babec

Македонската култура и уметност, односно нивниот бит е најтесно поврзан со суштината на театарското делување, историски и книжевно е забележано дека македонскиот јазик најсуптилно и најтврдокорно се говори  токму на театарската сцена преку  драмските  текстови на Чернодрински, за подоцна тоа го  направат и Р. Крле, А. Панов, В.Иљоски, претставници на битовата драма во македонската книжевност.

            Поводот да пишувам за актерот Петар Стојковски Бабецот е сценскиот говор, односно македонскиот јазик  на театарската сцена. Благодарение на брзиот развој на технологијата и платформите кои се развиваат на интернет, минатото не е далечно, а и иднината не изненадува ко во минатотото. Голем дел од театaраските претстави,  благодарение на пандемијата, јавноста можеше повторно да ги изгледа и да евоцира спомени од типот:,,Кога бевме млади една претстава ја гледавме по неколку пати.“ Театарската култура во блиското минато беше  на високо ниво.

viber image 2024 04 29 08 29 31 767

            Во овој текст се обидувам да направам  согледба на  сценскиот говор во минатото и денес. Денешнава состојба, односно сценскиот говор е очаен и неартикулиран.

***

Театарската игра е неповторлива и единствена и во минатото, а и денес, публиката има желба по завршувањето на претставата, салата да ја  напушти облагородено, пробудено, а не измачено. Битолскиот народен театар во минатото располагаше со плејада  актери, од современ аспект бардови на македонското глумиште кои имаа континуитет и колективитет на сцената. Oтсекогаш  ме воодушевувале споредните актери и маргиналците, затоа што книжевно и  драмски, тие  го носат бремето, излезот и влезот  во драмското дејство, затоа сакам моите омилени актери да ги гледам во различни ролји, така можам, од  место на гледач да ја дознаам нивната  професионална широчина и духовна  длабочина.

***

Петар Стојковски Бабец (1930-2010) оствари над двесте улоги во Битолскиот народен театар, а беше активен на сите полиња од театрското делување: играше во претстави, режираше, преведуваше, раководеше со драмски секции, уредуваше хумуристични емисии на радио Битола. Публиката го препознава како актер на комедијата, едноставен, ненаметлив, а забележлив, неповторлив со својот талент. Овие епитети одговорно му ги давам, иако не е веќе присутен во земната стварност, верувам дека и сега од некое вселенско ќоше некого засмева. Јас не знам за друг Дедо Мраз, тој беше единствениот во Битола до даден момент, тој ја носеше новогодишната  магија, ние децата му верувавме, денес Дедо Мраз излегува од секој сокак во Битола  и овде се отвора уште едно општествено прашање, колку достапноста на некој или нешто го подобрува или расипува неговиот квалитет.

babec 1

Комедијата ко драмски жанр е најлесна за гледање, но најтешка за создавање и играње, таа е слоевита, исмевањето на општествената живеачка во сите домени, особено денес e хируршки потег, или чист погодок или чисто промашување, веројатно затоа не се пишуваат комедии, ама пак ни напишаните не се  воскреснуваат. Општеството не трпи исмевање, не трпи критика, живее во стега и е заробено  само  во себе.

Бабецот беше актер, кој чинам, само да се прошеташе на театрската сцена, без ниеден изговорен збор ќе го задржеше вниманието на публиката, нашиот народ вели: „човекот е роден со ѕвезда“, додека говорот  му беше харизматичен, високофреквентен,  публиката го слушаше. Појдовна точка  ми е најмладата публика – децата, јас пораснав со претставите за деца на Битолскиот народен театар, за среќа во тој период  квалитетот  сѐ уште се почитуваше, така што, се исполнуваа сите критериуми за квалитетен краен производ. Подоцна, откако пораснав, го гледав во уште неколку претстави каде играше и она мене што ме воодушевува е неговата генијалност во соживувањето со ликовите, покрај неговиот нескротлив физички  темперамент, тој умееше да го носи калапот на ликот и да доживее оттуѓување од  себе, а сепак неговото себство да го прилагоди кон потребите на ликот: „Најмногу сум учествувал во комедии. Лично се чувствувам многу подобро, поисполнет кога играм во комедија отколку во драма. Кога играм во комедија многу повеќе ја чувствувам и сум поблизок  со публиката. Имало моменти кога само ќе се појавам на сцената и публиката да брвне  во смеа, или  ќе ја изговорам одвај првата реплика, а публиката веќе се смее, а мене ми е убаво на душата. Без реакција на публиката се чувствувам некако глуво“ – кажува Бабецот во една радио снимка.

viber image 2024 04 29 08 29 39 319

Македонскиот  темперамент е викоички и ономатопејски, според мојата согледба, балансирањето не му е силна страна, а офанзивноста секогаш не ги дава очекуваните резулати, ама заштитува од непотребна хибернација. Бабецот по оваа моја размисла, кажал: „Ние комичарите од ова македонско поднебје играме понервно, поживо, повесело, со поголем жар“.

