hotel molika naslovna

После 30 години, ќе се реновира Хотел Молика, нешто што сигурно беше голема желба на битолчани кои своето слободно време често го минуваат тука. Хотелот ќе се реновира надворешно, но и внатрешно, а исто така ќе има и новини и нови содржини на задоволство на посетителите.

hotel molika 26

За тоа како тече процесот на реновација и каков нов лик ќе добие хотел Молика, поразговаравме со директорот на ЕСМ Молика, Миле Велјановски.

hotel molika 8

Најнапред кажете ни како одат активностите за темелното реновирање и каков нов лик ќе добие хотелот?

– Навистина ми причинува големо задоволство што реновирањето на Хотелот Молика за првпат откако е изграден, пред 30 години, предизвика големо внимание во јавноста и реакциите се исклучително позитивни. Молика е симбол на Битола и особено на Пелистер и затоа се радувам што со реконструкцијата ќе добие лик каков што заслужува. Активностите на надворешниот дел од хотелот ќе ја зачуваат автентичноста на објектот, а оние што се во тек во внатрешноста ќе го зголемат квалитетот и задоволството при престојот на нашите гости. Ламперијата на фасадата која беше дотраена ја заменуваме со термоизолациски панели со природен декор за да може хотелот да го зачува својот препознатлив изглед, а од друга страна ќе постигнеме максимална енергетска ефикасност. И останатите зафати што се изведуваат се во насока да го задржиме традиционалниот препознатлив лик на хотелот, со користење на современи градежни материјали кои се економични и ефикасни.

Покрај надворешниот изглед, планирано е и реновирање на собите. Што конкретно е предвидено за да се промени кога зборуваме за внатрешноста на хотелот?

– Активностите за реконструкција на Хотел Молика ги започнавме уште во текот на летото. Пред летната тераса на хотелот изградивме детско катче, со специјална подлога за детски игралишта и со реквизити за забава на нашите најмлади гости. Ова е една нова содржина на хотелот на задоволство и на децата и на нивните родители. Исто така, во текот на летото, ги заменивме гарнитурите за седење во лоби барот, па сега и тој дел од хотелот нуди попријатен амбиент за гостите. Со почетокот на интензивните градежни работи, продолживме со целосно менување и на ентериорот во хотелските соби. Набавивме нови душеци за сите кревети, нови телевизори и мини барови за сите соби. Се менува и дограмата, подот, одводот и системот за парно греење, така што престојот во хотелот ќе го подигнеме на повисоко ниво и задоволството на гостите ќе биде уште поголемо.  

hotel molika 28

Во хотелот се планирани и некои новини, како што е каминот кој треба да придонесе за попријатен амбиент во зимските денови. Што друго како новина да очекуваат посетителите после реновирањето?

– Покрај сите овие активности што ги споменав, во тек е и реновирање на затворениот дел од летната тераса. На таванот поставена е изолација и дрвена ламперија за поприроден планински изглед на терасата. Со изградбата на камин ќе се заокружи новиот лик на тој дел од хотелот, а нашите посетители ќе имаат можност да уживаат и во амбиентот и во вкусната храна по која хотелот е препознатлив. Во пресрет на јубилејните 30 години од отворањето на Хотел Молика, размислуваме за уште неколку новини што ќе ги понудиме на гостите, но за тоа ќе ја известиме јавноста кога сé ќе биде подготвено.

Кажете ни колку време се подготвуваше проектот за реновирање на хотелот со оглед на тоа дека е навистина огромен потег и треба големо вложување во објектот кој е симбол на градот под Пелистер? Што беше потребно да се направи за да се започне овој голем чекор?

– Реконструкцијата на Хотел Молика што во моментот е во тек, е сплет на повеќе различни зафати кои се дел од еден, единствен проект – враќање на сјајот на хотелот после 30 години од неговата изградба. Недостатоците беа лоцирани не пред месец или два, туку подолго време имаше потреба од различни интервенции, но ете, досега не биле составени сите коцки од мозаикот за да може овој проект и да се реализира. Кога донесовме одлука во рамките на друштвото дека навистина има сериозна потреба од обновување на хотелот, се обративме до Управниот одбор на АД ЕСМ од каде добивме безрезервна поддршка да започнеме со овие активности и затоа морам во оваа прилика уште еднаш да ја изразам благодарноста до сите членови на одборот и до генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Стефанов за разбирањето што го покажаа. Без нивна поддршка, ништо од ова немаше можност да се реализира. И не само јас или вработените во Хотел Молика, туку битолчани треба да им бидат благодарни на членовите на УО на АД ЕСМ за оваа работа.

Каква е посетеноста на хотелот Молика во летна, а каква во зимска сезона? Колку мислите дека ќе се зголеми туристичкиот потенцијал со самото реновирање, новиот изглед и новите содржини?

– Хотелот Молика во текот на целата година е популарна дестинација и за домашните и за странските туристи. Постојат, но се ретки периоди во текот на годината кога интересот за престој во Молика е намален, како што се предновогодишните два – три месеци и токму заради тоа овој период е избран за реализација на реконструктивните зафати. Секако дека со новиот изглед и новите содржини што ги воведуваме, очекуваме и поголем интерес за престој во хотелот. Желбите и потребите на потрошувачите се зголемуваат на глобално ниво и мора да се држи чекор со она што клиентите го бараат. Сите сакаме поубаво, помодерно, почисто. Со реновирањето, ние тоа ќе го понудиме и заедно со единствената можност да се ужива во чистиот, планински воздух на Пелистер се надевам дека ќе имаме добитна комбинација за развој.

Колкав е бројот на странски туристи кои го посетуваат хотел Молика и дали мислите дека тој број ќе се зголеми?

– Хотелот Молика е омилена планинска дестинација не само на битолчани и на жителите од останатите градови во Македонија, туку многу често имаме гости од најразлични делови на Европа и светот. Нивниот број се движи околу 2.500 на годишно ниво. Ова е просек од последните неколку години, со исклучок на годините кога имаше Ковид пандемија. Со реновирањето на хотелот, со внесувањето на нови содржини и збогатување на понудата за посетителите, се надеваме дека бројот на странски туристи ќе се зголеми.

Она што го планирате е и осветлување на ски-патеката Копанки. До каде е тој проект?

– Проектот за осветлување на ски – стазата Копанки е во напредна фаза. Избрана е фирма изведувач која освен системот за осветлување на стазата, ќе изгради и нови тоалети во подножјето на стазата Копанки. Тие ќе бидат уште оваа сезона и ќе бидат од голема помош за посетителите. Заради местоположбата на Хотелот Молика, изведувачот треба да обезбеди дозволи од соодветни институции за инсталација на системот за осветлување, но сигурен сум дека за брзо време и таа формалност ќе биде завршена. За нас е од огромно значење поддршката што ја имаме од Управниот одбор на АД ЕСМ и затоа убеден сум дека успешно ќе го реализираме и овој проект.

Што е она што подготвувате за посетителите за престојната зимска сезона?

– Реновираните соби, новиот изглед на терасата и на лоби барот се огромна промена во нашата понуда за посетителите претстојната зимска сезона. За љубителите на скијањето се надевам дека ќе има доволно снег за уживање на ски стазата Копанки. Заедно со РЕК Битола и со ФОД ги направивме сите подготовки за непречено функционирање на жичарницата. На располагање го имаме ратракот кој го набавивме за уредување на стазата, така што се надевам дека временските услови зимава ќе не послужат и ќе имаме доволно снег за вистинско уживање на Пелистер.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…