Ивана Христова наскоро ќе матурира од клупите на ОСМУ „Јован Калаузи“ во Битола. Пред некое време ја промовира нејзината книга поезија „Огнот во мене“. Таа е уште еден млад човек кој го разбива митот дека младите луѓе во Битола не прават ништо, напротив прават сѐ што е во нивна моќ за ние возрасните да ги чуеме. Нејзината книга е веќе во продажба.
Она што е интересно, Ивана кажа дека собраните средства од продажбата ќе бидат насочени во хуманитарни цели за божиќните празници.
По тој повод, ѝ поставив неколку прашања на Ивана, кои се зачинети со делови од нејзината поезија.
Овие нови деца во себе носат некој интересен животен и бунтовен пламен, кој ако продолжи да се распламтува, дефинитивно ќе имаме младина за пофалби.
Читај бе: Зошто го избра поетскиот јазик за да му се обратиш на светот?
Ивана: Поезијата излегува од душата. Прво треба да ја напишеш за себе, да ги исфрлиш твоите чувства на лист хартија, а потоа да ја приложиш на светот. Можеби некој, каде и да е, ќе се пронајде во бар еден стих. ,,Огнот во мене” можеби гори и во нечија друга душа далеку од мене.
Поезијата е смирува, таа е лекот за болката и тагата, таа е адреналинот за срцето и радоста, метафорички кажано за мене, поетот е ,,доктор”, а песната пропишан ,,рецепт” за читателот.
Читај бе: Твојата книгата ја продаваш, но парите одат во хуманитарни цели, зошто треба да те поддржиме?
Ивана: Книгата ја препорачувам на сите млади, зашто имаме слични детски чувства, слични желби и неостварени очекувања, а би ја препорачала и на возрасните да ја прочитаат и да нè разберат дека живееме во еден поинаков свет, во една различна околина и друг помодерен, понапреден и понов век од нивниот. Да, парите од купените примероци на книгата одат во хуманитарни цели. ,,ДА БИДЕМЕ НЕЧИЈА СРЕЌА” за Нова годинина, за Бадник и за Божик – гласеше мотото на хуманитарната промоција која беше одржана со цел да помогнеме некому за кого знаеме дека навистина е потребна нашата помош. Јас како млад автор на книгата ,,Огнот во мене”, ги повикувам сите читатели и љубители на пишаниот збор, да ја купат книгата, да ме поддржат во мојата идеја, да ја отворат својата хумана страна. А верувам дека и по нешто ќе научат од мене, како што учам јас од другите. Всушност, мислам дека сите сме поврзани на некој чуден начин меѓусебно, битно е да се поддржиме, кој колку може – така е најдобро. Нашето малку, за некого е многу…
Читај бе: Како светот го замислуваш како некој кој допрва ќе заплива во академски води?
Ивана: Академскиот свет и ние (мојата генерација) како идни академски граѓани треба да му приложиме на општеството квалитетен кадар кој ќе биде иднината за успех, иновативност и креативност на секое поле. Мораме да покажеме, докажеме дека сè може да оди напред. Еден ден, би сакала и книжевноста да има подмладок, како што е сега науката на чие поле се најавуваат млади иноватори, неоткриени таленти и ,,големи” умови.
Разговараше: Биљана Т. Димко
Во продолжение три песни од Ивана, на кои не им потребна поетска анализа – поезијата не се објаснува туку се чувствува.
БУРНИ ВРЕМИЊА
Се навикнав.
Да не се плашам од сомнежите,
да не тагувам по копнежите,
да не барам добрина меѓу луѓето.
Изгубив во играта за трофеј,
играт која беше мое достигнување,
која требаше да е моја победа.
Ми беше потребна помош.
Не можев да ги скријам маките
и да бидам роб
на нечии големи тајни.
Отсекогаш бев и сега сум
цврста карпа која останува
и после толкуте бурни времиња.
НЕМИ УТРА
Стојам на празната калдрма
каде некогаш имаше џагор,
деца со нивните весели игри.
Стојам и бесцелно гледам
како небото и земјата се спојуваат
на далеку, на крајот од сокачето
каде улицата е скроз нема.
Каде ли се тетките на прозорците,
озборувањата пред портите,
случајните минувачи со лебот в рака
и топлите утрински поздрави?
Како да се надевам
дека ќе поминат овие тмурни утра
и ќе се повлече сета тишина,
тука од нашето маало,
та повторно како сонце
на сите лица ќе изгрее
блескава, топла насмевка.
КАДЕ СУМ?
Во чии мисли сум,
во чии соништа ноќва заспивам?
На кој ли сум јорган
што му прави топлина на срцето?
Кој стих од песна
тивко во самотијата ме опејува?
Какво значење имам кај оној
што му сум присутна во животот?
Во чии спомени,
каде, во кои сеќавања се наоѓам?
Дали некој копнее
да го види сјајот во моите очи?
Сака ли некој бар на секунда
да ми го чуе гласот?
Сум ли некоја утеха,
па на моја слика раскажува сè?
Што ли сум јас,
минато, сегашност или иднина?