Вечниот Бог слегува и во утроба на Дева се вселува;
Свет, Свет, Свет си постоиш Господи!
Од илјадници грла денеска ечеа стиховите на божиќната каланда „Вечниот Бог“, на една од најмасовните бадникови поворки досега во Битола.
Како и во сите претходни години така и оваа година во Битола се одржаа традиционалните бадникови поворки. Оваа година поворката започна во 11 часот од пред Офицерскиот дом, децата се упатија кон црквата св.Великомаченик Димитриј и сите во еден глас ја пееа песната „Вечниот Бог“ која секоја година го најавува Христовото раѓање. Децата со себе ги носеа изработените ѕвезди кој ги прават секоја година во училиштето за православна веронаука.
Ја запрашавме организаторката на бадниковите поворки во Битола, Јасна Николовска , како е да се биде организатор на толку голем настан во градот со долгогодиншна традиција и култура и таа за нашиот портал вели:
„Да се биде организатор на оваа манифестација е голема чест, привилегија, но и одговорност. Бадниковите поворки во Битола имаат долгогодишна традиција, Битола е град во кој најпрво започна да се организира ваква манифестација, сега само ја продолжуваме традицијата и на наше огромно задоволство од година во година станува се помасовна и опфаќа поголем број на дечиња учесници, но и родители кои со задоволство учествуваат во подготовките, но и во самата поворка. Битолчани, треба да се горди со овој настан и треба што повеќе да земаат учество во истиот, поради светоста и убавината на самиот празник, симболиката со која го најавуваме најголемиот Христијански празник – Божиќ. Енергијата која се чувствува на Бадниковата поворка е благодат за душата и благослов кој се чувствува низ целата година.“
Децата кои што денеска присуствуваа на бадниковите поворки, претходно традиционално посетија неколку јавни институции.
Децата од Битола кои и во оваа година беа во многу голем број оставија позади нив уште една успешна поворка и оставија зад себе еден спомен кој е религиозно обележје во Битола.
Елеонора Блажевска