Цветанка Огненовска Аврамовски е на 37 годишна возраст и за себе вели дека фитнесот моментално и е главна преокупација. Таа е дипломиран албански преведувач, лиценциран фитнес тренер, нутриционист и Магистер по финансии. Моментално Цветанка е студент на Биотехничкиот Факултет со насока ,,Храна и Диететика”.
Уште од раните години ја интересираа танцот и вежбањето, па тоа хоби од детството се претвори во професионално тренирање и подготвување на планови за исхрана. Таа во слободно време танцува со нејзините деца, а омилена активност и се долгите тренинзи.
Освен што е насочена кон фитнесот, водење на дневник за следни активности и онлајн работа со клиенти, таа е сопруга и мајка на две деца, а дневната рутина прилично и се сведува на грижа за децата, утринско кардио, тренинг, подготовка на потребните оборци за одржување на телото и работа.
Читај бе: Како мајка на две деца и специјалист за градбата на телото, тренер и нутриционист, како успеваш да го координираш времето за да останеш активна на сите горенаведни полиња?
Талентот за менаџирање на времето дефинитино е клучна алатка за спроведување на повеќе активности во текот на 24 часа. Секогаш практикувам да станувам еден час пред почетокот на сите планирани активности.
Читај бе: Кој беше пресудниот момент за отпочнување на фитнес кариерата и ставање акцент на важноста, на одржување здрав живот и убаво тело?
По 5 месеци од првата бременост со плус 35 кг успеав да си ја вратам мојата нормална тежина. Баш кога килограмите ги доведов во нормала повторно останав бремена. Со втората бременост останав активна и вежбав, а тоа беше и пресудниот момент каде што сфатив дека пасијата кон вежбањето е огромна и треба да ја претворам во професија. За таа цел слободното време секогаш го користев и се уште го користам на читање, готвење, посетувам семинари и вебинари поврзани со фитнесот, а пред скоро време запишав уште еден факултет за да бидам комплетна. Активно вежбам од крајот на 2010 година .
Читај бе: Со што би се издвоила од останатите фитнес специјалисти и нутриционисти и какви сѐ сертификати за специјалности поседуваш ?
По начинот на тренирање, процесот на пратење на клиентот, мотивација и инспирација, а пред се ментална подготвеност пред започнување со самиот процес на слабеење, во зависност од тоа која е целта на клиентот. Самата работа како атлета бара голема ментална способност, а јас и покрај обврските околу децата успевам таа ментална издржливост да ја приспособувам првично на себе, за потоа да можам да ја пренесам на моите клиенти. Тука може да се спомне и делот со играње, односно танц и приспособување на тие движења со цел да се постигне топење на мастите на забавен начин. Некои клиенти не сакаат монотонија во самиот процес на слабеење. Кога станува збор за исполнување на целта на еден клиент пресудна е храната, затоа и решив да завршам факултет токму во тоа поле, а насоката е ,,Храна и Диететика”.
Читај бе: Што треба да очекуваме од тебе во иднина?
Пренесување на моето досегашно знаење и искуство во фитнес светот во писмена форма и едукативни видеа кои би им служеле на моите следачи.
Читај бе: Колку време човек треба да посвети на активно вежбање и правилна исхрана за да постигне видливи резултати?
Според моето досегашно искуство, доколку се работи за почетник, првиот чекор е ментална и психичка подготовка, бидејќи не е лесно да излезеш од светот на брзата храна и брзиот начин на живот и директно да скокнеш на активно вежбање и правилна исхрана. Откако процесот на ментална подготовка ќе се стекне заедно со одредени навики и подготвеност за начинот на изведување на вежбите се пренасочувам на обука за правилна исхрана. После овие фази веќе можеме да зборуваме за активното вежбање кое за почетник треба да е минимум 40 минути до еден час на ден. За разлика од рекреативците, за оние кои професионално се занимаваат со bodyboulding, начинот на вежбање и исхраната се сосема различни и секако интензитетот и времетраењето на тренинзите е подолго.
Читај бе: Колку е голема потребата од фитнес тренери и подготовка на планови за исхрана за постигнување на зацртани цели и резултати?
