Од Битола до Нов Зеланд. Како резултат на љубовта кон музиката која стана и нејзина професионална определба, Ирена Ангеловска моментално живее на другата страна на светот. Потекнува од семејство кое ја негува музиката и традицијата. Музичкото академско образование го стекна во Македонија. Иако никогаш не размислувала дека ќе живее и работи надвор од Македонија, музиката ја однесе во Нов Зеланд. Таа моментално е истражувач -докторанд на Универзитетот во Окленд, каде што работи кон стекнување на диплома Доктор на науки во областа на музичкото образование и културната разновидност и како асистент во областа предмети по музичко образование. Таму, Ирена со сета своја душа и срце ја шири и ја промовира македонската музичка култура рамо-до-рамо со останатите култури во Нов Зеланд. Во мај годинава, силно одекна и изведбата на „Битола, мој роден крај“ која совршено ја испеаја музичари коишто за прв пат слушаа за Македонија и за Битола, а енергијата ја пренесоа благодарение на Ирена која им ја раскажа 7/8 приказна за љубовта кон родниот град исполнета од Ајри Демировски. За тој настан Ирена вели, за момент бев толку блиску до дома, а всушност никогаш подалеку.
Читај бе: Ирена, веќе неколку години живееш во Окленд, Нов Зеланд. Најнапред, кажи ни како се случи да заминете на другиот крај на светот?
Ирена: Кога се враќам на таа одлука, имам многу свежи сеќавања, зашто сè се случи во релативно блиско минато. Најпрво беше моето учество на зимската школа за мултикултурализам во Азербејџан каде имав можност да патувам и да ја искусам културата на Азербејџан, но и да ја презентирам македонската култура таму. Потоа бев поканета на панел дискусија на темата мултикултурализам од истиот организатор во Аугсбург, Германија каде говорев за мултикултурализмот во музиката. Кога се подготвував за моето гостување таму, бев значително изненадена од потенцијалот на мултикултурализмот во музичкото образование. Потоа направив истражување коешто се фокусираше на мултикултурните елементи во наставните програми по музичко образование во основните училишта во Македонија и започнав да барам начин како да го подобрам мојот педагошки пристап со што би ја направила музичката програма што ја предавав поинклузивна за сите ученици. Наредниот чекор беше барање локации и институции кои би биле соодветни за истражување на таа тема. Нов Зеланд имаше нешто што беше уникатно- бикултурна социјална политика и огромен културен диверзитет во општеството. Напишав предлог истражување коешто беше поддржано од мојот сегашен ментор. На крајот, Универзитетот Окленд ми понуди место во програмата Доктор на науки по музичко образование и целосна стипендија. Никогаш не размислував во насока дека ќе живеам и работам надвор од Македонија, но ова искуство е едно од најдобрите нешта што ми се случиле.
Читај бе: Како се навикна на тамошниот начин на живот, дали веднаш се приспособивте кон средината?
Ирена: Секој почеток е тежок, а истовремено и возбудлив. Првата година помина многу брзо зашто сè ми изгледаше ново. Колку и да очекував брза и лесна транзиција, наидов на културен шок поради тоа што бев нова личност во новозеландското општество коешто е многу поголемо, но и функционира скоро целосно поинаку од македонското. Воедно, пред да дојдам во Нов Зеланд, многу малку размислував за моментот на преселување од северната на јужната хемисфера. Тука јужните ветрови се ладни, а северните ветрови се топли и температурата во декември и јануари е прилично висока. Оттука славењето на нашите празници доби целосно нова димензија. Меѓутоа токму тоа беше убавината во целото искуство. Живеев и работев со луѓе коишто имаа различни навики и начин на функционирање од тоа што бев навикната. Пред да дојдеме со сопругот, се обидовме да се подготвиме најдобро што можеме за новото, но тоа што најдобро нè подготви беше самото искуство низ коешто секојдневно поминувавме, коешто е различно и индивидуално за секој човек.
Читај бе: Ти си докторанд по музичко образование и асистент на Универзитетот во Окленд. Што точно работиш? Колку си задоволна со она што го работиш и колку те исполнува?
Ирена: Во моментов сум истражувач-докторанд на Универзитетот во Окленд, каде што работам кон стекнување на диплома Доктор на науки во областа на музичкото образование и културната разновидност и како асистент во областа предмети по музичко образование. Се соочив и надминав многу предизвици пред да дојдам до оваа позиција и сметам дека програмата ми помогна да се развијам професионално и лично. Но сега ги извршувам работните обврски коишто сакав да ги правам уште пред да започнам со докторатот. Секој од нас има желби на коишто работи за да ги оствари и можам да кажам дека започнувам да се реализирам и како истражувач, но и како академски граѓанин којшто придонесува за подобрување на општествата од каде што доаѓа и моментално живее и работи.
Читај бе: Интегрирана си во еден поинаков образовен систем. Како тој функционира и што може ние како земја, како луѓе да научиме нешто оттаму?
Ирена: Новозеландскиот образовен систем има скоро целосно поразлична структура од македонскиот. Првата разлика се гледа во структурата помеѓу наставните планови. Македонскиот наставен план е во целост е пропишан и фронтален со конкретни информации што наставниците треба да им ги предадат на нивните ученици, додека новозеландскиот наставен план претставува теоретска рамка којашто што има содржи принципи и им дава насоки и предлози на училиштата и наставниците за организирање на училиштните наставни програми по предметите што се предаваат. Тоа им дава на наставниците повеќе автономија во тоа што тие ќе обработуваат по предметите што ги предаваат, но им дава и простор за креирање тие да ги земат предвид карактеристиките, јаките и слабите страни на нивните ученици, така што ги прават наставните програми порелевантни за нив.
