Здружението за млади и култура „Догма“ и оваа година ќе ја организира велосипедската градска трка на Светскиот ден на велосипедизмот, позната под името „Вело Трка” која ќе трае три дена, од 03.06.2022 до 05.06.2022 година и на која имаaт можност да учествуваат сите лица желни за велосипедска авантура. Оваа година младите креативци од „Догма“ со цел да обезбедат одлична прилика за нови предизвици и забава, ги повикуваат како професионалците, така и рекреативците на нов предизвик со тоа што ќе земат учество и ќе се приклучат во една од следниве трки: машка трка – 21 км, женска трка – 21 км, како и рекреативната машка и женска трка 10 км.
Велосипедистите, професионалници и рекреативци, со своето учество не само што можат да покажат дека Битола е градот на културата и развитокот, туку и ќе бидат наградени во зависност од личниот успех постигнат на велосипедската трка.
Основачот на невладината организација „Догма“, Александар Димитријевски од Битола, вели дека целта е овој настан да прерасне во традиција со која ќе се одбележува спортскиот дух на учесниците, постари од 14 години, желни да го негуваат и унапредуваат велосипедизмот во Битола.
,,Да послужиме како пример за идните генерации и да им покажеме на надлежните органи дека младите во Битола заслужуваат подобри услови за спорт, особено за велосипедизмот. Со оглед на состојбата на велосипедските услови во нашиот град, од најголема важност за нас е да се слушне гласот на младите и Битола конечно да добие патеки за велосипедизам. Очекуваме младите да ја поддржат и развиваат нашата идеја, заедно да се бориме за здрави и енергични индивидуи, како и друштевниот живот да се издигне на уште повисоко ниво” – вели Александар Димитријевски, претседател на „Догма“.
Освен можност за натпревар со велосипеди, организаторите апелираат на учество во едукативната работилница наменета за основците и средношколците на плоштадот „Магнолија”, како и рекреативно дружење на екстремните велосипедисти „На Фонтана“.
Подготви: Сара Трајчевска