За разлика од Европа и прекуокеанските земји, кај нас се уште не знаат колку е важно да имаш човек, тренер, мотиватор и водич кој ќе те научи како да ги изведуваш вежбите без да се случи повреда, кој ќе те научи да се храниш (да ослабеш без да се изгладнуваш), кој ќе те обучи околу градењето на мускулна маса со внесување на повеќе храна во комбинација со правилен тренинг. Се со цел да не изгледате како ,,набилдано прасе”. 😀
Читај бе: Дали има видливи разлики помеѓу поединци кои вежбаат со советници, тренери, специјалисти и оние кои ја изведуваат оваа активност самостојно?
Секако дека има разлики. Тука би навела само неколку од разликите кои сум ги воочила во текот на мојата кариера во ова поле и тоа, сила за повеќе репс повторувања (со тоа што знаеш дека имаш човек покрај тебе добиаш автоматски повеќе сила за изведување на вежбите со поголема тежина). Ова уште би го нарекла пласибо ефект на повеќе издржливост и сила знаејќи дека имаш некој до тебе да ти помогне во целиот процес. Друго е кога некој те следи во прогресот и ти посочува на што да обрнеш внимание, а сосема друго е кога целиот процес го правиш сам.
Читај бе: Колкав е степенот да едуцираност во нашето општество за оваа сфера и кои се најчестите заблуди за начинот на исхрана кои си ги забележала кај поединци?
Кај нас едуцираноста најчесто потекнува од неколку прочитани книги, па потоа веднаш стануваат ,,специјалисти” за одредена тема во фитнесот, а секако тоа не е возможно, затоа што никогаш неможеме да знаеме се во врска со фитнесот. Ова е голема тематика и затоа постојат толку специјализации и различни полиња каде што можеме да се едуцираме како на светско, така и на интернационално ниво. Се уште постојат поединцци кај нас кои мислат дека без храна ќе постигнат резултат и тоа за една недела, а не ги знаат последиците од таквиот начин на живот и исхрана. И ако имаме целосен пристап, барем во денешно време, на интернет, сепак постојат заблуди кај луѓето, посебно како резултат од лажни надежи и ветувања презентирани од некои квази фитнес тренери и нутриционисти.
Читај бе: Каква е врската помеѓу менталното здравје, исхраната и активностите кои ги извршуваме во текот на еден ден?
Тие се тесно поврзани. Би рекла дека се работи за триаголник на комплетното здравје кај човекот кои функционираат како едно цело и целосен резултат би имале само во случај кога сите фнкционираат заедно.
Читај бе: Како би можеле да ја поттикнеме и задржиме мотивацијата со цел да останеме активни, редовни и континуирано да работиме на себе ?
Од лично искуство можам да кажам дека мотивацијата ќе е пристуна доколку би ја ставиле на прво место дисциплината, затоа што таа е движечка сила во целиот процес. Кога најмалку ни се прави она што мораме да го направиме, а не доволно го сакаме, мотивацијата е на нула. Дисциплината е таа која што не води кон целта и го одржува процесот константен.
Читај бе: Што се треба да поседува еден успешен фитнес специјалист и како треба да ги одржува во континуитет своите способности?
Еден успешен фитнес специјалист треба да поседува сертификат за самата област и професија, да работи на себе и убаво да изгледа, да има искуство и да знае да го пренесе тоа искуство и знаење на клиентот и секако да е многу добар психолог и мотиватор. Исто така е значајна проценката на самиот клиент уште од самиот почеток, затоа што во некои моменти сите реагираме различно. Ова е работа со луѓе и ако не шириме позитивна енергија и ако не знаеме да работиме со луѓе подобро да не почнуваме со оваа работа.
Читај бе: Што би им препорачала на нашите читатели за важноста на задржување здраво тело, стабилно ментално здравје и одржување на имунитетот на завидно ниво?
Подгответе се психички, за да ги реализирате целите во физичкиот свет. Идеите се раѓаат првично во нашите глави за потоа да ги пренесеме во реалноста во која живееме. Вежбањето и физичката активност не се клучни само за градење на телото, туку и за градење издржливот, фокус, дисциплина, цврстина и слични промени кои ќе ги доживеете низ самиот процес. Затоа останете активни, не само поради изгледот, туку и поради здравјето. Грижете се за своето здравје, затоа што здравјето е клучот на среќен живот.