Патувањето низ светот често ни дава некои нови перспективи и видици кон работите. Особено кога сме во посета на една од водечките економско-социјални земји Шведска. Емилија Мисирлиевска, долгогодишен новинар од Битола, неодамна имаше можност за една кратка туристична посета токму во Стокхолм, Шведска и во еден наш разговор после нејзиното враќање ги сподели нејзините впечатоци со нас, а особено фактот колку е чисто и зелено насекаде во Шведска, за центарот во Стокхолм без паркинг, за патиштата без дупки, нешто што навистина и ние овде го заслужуваме како секојдневие.

емилија 21

Читај бе: Емилија, неодамна имаше можност да ја посетиш Шведска. Иако сме свесни дека општеството таму е многу понапредно и поорганизирани, сепак кажи ни, што е она што најмногу ти запна за твоето новинарското око?

Емилија: Претпоставувам дека нема да биде ново ако кажам дека имаат  функционално општество и организиран систем. Па, така има ред кој го почитуваат сите, без оглед дали станува збор за сообраќајна култура, екологија, начинот на кој функционираат општините за потребите на граѓаните, прецизноста на јавниот превоз, редот во сите сегменти на живеење. Велат дека Шведска е силна социјална држава, со висок стандард. Кусо бев таму за да зборувам за тоа, затоа што едно е кога одите во некоја друга држава туристички, а сосема друго да живеете таму. Кога сме во кус престој, сé ни изгледа убаво, кога човек останува подолго, ќе ги види и предностите, но и слабостите. Но, врз основа на она што го добивав како информации, а и според моите впечатоци, може да се каже дека работа има за секој, а просечните примања се сосема доволни за еден нормален живот. Иако морам да кажам, дека економската криза ја чувствуваат и жителите на оваа европска држава.

Читај бе: Која е најголемата разлика која ја воочи таму, ако веќе споредуваме на пример со Битола?

Емилија: Неспоредливо е во било кој сегмент, разликите се огромни. Стокхолм е зелен град, еколошки меѓу најчистите во Европа, па веројатно и во светот. Кај луѓето свеста за тоа е на високо ниво, отпадот се селектира, оние кои не сакаат да го селектираат и плаќаат поголеми сметки. Нема ѓубре на зелените јавни површини, секое парче земја е зелено, насекаде има трева и дрвја. Контејнерите се чисти и нема непријатна реа на смет никаде. Секој е задолжен за својот двор, се разбира. На прашањето кој ги одржува зелените јавни површини во населбата во Стокхолм каде што престојував, добив одгвор кој ме изненади. Жителите се организирани преку Куќни совети, па така, од буџетот во кој сите учествуваат, се издвојуваат пари за одржување на зелените површини во нивната населба кои се надвор од нивните дворови. Значи не чекаат Комуналец или некое јавно претпријатие тоа да го направи. Не видов кога се подигнува сметот, најверојатно тоа се прави ноќе. Не видов ниту едно куче или мачка скитник. Населбата каде што престојував е покрај езеро и во шума, па во дворот доаѓаа зајаци, срни, верверици и мачките на соседите, но нема напуштени домашни миленичиња.

Читај бе: Што е со луѓето? Што ти остави најголем впечаток кај нив?

Емилија: Интересно е тоа што соседите те поздравуваат иако не те познаваат, љубезни се.  Не важи онаа познатата изрека во која ние веруваме дека на Север луѓето се студени и непристапни.  Бев во мај, времето беше сончево и убаво, вистинска пролет, па Швеѓаните тоа максимално го користат. И возрасните, но и младите мајки со деца се излезени во парковите и уживаат на мајското сонце.

Читај бе: Колку имаше можност да дојдеш во контакт со нивната организираност како општество? Те остави ли без зборови нешто?

Емилија: Да, реков дека тоа е едно органзирано општество каде секој си ја гледа работата, а системот функционира. Не дека нема пропусти, има но, тоа е општество кое мисли на поединецот. Инаку, како што реков, има и пропусти, слушнав неколку одвоени лични приказни за пропусти во здравството. Но, нивните реакции се конкретни, бараат одговорност, не плачат и не плукаат по социјалните мрежи, туку си ги бараат правата.

емилија 10

Читај бе: Што е она што ти остави најголем  впечаток, а би сакала да е дел и од нашето секојдневие?

Емилија: Фасцинирана сум од патната инфраструктура. Едноставно нема лоши  патишта, нема дупки на патиштата, нема опасни делници.  Тоа посебно ме лути кај нас, возиме по ризични и опасни патишта, безбедноста е на исклучително ниско ниво, па секогаш кога ќе излезам од Македонија, се враќам разочарана дома токму поради оваа наша реалност. Она  што посебно го издвојувам и сакам да го потенцирам е сообраќајот. Јас доживеав културен шок во Шведска. Во Стокхолм, милионски град, и по број на жители и по број на туристи, нема сообраќај. Улиците се полупразни, автомобилите се вистинска реткост. Дел од улиците во строгиот центар се пешачки зони, нема паркинг места. Тоа ги принудува луѓето да не изглегуваат со автомобил. Поголемиот дел од населението користи  јавен превоз, метро и  автобуси за поголеми дистанци. Ќе видите дотерани  мажи и жени, ученици, студенти, постари луѓе, како чекаат на станиците или се возат во метро. Масовно се користат и  велосипедите и електричните тротинети. Стокохолм е велоград, секаде има велосипедски патеки. Но, луѓето и многу пешачат. Никој не користи превозно средство за мало растојание.  Ете тоа сакам да биде дел од нашето секојдневие.

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Битола незаслужено го изгуби својот сјај и статус во регионов – одблиску со Силвана Петрова-Насух

Нејзиниот глас одѕвонува во документарни филмови, на културни и музички манифестации. Едноставно,…