Во Офицерскиот дом беше промовирана биографијата за спортската легенда на Битола, кик бокс мајсторот Златко Неделковски, кој ненадејно почина во 2020 година на 60-годишна возраст. Книгата е насловена „Големиот воин и неговата храбра ќерка“, а е напишана од неговата ќерка Дијана. Токму таа заедно со нејзиниот брат Славчо и нивната мајка во првите редови, ја промовираа книгата пред семејството, пријателите и членовите на академијата која сега го носи и неговото име Златко Неделковски/ЗА НЕД ДО.
Полесно ми е да влезам во рингот, отколку да зборувам пред сите вас, особено за мојот татко, рече Дијана и пред присутните раскажа како се роди идејата за ова дело.
„Никогаш не мислев дека ќе напишам книга за мојот татко. Но само два месеца после неговата смрт, почувствував потреба да ја извадам болката која што ја чувствував во себе. И тука не беше во прашање само мојата болка, беше во прашање и болката на мојата мајка, болката на брат ми, болката на нашите ученици. Со таа тага околу себе почувствував дека треба да направам нешто што ќе остане засекогаш“, рече Дијана.
Дијана вели дека книгата е тажна животна приказна исполнета со многу љубов, а наменета е за сите генерации. Книга напишана со многу емоции, љубов, излеани солзи, книга која ќе остане засекогаш, која ќе го продолжи делото на Златко Неделковски.
„Процесот на пишување беше доста тежок, имаше денови кога не можев ни збор да напишам, но имаше и денови кога со часови ќе заглавев пред компјутер, не беше лесно да се извадат емоциите на парче хартија и да се пишува за човекот кој толку многу го сакаш и не е повеќе со тебе“, рече Дијана.
„На почетокот на годината како семејство го започнавме проектот Биографија за Златко Неделковски [ 196о – 2о2о ] учител – спортски работник – сопруг и татко но пред се битолчанец. Формата и материјалите веќе беа сработени [ сосема природно беше како автор да се потпише Дијана ] па го започнавме патешествието за нејзино издавање.Четири месеци подоцна Биографијата излезе од печатница“, вели Славчо Неделковски.
„Големиот воин и неговата храбра ќерка“ не е само книга за еден од основоположниците на кик-боксот во Македонија, туку книга за истрајноста, борбата, животот, упорноста…книга за големиот воин, но и за неговата храбра ќерка…
ФОТО: САШЕ БОГОЕВСКИ