Како дел од настаните за одбележување на 80-годишнината од основањето на Црвениот крст во Македонија, на 6 март на Правниот факултет во Битола се организираше настан за промоција на платформа на ЦКРСМ со универзитетската заедница. На настанот Генералниот Секретар на ЦКРСМ д-р Саит Саити додели јубилејна плакета на Ректорот на УКЛО проф. д-р Игор Неделковски, во знак на благодарност за севкупниот придонес за развојот и поддршката во работата на Црвен крст.
„Идејата наша е да изградиме платформа за комуникација помеѓу Црвениот крст и Универзитетите во Македонија. Една обострана размена каде што крајниот бенифит ќе го имаат универзитетите, Црвениот крст и корисниците преку креирање нови услуги. Ова е една нова амбиција во нашата организација во обид да се прилагодиме односно да го совладаме оној простор кој ни се нуди во опшеството и еден ден да ги преземеме одговорностите ние како организација за да можеме да придонесеме во оваа држава сите во својот домен за да го направиме општеството поубаво место за живеење на сите. Ќе продолжиме и понатаму со другите универзитети во нашата држава“, изјави Генералниот Секретар на ЦКРСМ д-р Саит Саити.
„ Нашата мисија е заедничка со Црвениот крст за да помагаме секој во својата област. Ние ги едуцираме нашите студенти да бидат човекољупци, да се грижат за другите. Секогаш во нивната идна професионална пракса да мислат на општеството на своите соработници, соседи, пријатели. Задоволство ми претставува заедно со Црвениот крст да ги организираме денешните активности. Покрај крводарителските акции со студентите, секогаш помагаме на сите настани заедно со нашите студенти и професори од експертска и хуманитарна помош и секако дека ќе продолжи нашата соработка со Црвениот крст“, изјави ректорот проф. д-р Игор Неделковски.
За време на настанот се реализираше и панел дискусија на актуелни општествени теми од академската фела со Црвениот крст за давање на придонес во влијанија за градење на политики од општествен интерес. Еден од панелистите беше и Претседателот на ЦКРСМ – ОО Битола Д-р Лилјана Ристевска.
„Соработката со Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола е од големо значење за двете институции и претставува симбиоза на два значајни процеси на формалното и неформалното образование. Уште од 2017-та година потпишувањето на меморандумот со Правниот факултет во Битола ја трасираше патеката по која се чекори и ден денес. Соработката е видлива и со Високата медицинска школа која е единица членка на УКЛО, особено во делот на проширување на студенските знаења за хуманите гранки. Оваа соработка не застанува тука и понатаму продолжува да се гради, Црвениот крст продолжува да е значаен партнер на УКЛО во реализацијата на активностите, изјави Претседателот на ЦКРСМ – ОО Битола Д-р Лилјана Ристевска.
На настанот присуствуваа професори, студенти, волонтери на Црвениот крст кои имаа можност да се информираат околу Платформа за соработка на Црвениот крст со универзитетската заедница која нуди можност за студентите и наставниот кадар да земат учество во хуманитарни активности преку истражувачки и научни трдови и развивање заеднички програми и преокти во рамки на социјални-хуманитарните, здравствено-превентивните и подготвеност при катастрофи.
„Своето волонтирање го започнав во своите основски денови, за подоцна истите да продожњат и во средно училиште и денес како студент. Овие 7 години би ги опишала како денови исполнети со забава со дружби со помагање онаму каде што е најпотребно, поминато време на долгите денови во периодот на корона вирусот, надградување на себеси , безброј дружби до утринските часови со мои врсници од оваа општинска организација и доживотни другари и другарки од другите општински организации на Црвен крст во нашата држава. Поентата на волонтирањето е да вложиш свое време, за добиено драгоцено искуство кое понатаму во животот ќе служи на секојдневно ниво.Радоста да им се помага на другите носи огромно лично задоволство. Оваа емоционална награда не само што го зајакнува вашиот дух туку ја подобрува и целокупната благосостојба, правејќи не посреќни и поздрави“, изјави Христина Стојковска, волонтер.
„Денес чест и задоволство ми е што можам да зборувам за нешто што го обликуваше мојот живот, односно за волонтирањето во Црвениот крст. Многумина ме прашуваат: „Како успеваш да ги балансираш работа, студирање и волонтирање? Зарем волонтирањето не ти одзема време од студирањето? – ме прашуваат“ А мојот одговор е секогаш ист: волонтирањето не одзема време туку ти дава искуства што те прават подобар студент и подобра личност.Да се биде студент не значи само да одиш предавања, да положиш испити и да си добиеш диплома. Да се биде студент е многу повеќе од тоа, ова е време на личен развој, откривање на нови можности и подготовка за твојата иднина. А за мене, волонтирањето во Црвениот крст беше мостот помеѓу учењето и вистинскиот живот. Преку волонтирањето, не стекнав само знаење—туку и практични вештини кои денес ми станале професија“, изјави Пеце Крстевски, волонтер.
Денешниот настан беше одлична можност за претставување на платформата како и за споделување на иницијативите на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ и Црвен крст со цел продлабочување на соработката.