Од добро познатата игра со скриени зборови што некогаш редовно можеше да се најде во весниците, до современа мобилна апликација достапна на повеќе јазици. Токму оваа идеја стои зад „8Way – Најди го зборот“, најновиот проект на македонскиот софтверски инженер Дарко Петковски.

Петковски со програмирање започнал во 2007 година, по завршувањето на средното образование, а со развој на мобилни апликации се занимава од 2010 година. Дел од неговите први апликации и денес се активни, меѓу кои и „Милионер Македонија“, македонска квиз-игра која досега има повеќе од 50.000 преземања, како и „Соновник – Толкување соништа“.
Денес тој има портфолио од осум објавени апликации, а паралелно го развива и Melio App Studio – бренд под кој во иднина планира да ги објавува своите мобилни апликации. Целта, како што вели, не е само зголемување на бројот на апликации, туку пред сè создавање квалитетни производи.
Најновиот проект, „8Way – Најди го зборот“, е своевидно дигитално оживување на „Осумнасочникот“. Идејата била препознатливиот и носталгичен концепт да се пренесе во современа форма и да биде достапен во секое време преку мобилен телефон.


„Идејата за играта потекнува од „Осумнасочникот“, добро познатата игра со скриени зборови што порано редовно можеше да се најде во весниците. Сакав тој препознатлив и носталгичен концепт да го пренесам во современа дигитална форма и да го направам достапен во секое време преку мобилен телефон. Особено ми беше важно македонскиот јазик да биде дел од проектот и македонските корисници да можат да ја играат играта на својот јазик“, вели Дарко Петковски.
Во „8Way“, корисникот треба да пронајде скриени зборови поставени во осум различни насоки – хоризонтално, вертикално и дијагонално, нанапред или наназад. За успешно завршување на нивото потребно е да се пронајдат сите зададени зборови.


Играта содржи стотици нивоа, различни категории, помош, достигнувања и систем за оценување со ѕвезди. Покрај македонскиот, достапна е и на англиски, српски, бугарски, германски, полски, чешки, француски, италијански и шпански јазик.
Развојот на „8Way“ траел околу три месеци, а целата апликација е дело на Петковски – од идејата и програмирањето, преку дизајнот, базата на зборови и тестирањето, до објавувањето на iOS и Android платформите.
„Целата апликација е моја изработка – од концептот и програмирањето до дизајнот, базата на зборови, тестирањето и објавувањето на iOS и Android. Развојот траеше околу три месеци. Во моментов играта е сè уште нов проект и има помалку од 100 преземања, но зад неа не стои голем издавач или буџет за рекламирање, туку независен автор и желба да се создаде квалитетен производ од Македонија“, вели Петковски.
Играта е бесплатна и моментално се поддржува преку реклами. Во идните верзии се планира можност за нивно отстранување, отклучување дополнителни нивоа, како и додавање нови режими на игра.
Петковски истовремено продолжува со развојот на Melio App Studio, со план постепено да го зголемува бројот на апликации, но и нивниот квалитет.
„Се надевам дека постепено повеќе корисници ќе дознаат за играта, ќе ја испробаат и ќе ги споделат своите мислења и предлози. Би ми значело „8Way“ да стигне до што поголем број корисници и да покаже дека и од Македонија можат да доаѓаат интересни и квалитетни мобилни производи“, додава тој.
„8Way – Најди го зборот“ е достапна бесплатно за iPhone, iPad и Android уреди.
iPhone и iPad:
https://apps.apple.com/us/app/8-way-word-puzzle/id6766798603
Android:
https://play.google.com/store/apps/details?id=slagalica.balkan.app.slagalica&gl=mk
Други апликации на Дарко Петковски:
Android Play Store:
https://play.google.com/store/apps/dev?id=7883480028095328408
iOS App Store:
https://apps.apple.com/pl/developer/darko-petkovski/id1887856506
„Милионер Македонија“:
https://play.google.com/store/apps/details?id=com.bilioner.makedonija
„Соновник – Толкување соништа“:
https://play.google.com/store/apps/details?id=com.sonovnik.v2.petkovski








