25 години Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола е редовен учесник на светската детска ликовна колонија во Евора – Португалија. Почетокот на оваа четврт вековна традиција започнала со почетокот на новиот милениум кога ликовниот уметник и светски реномиран педагог Теодолинда Паскоал, која на „Мал Битолски Монмартр” е учесник повеќе од 30 години, добива дозвола од основачот Коста Хаџи-Антоновски да основа и започне колонија во прекрасниот град кој е под заштита на УНЕСКО – Евора.
Оваа година ликовната галерија на Паскоал прослави 30 години од своето постоење, а во Евора се реализираше и 24-тата издание на светската детска ликовна колонија по изложба – Евора 2О23. Воедно се реализираше и 9-тата меѓународна колонија на ликовни уметници – професионалци.
Организаторот по конкурсот за 2023 година покани за учество на колонија достави до 20 делегации од исто толку земји учеснички при што вкупниот број на учесници изнесуваше 90 од кои 60 ученици – натпреварувачи – млади ликовни уметници и таленти на возраст од 12 до 20 години распределени во соодветни категории.
Во Евора тимот на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола замина во последен момент и тоа во состав Елена Хаџи-Антоновска – претседател на ДЛС, Леа Стерјев – ученик на ДЛС на возраст од 15 години и Славчо Неделковски – претседател на УО при ДЛС.
„Ние во Евора учествуваме редовно. Физички колонијата не се реализираше само 2 пати и тоа за време на пандемијата, а конкурсот и изложбата се реализираат без прекин 25-ти пат. Госпоѓата Теодолинда Паскоал која воедно беше и претседател на жири комисијата за овогодинешното 42-ро издание на „Мал Битолски Монмартр” своите почетоци ги имаше по молба до мојот татко исто како што започнаа со активности и колониите во Србија – Хонг Конг [ Кина ] – Романија …
И се тоа како и квалитетот на нашите ученици низ минатите години беше доволна причина да направиме огромни напори и оваа година да сме таму со нашите колеги и нивните ученици со цел да се продолжи мисијата на Коста не само во Македонија туку и на глобално ниво” – изјави Елена Хаџи-Антоновска, претседател на ДЛС.
Во Евора светската детска ликовна колонија траеше од 1-ви до 8-ми октомври при што секој ден се сликаше на нова локација во временски интервал од 8 работни часа, а 60 ученици твореа во темата архитектура и сегменти од истата.
„Евора во некоја рака е наше чедо. Чедо на Коста. Беше прилично тешко да се отпатува, но патувањето никогаш не беше доведено во прашање дали ќе се реализира. Иако морам да констатирам дека и овој пат оние кои требаше останаа со затворани очи и не оставија без финансиска или било каква поддршка. Во Евора имавме неколку работни состаноци со заедницата на светски ликовни школи и нивни раководители за иднината на истата и констатиравме дека тешките времиња за нас не се минато, но и дека мора да ги прифатиме како предизвик, а се тоа само за младите ликовни уметници и талентираните ученици кои мора и да се натпреваруваат и да се едуцираат и да творат. Без разлика на цената која треба да биде платена ако некој може врз се тоа да стави цена воопшто.
На Паскоал и беше доделена специјална награда која Управниот одбор на ДЛС ја востанови во септември оваа година и се вика „Чувари на наследството на Коста” што беше и чин и начин и форма на оддавање огромно признание на оние ликовни педагози и ликовни уметници кои пред 45 години беа до нашиот основач Коста Хаџи-Антоновски кој тогаш го конципираше првото издание на „Мал Битолски Монмартр” со што гордо го понесе епитетот „татко” на организираната форма на оценка и проценка на ликовниот талент кај младите и нега на талентот кај младите ликовни уметници на глобално ниво.
Минатата година со финансии само за авионски билети од четиричлен тим на ДЛС од кои 2 беа учеснички – ученички ги освоивме високите второ и трето место на колонијата во Евора, а оваа година без поддршка од Македонија наградите и признанијата се поголеми, па така имаме 15 награди на златен, сребрен и бронзен медал од ликовниот конкурс во Евора каде нашите ученици твореа на овогодинешната тема „Патки – гуски и лебеди”.
Воедно бевме почестени со три посебни Признанија за учество кои беа доделени на нашиот тим и ДЛС како школо, а освоени се и три награди поединечно за сите членови кои го претставуваа ДЛС – Битола и Македонија.
Особено значајна беше првата награда за нашата ученичка Леа Стерјев која жири комисијата и ја додели за посебен пристап во својот ликовен израз создавајќи дела со можеби најтешката ликовна техника – мрсен пастел со која создаде шест ликовни дела во категоријата I и во групата ученици од 12 до 15 годишна возраст.
Во Португалија беа реализирани и неколку посети од едукативен карактер па така за 10 дена беа посетени и градовите Обидош – Назаре и Фатима како и историскиот споменик на Баталја а се посетија и ЗОО градината на Лисабон – замокот на Свети Георги и населбата Баиро Алто, а пред крајот се исполни и 12 часовна посета на регионот на Синтра низ 5 локации и 2 замоци.
Со ова ДЛС „Свети Кирил и Методиј” Битола ја затвори календарски годината на посети и реализации на работни ликовни колонии, а нашите ученици творат за учество на уште пет светски детски ликовни конкурси до крајот на 2023 година додека резултати се чекаат од најмалку 10 на кои веќе се пратени детски ликовни дела. Моментално во ДЛС членуваат над 12О ученици кои како и изминатите 55 години целосно бесплатно ликовно творат и врз кои посветено се работи на нега на нивниот ликовен талент.
Во претстојниот период ќе се работи на проектите од Национален интерес, а ДЛС ќе продолжи со својата работа при што особено важно е да се спомне дека точно на 20 септември 2О23 година беше објавен меѓународниот конкурс за 42-рата светска детска ликовна изложба „Битола” кој ќе трае се до 20 февруари 2О24 година, а на кој се очекува нов рекорд од над 1.000 пратки од исто толку приватни и државни школи од цел свет бидејќи системот сега ги вклучи и сите Дипломатско конзуларни претставништва на странските држави во Македонија, но и Министерствата за култура и образование на над 80 држави од цел свет при што горди можеме да констатираме дека веќе започнаа да пристигаат првите пратки. Воедно беше најавена и реализацијата на 43-тото издание на светската детска ликовна колонија “Мал Битолски Монмартр” 2O24 година” – изјави Славчо Неделковски – претседател на УО при ДЛС.
2О24 година имено е година која ќе се помине во знакот на Олимписките игри во Париз – Франција каде ДЛС по седми пат ќе е учесник со изложба – традиција која започна и се реализира без прекин од 2000 година на веќе шест олимпијади за што ДЛС веќе има и посебно признание на страна на ИОК како единствениот нивни партнер организација кој нема спортски елементи во својата активност.
На таа тема веќе се работи на барање соодветна ликовна галерија на Монмартр во Париз.
„Во исто време ДЛС доби и своја информативна табла пред Детската ликовна галерија “Монмартр” во срцето на старата битолска чаршија со која сме означени како сегмент од културното наследство на Битола, а особено сме радосни и за иницијативата за збратимување на нашата Битола со градот Чагасаки од Јапонија затоа што првичното запознавање за волја на вистината беше благодарение на Коста Хаџи-Антоновски и Малиот Битолски Монмартр кој ја пренесе македонската култура низ цел свет кој го запозна Македонија и Битола” – истакнуваат од ДЛС.