Факултетот за биотехнички науки – Битола при УКЛО одлучи оваа година својата промоција да ја направи на малку понеобичен начин, со покана на матурантите од сите средни училишта во просториите на факултетот, да се запознаат со ФБН, со студиските програми, лабораториите во кои се изведува практична настава и научно истражувачка работа.
„Огромна благодарност до сите наши соработници со кои имаме деловно-техничка соработка од агропрехранбениот сектор кои не подржаа, се одзваа како спонзори и активни учесници на овој наш настан Отворен ден на ФБН каде се вработени голем број наши алумни студенти. Приоритет и интенција на нашиот факултет е да им овозможиме на младите да се стекнат знаења и компетенции и својата иднина да ја пронајдат во својата татковина. Особено во својот град, затоа што навистина имаме потенцијал. Кај нас е развиен агропрехранбениот сектор. Еве сега нашите деловни соработници даваат и свои понуди за платена пракса во летниот период, а сето тоа во интерес на децата од нашиот град да останат во својата земја, во овој град“, вели проф. д-р Гордана Димитровска, декан на Факултетот за биотехнички науки – Битола.
Моментално имаат околу 250 студенти, а во очекување се на новиот конкурс кој треба да излезе за наредната академска година.
„Имаме квалитетни студиски програми. Интерес изминатите години има за повеќе програми, но најмногу за Квалитет и безбедност на храна. Сега веќе од оваа година имаме нова студиска програма, Храна и диететика со која што ќе се здобијат со назив дипломиран биотехнолог за храна и диететика, што е исто така интересна студиска програма во која што местото ќе го пронајдат не само како технолози во агропрехранбениот сектор, туку и во диететиката, во градинки, во старски домови и друго. Храната во последното време е актуелна, се зборува за неа, сите обрнуваме внимание безбедната храна“, рече деканката.
Во пресрет на уписите Факултетот за биотехнички науки ги потсетува матурантите и идните студенти дека на оваа единица на УКЛО наставата ќе се одвива на акредитирани студиски програми на прв циклус студии: КВАЛИТЕТ И БЕЗБЕДНОСТ НА ХРАНА; ЗООТЕХНИКА; ХРАНА И ДИЕТЕТИКА (НОВА СТУДИСКА ПРОГРАМА) AГРОМЕНАЏМЕНТ
Студиската програма КВАЛИТЕТ И БЕЗБЕДНОСТ НА ХРАНА на прв циклус (додипломски) студии е со времетраење од 4 (четири) години односно 8 (осум) семестри. По успешното завршување на студиската програма студентите се стекнуваат со најмалку 240 ЕКТС кредити и добиваат стручен назив Дипломиран инженер по квалитет и безбедност на храна.
Студиската програма Зоотехника на прв циклус (додипломски) студии е со времетраење од 4 (четири) години односно 8 (осум) семестри. По успешното завршување на оваа студиска програма студентите се стекнуваат со најмалку 240 ЕКТС кредити и добиваат стручен назив Дипломиран инженер –агроном по зоотехника.
Студиската програма АГРОМЕНАЏМЕНТ на прв циклус (додипломски) студии е со времетраење од 4 (четири) години односно 8 (осум) семестри. По успешното завршување на оваа студиска програма студентите се стекнуваат со најмалку 240 ЕКТС кредити и добиваат стручен назив Дипломиран агроменаџер
Воведувањето на мултидисциплинарната студиска програма ХРАНА И ДИЕТЕТИКА., ќе ја прошири понудата на студиските програми на нашиот факултет и ќе овозможи профилирање на високо професионални кадри од полето на биотехничките науки. Фокусот на студиската програма е храната и диететиката, која се заснова на превентивно и поддржувачко делување преку производството и безбедноста на храната (прехранбеното инжинерство) почнувајќи од нива до трпеза, во функција на здравјето на потрошувачите. Опфаќајќи го тој производен синџир преку кој нашиот факултет ги покрива наставните дисциплини и диететиката како основа за одржување на човековото здравје од тој аспект ја оправдуваме целта за воведување на ваква програма. Предложени задолжителни и изборни предмети во согласност со Европската рамка на квалификации (ЕЉФ), Европската федерација на здруженија на диететичари (ЕФАД), во сите шест домени: здравствен професионализам, основни знаења за исхрана, процес на исхрана и вештините за расудување, диететиката заснована на докази, независноста, одговорноста и квалитетот во исхраната, а вештините за комуникација, односи и партнерство во пракса им овозможуваат на студентите да имаат висок степен на мобилност на многу престижни универзитети во Европа. Студиската програма Исхрана и диететика треба да обезбеди постигнување на следните цели: – стекнување вештини базирани на знаења од општи и специфични научни дисциплини; – трансфер на тоа знаење во високо квалификувани работни места поврзани со директно оценување; – квалитетот на исхраната и давање совети насочени кон негово подобрување со цел одржување на здравјето и спречување на болести; – стекнување на специфични знаења од областа на исхраната. Понатамошно развивање и подобрување на ефикасноста во примената на стекнатото знаење во пракса, препознавање на одредени проблеми во таргетираните организирани системи за исхрана на групи на население / поединци во јавни и приватни институции. Ваквите стручни кадри ќе имаат фундаментални, професионални компетенции и познавања за: хемискиот состав на суровините и подготовката на храна, технолошки процеси во преработката на храна, конверзијата на хранливи материи во различни технолошки процеси, теоријата на технологијата за добивање на диетална храна, физиологија на исхрана, нутритивните потреби на човечкото тело, принципите на здрава и диетална исхрана, можности за збогатување за храната, микробиологијата на храна, безбедност на храна, организација и управување на терен на својата дејност. Програмата е структуирана да има овозможи на студентите да ги развиваат и усовршуваат концептите и оперативните методи за создавање на храна и диети за општи, профилактични и диетални цели. Целите на студиската програма и оправданоста од воведување на истата се усогласени со барањата за економски развој, пазарот на трудот и дефинираната рамка за квалификација на занимања (2141, 2145, 2149, 2265). Студиската програма Храна и диететика на прв циклус (додипломски) студии е со времетраење од 4 (четири) години односно 8 (осум) семестри. По успешното завршување на оваа студиска програма студентите се стекнуваат со најмалку 240 ЕКТС кредити и добиваат стручен назив Дипломиран биотехнолог за храна и диететика.