Меѓутоа и македонскиот и новозеландскиот образовен систем и наставните планови имаат предности и недостатоци. Всушност, конкретно за музичкото образование, македонската структура е значително подобра од новозеландската. Во Македонија, постојат државни основни и средни музички училишта, а и предметот музичко образование е задолжителен и самостоен предмет. Во Нов Зеланд нема вакви училишта и доколку некој сака да има музичко образование е изложен на екстремно висок финансиски трошок. Дополнително, предметот музичко образование во државните училишта е споен со предметите ликовна уметност, драма и визуелна уметност. Токму поради ваквата структура, во некои училишта во Нов Зеланд предметот музичка уметност не се изучува и тоа претставува огромен проблем којшто е идентификуван и во научната литература. Ние сме во предност во тој поглед и треба да се стремиме да го задржиме и подобриме нашиот систем на организација на музичкото образование, а подобрувањето ќе се постигне со правење реформа на музичката содржината што се изучува.
Читај бе: Ти си еден од основачите на „Македонски камерен хор“. Кажи ни нешто за Вашите активности и ширењето на македонската култура и песна во Нов Зеланд.
Ирена: Целата идеја за основањето на Македонскиот Камерен Хор беше поради тоа што сакавме да ја промовираме македонската музичка култура рамо-до-рамо со останатите култури во Нов Зеланд, но и да придонесеме за нејзиното ширење, промовирање и зачувување. Започнавме ентузијастички и работевме неколку месеци интензивно. Хорот го водиме заедно со мојот сопруг Саше и сме им благодарни на сите членови- Вероника, Дарија, Валентина, Благица, Душко, Драган, Анте и Зоран за нивната посветеност, љубов и трпение во тоа што го правиме. Меѓутоа нашата работа беше прекината од рестрикциите поради пандемијата по што моравме да направиме пауза. Пред три месеца повторно се вративме со музички проби. Тоа што е различно сега во споредба со првите проби е тоа што веќе хорот започнува да добива свој призвук, а и ние се навикнуваме еден на друг и растеме како звучно тело. Пробите се позабавни и најчесто поминуваат како во еден здив. Се гордеам со сите членови зашто сите придонесуваат и вложуваат максимално за хорот да опстои. Поради тоа што веќе и репертоарот започнавме да го зголемуваме, планираме настап за неколку месеци кога и ќе се вратат некои од нашите редовни членови кои после долгите рестрикции имаа можност да одат во Македонија.
Читај бе: Пред извесен период на еден музички настан се слушна и песната „Битола мој роден крај“. Како битолчанка, далеку од својот роден крај и семејството, како се чувствуваш во такви моменти?
Ирена: Тоа беше проектот “Transglobal Weekend of Music” кој се одржа од 13 до 15 Мај 2022 во организација на тимот Ethno New Zealand со поддршка на Auckland Council Creative Communities, чија цел беше поврзување на музичари од различни култури преку презентирање музика и учество во музички работилници. Имавме простор да ја споделиме приказната на нашата култура и потекло и разговаравме за контекстот на музиката, нејзиното значење и функција со цел да придонесеме за разбирање меѓу нас.
Ја изведов песната „Битола, мој роден крај“ од Ајри Демировски, поради тоа што има значајно место во мојата душа, но и поради нејзиниот ритам 7/8, којшто беше предизвик за учесниците. Ја споделив приказната на песната и многу учесниците се поврзаа со неа бидејќи бевме далеку од дома и текстот за момент нè однесе во нашите краишта. Поради тоа што веќе долг период сум далеку од дома, текстот на песната го доживувам поемотивно и многу лично. Изведбата беше незаборавна и сè уште се сеќавам на вечерта кога си одев дома. Се чувствував гордо и неизмерно среќно. Замислете, „Битола, мој роден крај“ ја пееа музичари коишто за прв пат слушаа за Македонија и за Битола, а изговорот на текстот беше совршен и ритамот добро совладан. Верувам дека доколку некој не би знаел кој ја изведува песната, не би можел да препознае дека таа изведба е направена од луѓе што можеби никогаш не биле во Македонија, а и никогаш не го зборувале македонскиот јазик. За момент бев толку блиску до дома, а всушност никогаш подалеку.
Читај бе: Кои се твоите планови во иднина за ширење на македонската песна и култура во Нов Зеланд, имаш ли на ум нови проекти?
Ирена: Како што напоменав, моментално го подготвуваме нашиот прв концерт којшто очекуваме да се одржи за неколку месеци. На повидок се и соработки со неколку културни друштва од Нов Зеланд кои искрено се надеваме дека ќе се случат, имајќи ја предвид тековната неизвесна ситуација со пандемијата.
Читај бе: Дали ти недостига Битола? И што е она што најмногу ти недостига?
Ирена: Изминатиот период беше многу тежок поради тоа што пропуштив многу семејни настани. Ми недостига моето семејство, најблиските пријатели и местата коишто често ги посетувавме заедно. Не можам да не го спомнам и селото Дихово кое е едно од првите места што ќе ги посетам кога ќе се вратам. Најголема утеха се секојдневните разговори со моите најблиски со коишто го одржуваме контактот и се обидуваме на секој начин да ја минимизираме далечината меѓу нас. Но, дополнително овој период ми буди особено драги спомени од моето детство кога за време на фестивалот „Илинденски денови“ бев и како дел од публиката и ги следев настапите на моите родители, но и многу често вклучена како учесник. Македонските песни и ора беа секогаш дел од моето семејство и се неоткинлив дел од мене. Но токму и овие чувства ме тераат да продолжам да работам и да издржам до самиот крај, за на наредната средба со моите да се радуваме за постигнатото за време на овие години дури не бев дома.