ања 1

На крајот од 2023 во музичкиот етер се појави ново име – 13-годишната Ања Мицевска од Битола. Таа го промовираше своето музичко првенче насловено „За нас“, песна за една тинејџерска урбана приказна за првата љубов, првиот занес и сите слатки маки во тинејџерските години.

Ања го исполни просторот кој според неа е празен – многу ретко се компoнираат песни за тинејџери. Вели – има еден куп песнички за мали дечиња и потоа песни за возрасни. За тинејџери, ако самите не си побараме, на никој не му текнува да создаде музика.

Токму затоа, заедно со нејзиниот татко, познатиот музичар Горан Мицевски – Кус, но и со поддршка од семејството и блиски соработници, на иницијатива на Ања, ја создадоа оваа песна која го шири младешкиот дух и шири позитивна енергија.

Ова беше причина да ја запознаеме одблиску Ања, како се создаде песната, какви беа реакциите, која е нејзината порака до врсниците…

ања 6

Читај бе: Најнапред би сакале да дознаеме – која е Ања Мицевска?

Ања: Ања Мицевска е најрегулар тинејџерка од Битола која ужива во музиката, танцувањето, модата, дружбата со пријателите и во живо и на социјалните медиуми и која понекогаш ужива и во училишните обврски, а понекогаш учи затоа што мора и да се учи. Сега сум осмо одделение и на училишните обврски им посветувам поголем дел од денот, но секогаш успевам да најдам време и за забава и дружење.

Читај бе: Кој беше твојот прв контакт со музиката? И дали тука си „работат“ гените со оглед на тоа дека твојот татко е музичар?

Ања: Најверојатно првиот контакт бил уште пред да се родам затоа што кај нас нон стоп се слуша музика. Татко ми кога не свири компонира, а кога не компонира преслушува се што е ново и од популарната, но и од сериозната музика. Сигурна сум дека и гените, но и тоа што сум постојано опкружена со музика се виновни што јас сум се „заразила“ со ритамот и музиката уште како мала.

ања

Читај бе: Кој вид музика најмногу ти лежи? И што е она што сакаш да слушаш?

Ања: Најмногу уживам во поп, амбиентална и електронска музика односно музика на која може да се танцува.

Читај бе: Неодамна го промовираше твоето музичко првенче. Ќе ни раскажеш ли како дојде до снимање на песната? Чија иницијатива беше?

Ања: Песната „За Нас”  беше моја иницијатива и моја желба, а имам среќа што за моите најблиски правењето на песна не само што не е проблем, туку е и задоволство. Најпрво се компонираше музиката, потоа се напиша текстот и јас ја испеав во студиото на татко ми. Направивме неколку снимки, тој ја избра најдобрата и потоа ја направи доработката. Многу ми беше интересно снимањето, како на филм.

Читај бе: Кој ја потпишува песната и за што се работи?

Ања: Музиката за песната  „За Нас” ја компонираше татко ми. Текстот за песната го напишаа Јулиа Мицевска и Ирена Мирчевска Љац, ама и јас им давав идеи, затоа што знаев каква сакам да ми биде првата песна. Откако беше готова песната, Стефанија од студиото за танц Анастасија Центар од Битола ја подготви кореографијата затоа што таа ни беше потребна за спотот и на крај откако ја извежбавме кореографијата се сними и спотот за да имаме целосен производ и за слушање и за гледање. Инаку песната е тинејџерска урбана приказна за првата љубов, првиот занес и сите слатки маки кои ги имаме кога сме во тинејџерските години.

ања 3

Читај бе: Колку ја добиваш поддршката од твојот татко кога се работи за музиката?

Ања: Најмногу имам поддршка од татко ми, но ме поддржува целото семејство. Сепак, мислам дека татко ми е најсреќен затоа што сега сме и „колеги“, а сепак е тука и како родител за да ме подучи и да ми даде насока и да ми помогне за се што е потребно.

Читај бе: Дали сметаш дека треба почесто да има песни кои ја опфаќаат токму оваа група – тинејџерите?

Ања: Па треба. Некако авторите ја забораваат нашата возраст, а нема ни фестивали ниту пак некои посебни емисии. Има еден куп песнички за мечиња, слончиња, топчиња, односно за мали дечиња и потоа песни за возрасни. За тинејџери, ако самите не си побараме, на никој не му текнува да создаде музика.

ања 2

Читај бе: Какви беа реакциите од твоите врсници кога ја слушнаа песната?

Ања: Дури и јас се изненадив колку беа убави, позитивни реакциите од моите врсници. Можеби ги очекував од оние кои ги познавам или ме познаваат, но добив навистина огромен број на пораки и коментари од врсници од цела Македонија на кои им се допаѓаат песната и спотот и кои ми даваат поттик да продолжам да се занимавам со музика.

Читај бе: Ања, покрај музиката, што е она што сакаш да го правиш во слободно време…кое е твоето хоби?

Ања: Многу сакам да танцувам. Дел сум од студиото за танц Анастасија Центар од Битола и многу сум среќна кога танцувам. Сакам и да се дружам со моите пријатели и на социјалните мрежи но и во живо, ја сакам модата и многу ги сакам животните.

ања 4

Читај бе: Каде се гледаш во иднина, дали во музиката или можеби во некое друго поле?

Ања: Јас не можам да си го замислам мојот животот без музика и танцување. Се уште не знам дали ќе продолжам професионално да ја изучувам, уште не сум решила дали ќе продолжам во средно музичко училиште или ќе учам нешто друго, но знам дека музиката ќе си биде дел од мојот живот.

Читај бе: И на крај, која е твојата порака до своите врсници?

Ања: Да не се плашат и да не се срамат да создадат нешто што го сакаат, што им се допаѓа. Ние како генерации некако се плашиме дека ако направиме нешто ќе добиеме лоша критика и одлучуваме ништо да не направиме. Но, откако излезе песната сфатив дека е навистина убаво да се надмине стравот и срамот и да и се покаже на публиката талентот кој секој од нас го носи во себе. Хејтери имало и ќе има секогаш, и ним сакам да им порачам наместо да навредуваат, да почнат и тие да создаваат убави нешта.

meblo trejd cestitka
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Битола незаслужено го изгуби својот сјај и статус во регионов – одблиску со Силвана Петрова-Насух

Нејзиниот глас одѕвонува во документарни филмови, на културни и музички манифестации. Едноставно,…