Една сцена, илјадници детски насмевки и прекрасна фестивалска атмосфера го одбележаа првиот ден од Театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“ во Прилеп, кој започна со изведбата на претставата „Пинокио“ на НУ Народен театар Битола.
На првиот фестивалски ден, битолските актери пред најмладата публика ја оживеаја добро познатата приказна за Пинокио, исполнета со фантазија, музика, хумор и детска магија. Веселата публика со големо внимание ја следеше претставата, а изведбата беше проследена со долготрајни аплаузи.
„За нас беше огромно задоволство и особена чест што со „Пинокио“, во изведба на НУ Народен театар Битола, го отворивме театарскиот фестивал. Додека нашите актери се подготвуваа зад сцената, пред влезот веќе нè чекаше најубавата публика – дечињата, со љубопитност, возбуда и насмевки на лицата. А кога завесата се крена, започна едно поинакво патување – во светот на Пинокио, фантазијата, музиката и детската магија“, велат од НУ Народен театар Битола.
Оттаму додаваат дека најголемата награда за секој што создава театар за деца е токму среќата што се гледа во нивните очи.
„Благодариме за прекрасниот пречек и за можноста токму ние да го отвориме ова фестивалско патување“, истакнуваат од НТБ.
„Пинокио“ е приказна која и по повеќе од еден век потсетува дека секоја голема приказна започнува со детската фантазија, но и дека патот до тоа да станеме „вистински“ е исполнет со искушенија, грешки, избори и храброст.
Претставата за најмладата публика не носи само забава, туку отвора простор децата да препознаваат чувства, да поставуваат прашања, да разликуваат добро од лошо, да веруваат, да сонуваат и да ја развиваат својата фантазија.
„Пинокио“ од Карло Колоди е во режија на Деан Дамјановски, а главната улога ја толкува Никола Стефанов. Во останатите улоги настапуваат Валентина Грамосли, Марјан Георгиевски, Јулијана Мирчевска, Маја Андоновска Илијевски, Катерина Аневска Дранговска и Александар Димитровски, како и децата од Театарската школа „Бабец“: Ана Анѓелевска, Стефан Доневски, Матеа Василевска, Лина Трампевска, Николина Јанкоска, Ана Марија Каранфиловска, Војдан Мавровски, Николај Илијевски, Марија Јовев, Андријана Мемет и Каја Крстевска.
Композитор на претставата е Марјан Неќак, сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимографијата на Андреј Ѓоргиевски, додека маските ги изработи Сара Милевска. Ментор на Театарската школа „Бабец“ е Јулијана Мирчевска.
ТФД „Силјан Штркот“ започна со детска радост, а „Пинокио“ на Битолскиот театар ја раскажа својата приказна пред публика која со насмевки, внимание и аплаузи го проследи секој момент од претставата.








