе: Како продуцент, како препознаваш дека некоја идеја вреди да се претвори во филм? Преспав, 5 Плус, голем број документарци, сега и Градина – сите различни жанрови. Колку е лесно или тешко да се работи на различни проекти?

Тирицовски: Апстрактниот одговор на ова прашање веројатно би бил дека интуицијата е основа за почеток на секој добар проект. Но во суштина, многу други елементи се поважни во целиот процес на развој. Искуството, општествените, финансиските и медиумските околности во тој одреден момент, афинитетите и добра комуникација во кративниот тим, но пред се капацитетот на таа идеа од неа да произлезе привлечна приказна. Големиот Копола вели дека најважната состојка на филмот е начинот на кој таа приказна ќе се раскаже.

За мене најважно е да можам лично да се пронајдам во таа приказна, колку мене ми значи и ме допира и колку јас лично можам да резонирам со ликовите. Колку поголема е таа конекција, толку поголем е и мојот инпут во проектот. Во тој случај, и да работам на повеќе проекти паралелно, секогаш давам од себе и повеќе од потребното.

Читај бе: Колку е важно да се има тим со кој се разбирате и зборувате на ист јазик – филмот…

Тирицовски: Филмот во принцип е долг, но и периодично интензивен процес. Па, како и за секоја друга работа, основата е да се има добар и креативен тим со јасно поставена заедничка цел и меѓусебно разбирање. Но, искуството ми покажало дека секој член на тимот треба да има дополнителен личен мотив за работа на филмскиот проект. Посебно кај документарните филмови кои имаат специфичен пристап за реализација. Сите овие аспекти ги земам во предвид кога составувам тим за одреден проект.

04. Na WEMW vo Trst so filmot The Big Night 2023

Читај бе: Колку ви значат ваквите неформалните средби со публиката и работилниците со млади филмаџии?

Тирицовски: Во целиот процес на подготовка на филмот имаме во предвид дека крајниот производ е наменет за публика. Со нетрпение ја очекуваме секоја проекција и реакцијата на публиката. Како филмот допира до нив, како тие ја гледаат, слушаат и резонираат со нашата приказна. Токму затоа ваквите средби со публика, веднаш после проекцијата на филмот се вистинско богатство. Навистина е инспиративно што, ете конкретно во Битола, видовме дека публиката одлично реагираше на филмот Градина. Голем дел од нив многу слично, но доволно различно од нас, го доживеаа филмот. Сите имаа свое видување, свое мислење и очигледно ги инспириравме да размислуваат и да се потсетат на нешта кои се важни, ни недостигаат во нашите динамични животи, а некои од нив и со носталгија се навратија на нивните спомени низ годините назад. Затоа сметам дека во голем дел сме ја исполниле целта со филмот, не само што раскажавме приказна за една група на фантастични, вредни и скромни луѓе, таа приказна се рефлектира од публиката и може да предизвика дебата за барем минимални промени во нашето опкружување.  

06. Na premierata na The Walk na MakeDox vo Skopje 2024

Читај бе: Во последно време македонските филмови сè почесто се гледаат надвор од границите. Што ни недостига за да бидеме редовни на светската филмска сцена?

Тирицовски: За жал, сосема е погрешна општата перцепцијата за македонскиот филм во нашата јавност. Последниве години македонски филмови се скоро секоја година присутни на големите светски филмски фестивали. Наши филмови не само што добиваат позитивни критики, туку и важни награди. Многу повеќе и многу почесто од филмовите на соседните кинематографии кои имаат многу поголеми годишни буџети за филмска продукција. Факт е дека имаме таленти, приказни и вредни луѓе кои сакаат да креираат. Факт е дека недостигаат финансии, не само во филмот туку и во другите сектори на културата. Затоа сметам дека развојот на долгорочна државна стратегија ќе придонесе кон подобар имиџ на професионалците во секторот култура, а и подобра видливост на резултатите кои се остваруваат.

Читај бе: Дали нешто ново „се крчка“ кај тебе продукциски?

Тирицовски: Моментално работам на развој и реализација на неколку документарни и кратки играни филмови. Дел од нив се поврзани со Битола, па се надевам брзо ќе дојде време да ги прикажеме пред битолската публика.

02. Na MIDPOINT Institute vo Praga so filmot The Big Night 2022

Читај бе: Надвор од филмот – што ве опушта? Музика, планина, кафе на Широк Сокак?

Тирицовски: Надвор од филмот, музиката ми е опсесија, па прилично истражувам во различни музички жанрови. Природатата ми е уште една оддишка од урбаниот хаос, а Пелистер омилената планинска дестинација. И да, кафето на Широк Сокак е неизбежен ритуал со драги пријатели.

Читај бе: И за крај – што би му порачале на младите коишто сонуваат еден ден да бидат дел од филмската магија?

Тирицовски: Сите големи филмски имиња имале сон да работат (на) филм. Тежок е патот, но не е неостварлив. И навистина вреди да се проба. 

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Битола незаслужено го изгуби својот сјај и статус во регионов – одблиску со Силвана Петрова-Насух

Нејзиниот глас одѕвонува во документарни филмови, на културни и музички манифестации. Едноставно,…