Режисерот Љубиша Георгиевски (1937-2018) за Бабецот напиша – „Актер што „согорува“ на сцената“…треба да е многу продлабочен човек додека го анализира ликот  и додека одбира средства за негово остварување. Но, штом се качи на сцена, продлабоченоста треба да отстапи пред извесна леснотија, со којашто актерот треба да заигра. Трагичкиот аспект го ослободуваше од преголемата одговорност, а комичниот аспект на ролјата започна да му дава леснотија и опуштеност, затоа што не мораше да произведува  смеа секоја минута како да ја ископува од некој рудник. Погодувате, се работи за легендарниот Чуле од „Свадбата на Мара“ В.Костов. Стекот на овие  жанровски околности, како и моите преокупации со овој, за мене, теориски проблем, го изведе неговиот раскошен талент на бело видело, вбројувајќи го во плејадата на нашите најголеми актери.“

Во моментов по тв-каналите се емитуваат купишта шоуа за таленти, некогаш на нечии настапи се навраќам и ги читам коментарите од публиката. Најсилниот и најверодостојниот суперлатив за уметникот  е бескомпромисниот флуид кој се создава меѓу него и публиката, тие актери најмногу се бараат и најмногу се трошат, подоцна гремиорната е пештера каде одново се раѓа човекот и се обидува да се носи со стварноста. Не е тешко живеењето во паралелни светови, нелагодно е спуштањето во оној конвенционалниот, бирократски поставен кој го јаде делото, а овој другиот го облагородува. Актерската професија се вбројува во една од најстресните професии, токму поради овој сегмент, затоа што на крајот од претставата, се спуштаат завесите, публиката се враќа во своите домови, актерот на својот живот кој понекогаш содржи многу помалку страст од оној театраскиот. Критичарот Владимир Додовски напиша: „Петар Стојковски – Бабец е раритет – феномен. Си земам за слобода да кажам дека е еден од избраните кои од  публиката добивале најмногу аплаузи. Артист кого публиката сакала да го гледа  во секоја претстава. Во раниот период  од неговата  актерска кариера особено, кога тој блесна како протагонист  на улоги од комичниот жанр, неговото учество во претствата  беше  еден вид  гаранција  дека таа ќе има  успех кај публиката.

Сценскиот говор – шепотот на сцена го слушаше и последниот ред во публиката, гласното говорење беше расчленето така што немаше потреба од современово викање при што се губи смислата на кажаното, како и смислата на сценската голотија, Шекспировски  создавање на многу врева за ништо, непотребна трендовска сензација за нешколовани.

Бабецот, одигра над двесте улоги: Мајорот во „Тотови“ (1972),Чуле во „Свадбата на Мара“ (1976), водачот на театарската група во „Патувачкиот театар Шопаловиќ“, Захарија во „Грешниот Захарија“ (1987), Дуко Вендија во „Пиреј“ (1982), Жан во „Мистер Долар“ (1955), Наредник Бридоа во „Одам на лов“ (1995), во Балтазар Балтазарович Жевакин  Втори во „Женидба“ (1997) Бозаџијата Трендо во „Бегалка“(1995)  и многу други.

***

Комичниот театарски лик е огледало на општественото живеење, опиени од помпезниот настан и нурнати во себељубието забораваме дека си се смееме сами на себе. Ако. Како што е неповторлива театарската игра, така е неопходно постојаното општественото менување (панта реи), затоа  на театарската сцена – голема  функција има  правилниот говор, правилниот нагласок и умната пауза, воопшто сиот синкретизам небитно дали е елементарен или облагороден е проекција на причинско-последичното човечко однесување.

Aвтор: Биљана Т. Димко – книжевник

Раскажи ми приказна: Професорката Змија Наочарски
Автор: Јордан Николов На професорката Змија Наочарски цело време ѝ студело. Без …
Зошто ги земаме здраво за готово оние кои се секогаш тука за нас?
Во секој од нас има една лоша работа. Секогаш гледаме на она …

Претплатете се за новости

You May Also Like

Ајри Демировски ја напиша омилената песна на Миљан Миљаниќ

Има ли некој кој ја нема слушнато песната „Битола, мој роден крај“…

Приказна: Како се бираат мајките на предвреме родените деца?

Некако, го замислувам Бог како лебди над земјата. Мајките ги избира според…

Јазикот е душата на народот – Марија Недановска Пискачева за 5 Мај, Денот на македонскиот јазик

Автор: Марија Недановска Пискачева, наставник по македонски јазик На денешен ден, 5…

„Скокнав од работ на совеста и нурнав во вртлогот на забрзаниот крвоток“ – денот на поезијата го одбележуваме со стиховите на Силвана Нешковска

На Светскиот ден на поезијата беше промовирана збирката поезија „Првата половина“ од…