Елена и Јана Тунтевски се близначки, кои неодамна завршија прва година во СОУ Гимназија „Јосип Броз – Тито“ – Битола. За кратко, заминуваат во Словенија со своите родители. Двете се извонредни и инспиративни млади девојки, двете со свои желби и планови, и двете се активни на сите полиња кои им се достапни за нивната возраст.
Инклузијата на учениците кои имаат одредена попреченост е вистински предзивик за образовниот систем, за наставниците, за родителите и учениците. Според бројните истражувања, во моментов Словенија им нуди најдобро услови на учениците кои се соочуваат со одредена попреченост за да можат да имаат активен социјален живот и да се вклучени активно во него.
Елена е девојка која инспирира, мотивира. Всушност такво е целото нејзино семејство. Кога некој се соочува со попреченост, важна е поддршката од семејството.
После читањето на интервјуто – слободно можеме да се запрашаме: Каде се наоѓаме ние, кои можеме со леснотија да пресокнеме неколку скали? На што се жалиме? За што сме благодарни?
Читајте…може ќе откриете нешто што не сте знаеле за вас.
Читај бе: Како си помина во Гимназијата „Јосип Броз – Тито“?
Елена: Во Гимназијата си поминав одлично. Полна е со најразлични активности за секојученик. Но, се разбира, има и многу предизвици. Со труд и работа, од вратите на Гимназијата можeме да излеземе подготвени за иднината.
Читај бе: Средното образование од II година го продолжуваш во Словенија – што очекуваш?
Елена: Моите очекувања и возбуда – се многу големи. Јас сум подготвена да го продолжам средното образование во Словенија. Едно од моите големи очекувања е дека самата држава е место, каде што лицата со попреченост- лицата како мене, можат да живеат како и другите.
Читај бе: Важиш за една од најдобрите ученици во I година- која ти е најголемата мотивација за учење?
Елена: Најпрво сакам да кажам дека ми е од голема чест да ја имам таа титула. А во однос на мојата најголема мотивација би рекла дека е планот кој си го имам зацртано за што следи после средното образование. Сакам да станам психолог- Словенија исто така ми ја отвора таа врата.
Читај бе: Вклучена си скоро во сите училишни активности- и постигнуваш сѐ што ќе започнеш?
Елена: Па со самото вклучување во активностите, јас учам нови вештини кои можеби ќе ми бидат од голема корист за во иднина.
Читај бе: Како ти се допадна инклузијата во Гимназијата, како беше прифатена од соучениците?
Елена: Инклузијата во Горната беше прекрасна. Сакам од срце да ѝ се заблагодам на директорката Лидија Споа и целиот наставнички кадар. Нивната безрезервна поддршка, и инклузија во училиштето беше од огромна важност за мене. Од соучениците исто така за кратко време бев одлично прифатена.
Читај бе: Омилен предмет, зошто?
Елена: Англиски јазик и Ликовна уметност ми беа омилени предмети оваа година. Англискиот е јазик кој во денешно време секој треба да го знае, особено ние младите, кои многу голем дел од нас, факултетско образование ќе го продолжиме надвор од Македонија. Ликовно е одличен предмет за тие кои сме на ЈУА и на ЈУБ. Имавме слобода да нацртаме она ние што сакаме да нацртаме. Па затоа, предметот ликовно е многу добар начин за да се претставиме самите себе.
Читај бе: Омилена книга, и зошто?
Елена: Омилен серијал од книги ми е Anne of Green Gables. Серијата направена според овие книги на Netflix е исто така многу убава. Моментално ја читам првата од книгите која е со истото име како и самиот серијал, на англиски јазик. Се надевам во иднина ќе ги најдам сите 6 книги, и така ќе ја имам целата колекција.
Читај бе: Каде се гледаш во иднина?
Елена: Во иднина се гледам во Словенија. После средното образование сакам да студирам психологија. Со труд и работа се надевам дека моите планови и идеи ќе станат реалност.
Читај бе: Од колкава важност е асистентот и соработката со него?
Елена: Мојата асистентка – Биљана Николовска е прекрасна жена. Како личност, и како соработник, таа е навистина една во многу. Се грижи за мене, секогаш е тука кога и да ми треба помош. Во зависност од тоа во која смена сум тој месец, асистентката или ме носи во училиште, или ме враќа дома.
Читај бе: Порака за децата кои имаат попреченост, а ќе се запишуваат во Гимназијата „Јосип Броз – Тито“?
Елена: Продолжете со работа! Со труд работа и голема волја, ќе ги остварите вашите соништа. Гимназијата е одлично средно училиште, каде што ќе се обидат навистина сѐ да биде како што треба, па попреченоста на училиште нема да биди многу голем товар. Нема да биде голем товар и ќе излеземе подготвени за предизвиците и тешкотиите кои ги носи животот.