Роден во Загреб, средношколските денови ги поминал во Скопје, а веќе 30 години живее и работи во Битола. Александар Гулевски е историчар на уметноста и е советник за црковна уметност и архитектура при Преспанско-пелагониската православна епархија. Неговиот продорен глас често го слушаме од певницата во црквата „Свети Великомаченик Димитриј“. Тој истиот глас, препознатлив, го слушаме и во песната „Незалезна“ на битолската група ВЕЛ. Го проучува источното црковно православно пеење веќе 30 години, па затоа тој призвук се забележува во неа. Ни откри за албумот „Црнило“, со кои музички имиња досега соработувал, што е она што го восхитува во византизмот, но и дали се чувствува како битолчанец после 30 години во Битола…

aleksandar 3 min

Читај бе: Историчар на уметноста, византолог, музичар, текстописец… Дијапазонот на твоето дејствување е широк. Ќе прашаме, што е она што би го ставил на прво место, ако воопшто може така да се рангираат нештата?

Александар: На прво место е музиката, дефинитивно музиката, а потоа доаѓа уметноста, науката и сè останато.

Читај бе: Член си на битолската група ВЕЛ. Го издадовте албумот „Црнило“, кој беше промовиран во Битола, а потоа и во Скопје. Албумот носи еден сосема поинаков звук на македонската алтернативна музичка сцена.

Александар: Во ВЕЛ членувам од 2020 година. Бев поканет да бидам гостин на нивниот веќе завршен албум „Црнило“, а потоа станав и член на групата. Албумот „Црнило“ го промовиравме во Битола на 18.02.2022 г., а потоа и во Скопје, во МКЦ на 06.05.2022 година. Звукот на ВЕЛ, всушност, е продолжување на препознатливиот македонски алтернативен темен, но во исто време и сладок музички мелос.

Читај бе: Песните од албумот носат нов звук, а од секоја песна извира посебна философија? Зошто црвената и црната боја ги гледаме на албумот и на спотовите?

Александар: ВЕЛ има свој посебен, веќе препознатлив музички и текстуален јазик. Песните и аранжманите ги правиме заедно. За текстовите е одговорен басистот и пејачот Томе Спасовски. Филозофијата која извира од текстовите е, всушност, рефлексија на актуелните проблеми што нè допираат. Што се однесува до црно-црвената естетика на албумот „Црнило“, нејзин идеен творец е гитаристот Златко Никодиновски. Црно-црвената боја е боја што ја сретнуваме секаде каде што битисува Македонецот. Тие две бои се, всушност, естетиката на Македонија.

aleksandar min

Читај бе: Се потпишуваш како автор на текстот на „Незалезна“, но ти си и вокалот во оваа песна. Препознатлив глас, препознатлива византиска мелодија. Колку имаше влијание византиското, православното пеење врз оваа песна?

Александар: Како гостин во ВЕЛ го донесов текстот за „Незалезна“, во која што се појавувам и како главен вокал. Музичкиот дел на „Незалезна“ е производ на сите членови на ВЕЛ. Бидејќи византиското, поточно, источното црковно православно пеење го проучувам и практикувам веќе три децении, влијанието на тоа пеење веројатно се забележува како призвук во „Незалезна“. Сепак, ВЕЛ на албумот „Црнило“, особено во новата песна „Суд“, донесуваат еден сосема нов и понаков музички израз.

Читај бе: Си соработувал со неколку познати музички имиња и си членувал во разни групи, можеш ли да ни ги наброиш? И каде се пронаоѓаш најмногу, во пеењето, свирењето, пишувањето текстови…

Александар: Како гитарист членував во скопските групи „Процес“, „Санс“ и „Фреш“, а како пратечки вокал соработував со групата „Љубојна“ на албумите „Парите се отепувачка“ и „Шербет Љубојна“. Како музички асистент заедно со Златко Ориѓански работев на создавањето на албумот „Македонско девојче“ на Каролина Гочева. Минатата година како ко-автор работев на музичките илустрации за претставата „Дух“ на Дејан Дуковски, во режија на Сашо Миленковски. Во моментов сум гитарист во ВЕЛ и работиме на материјалот за новиот албум. Каде се пронаоѓам? Секаде по малку.

Читај бе: Да се навратиме малку наназад. Ја издаде книгата „40 Фејсбук приказни“, врз основа на твоите Фејсбук белешки кои ширеа позитивна енергија. Можеш ли да направиш споредба на она што тогаш го пишуваше и ова што сега се случува на социјалните мрежи… Каде отидовме? Може ли да се поправиме и повторно да читаме убави приказни на социјалните мрежи, наместо да промовираме лажни вредности и да сееме омраза?

Александар: Книгата „40 Фејсбук приказни“ излезе пред две години на инсистирање на актерот Рубенс Муратовски, а со целосна финансиска поддршка на Александар Стојановски од Пела Роса. Муратовски беше и промотор на книгата. Во неа се собрани 40 приказни што ги објавував на Фејсбук профилот Црноризец Храбар во текот на десет години. Социјалната мрежа Фејсбук, сега Мета, ја користев тогаш како платформа за пишување на приказни, додека не го создадов свој личен блог Дигитална Мелургија. Во зависност од тоа за што се користат, социјалните мрежи можат да бидат и добри и лоши. Тие се како приказната за ножот на св. Јован Златоуст – со нож можеш да пресечеш леб, но можеш и да убиеш човек, твое е да одбереш. Социјалните мрежи, денес, во најголем дел, служат за промовирање на лажна реалност, лажни вредности и на една возвеличана бесмисленост и празнотија.

aleksandar 4 min

Читај бе: Како историчар на уметноста, што те восхитува, што истражуваш, што планираш за во иднина?

Александар: Кога станува збор за Историја на уметноста, моето внимание секогаш било насочено кон проучување на теологијата на византискиот фрескоживопис. Едноставно, во студентските денови бев восхитен од превртената перспектива во византиското сакрално сликарство, а теологијата од која тоа сликарство е произлезено, ме поттикна да продолжам да го проучувам до денешни дни. Секогаш зад обичната сликарска илустрација што ја гледаме се скриени испреплетени приказни и настани. Тоа е точката од која тргнувам кога го проучувам ова сликарство. Предмет на моите истражувања е фрескоживописот во олтарот на византиските цркви од 11 до 14 век, тема на која што и магистрирав. Најверојатно, во иднина ќе се обидам да го соберам на едно место сето она што досега сум го напишал од оваа област и да го објавам во посебна книга.

aleksandar 2 min

Читај бе: И за крај. Роден скопјанец, но години наназад живееш и работиш во Битола. Сега веќе како битолчанец, дали го прифати целосно битолското пиење кафе со пријателите, додека се дебатираат теми од спортот, па сè до квантната физика?

Александар: Роден сум во Загреб, не во Скопје. Во Загреб и Белград го поминав најраното детство, а во Скопје средношколските денови. Дали сум скопјанец? Којзнае. Во Битола живеам и работам веќе три децении. Дали сум битолчанец? Можеби. Но, секако, пиењето кафе со пријателите на Широк Сокак е мое рутинско, катадневно, практично интермецо, кое никако не го пропуштам. За оваа навидум банална работа напишав и приказна, која се наоѓа во книгата „40 Фејсбук приказни“. Битола како град, има посебен мир, едно скриено, слоу-моушн пулсирање, кое го нема на друго место. Кафето на тој спокој му доаѓа како зачин и му дава посебна арома.

meblo trejd
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…