Најголемиот христијански празник, Воскресението Христово – Велигден секогаш се поврзува и со козињакот. Битолските вредни домаќинки пред Велигден го бараат совршениот рецепт, го прават ова слатко задоволство и го чуваат (го замрзнуваат) за празничната велигденска трпеза. Некои ги сакаат старинските и традиционални рецепти, додека некои сакаат да испробаат некој нов рецепт. Еден таков рецепт со нас сподели вештата жена од Битола, Наташа Гулабовска Георгиевска за кој вели дека е неверојатно вкусен и едноставно неодолив.
А, штом е предложен од вистински мајстор во кујната, вреди да се проба, нели?
Рецепт за Панетони – Италијански козињак
Потребно:
- 20 грама свеж квасец
- 225 милилитри топло млеко
- 350 грама брашно
- 100 грама путер
- 3 жолчки
- 50 грама шеќер
- 85 грама кандиран лимон или портокал
- 50 грама суво грозје
- 1 лажица мелен орев
Подготовка:
- Ставете го квасецот во топло млеко со малку шеќер и оставете го да нарасне.
- Во брашното додадете ги жолчките, шеќерот и растопениот квасец.
- Потоа додадете го путерот, кандираното овошје, оревите и повторно замесете. Оставете го тестото да се подигне.
- Во намрсен калап за печење ставете го тестото и оставете го да се подигне уште 30 минути.
- Загрејте ја рерната на 200 степени и печете 15 минути, а потоа намалете на 180 степени и допечете.
- На крај може да наросите шеќер во прав откако ќе се олади испечениот козињак.