Присуствував на една мала семејна веселба кога наеднаш, како изненадување за славеникот, „загрми тапан со подземен екот“, а сите гости станаа понесени од македонскиот ритам и секако, ги извадија телефоните. Кога станав, не било само до тапанот и ритамот… На тапанот удираше 14-годишната Бојана Илиевска од Битола, гордо, смело, емотивно, онака како што старите македонски тапанџии во секој удар на тапанот удираа во ритамот на пулсот на Тешкото…
Тоа беше причина да направиме краток разговор со Бојана за љубовта кон фолклорот и тапанот, кога започна да тропа, колку време учеше и како реагираат луѓето кога ќе ја видат и слушнат како тропа на тапан.
Читај бе: Бојана, најнапред кажи ни нешто за себе… колку години имаш, каде учиш, кое одделение си?
Бојана: Јас сум Бојана Илиевска, имам 14 години и учам во ОУ „Стив Наумов“ Битола и сум 9-то одделение.
Читај бе: Кога беше твојот прв контакт со тапанот, на која возраст?
Бојана: Мојот прв контакт со тапани беше од мојата 8-годишна возраст. Мојот покоен татко беше љубител на тапанот и од мали нозе ме учеше да тропам. Ми беше интересно и потоа сето тоа се претвори во љубов кон тапанот.
Читај бе: Дали беше тешко да научиш? Колку време ти требаше?
Бојана: Не е тешко да се научи ако имаш желба. Човек учи додека е жив.
Читај бе: Бојана, како реагираат луѓето кога ќе видат дека девојче тропа на тапан? Во КУД „Гоце Делчев“, покрај момчињата, уште неколку девојчиња ја негувате оваа традиција…
Бојана: Луѓето се воодушевени од тоа што го гледаат, а постарите се радуваат на зачуваната традиција.
Читај бе: Колку време треба да се вежба за да се усоврши техниката?
Бојана: За да се усоврши техниката на тапанот до некоја цел, потребни се од една до две годни. Но, како што реков и претходно, човек учи додека е жив.
Читај бе: Може ли да ни опишеш какво е чувството кога ќе „грмне“ тапанот, што е она што го чувствуваш додека тропаш следејќи ја мелодијата?
Бојана: Понесена од мелодијата, чувството е многу возбудливо кога ќе се слушне ударот на тапанот.
Читај бе: Неодамна учествувавте и на фестивалот „Пеце Атанасовски“ во Долнени. Какво беше искуството таму?
Бојана: Да, учествувавме и ние го покажавме цело наше искуство, но не беше страшно зашто искуството веќе го имаме, затоа што повеќе години учествуваме на фестивалот посветен на Пеце Атанасовски.
Читај бе: Дали би сакала и во иднина да продолжиш со негување на фолклорот и продолжување на македонската традиција?
Бојана: Да, јас сум Македонка и сакам македонските традиции и во иднина да ги продолжам и да ги негувам.
Читај бе: И на крајот, може ли да ни кажеш што друго сакаш да правиш, кое е твое хоби?
Бојана: Освен тапанот друго хоби ми е и играорната. Јас ги сакам и тапанот и играорната и цел живот ќе останам во АФ „Гоце Делчев“ Битола.