Има животни приказни кои не се раскажуваат само со зборови, туку се чувствуваат. Таква е приказната на 17-годишната Сара Гашовска од Битола, ученичка во трета година во СОЗУ „Кузман Шапкарев“, на смерот ветеринарен техничар, која уште од најмала возраст ја носи љубовта кон животните како своја најголема пасија.

Зад нејзината насмевка, сепак, стои битка која не секогаш била видлива за другите. Тешката сколиоза и операцијата со 24 шрафови во рбетот се само дел од предизвиците со кои Сара морала да се соочи. Но, наместо тие да станат причина да се откаже, таа избрала да продолжи – чекор по чекор, со сопствен труд, упорност и верба во себе.

Во својот длабоко емотивен мотивациски есеј „Скршени крилја, цели соништа“, Сара искрено зборува за болката, сомнежите, неправдите и моментите кога било најтешко да се продолжи. Но, уште повеќе зборува за соништата, за љубовта кон ветеринарната медицина и животните и за силата да не дозволиме туѓите сомнежи да станат граница на нашите можности.
Ова не е само приказна за една 17-годишна девојка. Ова е порака до сите млади кои некогаш почувствувале дека некоја животна околност ги ограничува – дека и кога крилјата се скршени, соништата можат да останат цели.
Скршени крилја, цели соништа
Честопати во тишината на мојата соба, додека надвор Битола спие, се прашувам
зошто некои животни патишта мора да бидат толку поплочени со трње. Гледам
околу себе и ја набљудувам разликата. Гледам еден свет каде што на некои луѓе сè
им е дадено лесно, со завеса од постојана заштита и вештачки титули кои треба да
значат вредност.
Мојот пат не започна во таква удобност. Мојот пат започна на ладната болничка маса, со дијагноза која на секој млад човек би му го скршила светот во парчиња: тешка сколиоза. Поминав низ операција која беше вистински физички и емотивен пекол, низ денови каде што секој здив беше борба, и денес во мојот рбет носам 24 челични шрафови. Тие требаше да бидат моите скршени крилја. Најлесно ќе беше да поверувам дека моето место е во сенка. Но, најмногу од сè болат зборовите на луѓето во секојдневието. Низ мојата блиска средина, каде што требаше да го градам својот сон, честопати се соочував со студени ѕидови на потценување. Ме споредуваа со оние „совршените“, со оние кои секогаш беа ставани во прв план на безбедни позиции.
Слушав коментари дека од мене нема да биде ветеринар, дека со ваков голем товар на грбот јас нема да можам да направам ништо значајно во животот. Ме ставаа на пониско ниво, како мојот тивок, суров труд и искрена пасија да вредат помалку од нивните шаблони.


Секој таков сомнеж беше индиректен обид да ми ја одземат самодовербата и да
ме убедат дека немам сила за големи цели. Но, тие згрешија во една работа. Мојот
рбет можеби е зацврстен со челик, но мојот карактер е уште поцврст. Од таа болка
јас извлеков чиста хуманост, а мојот вистински спас и мир го најдов таму каде што нема лага, глума и притисок — кај животните. Кога сум со нив во амбуланта, кога се грижам за нивната немоќ, јас не сум девојчето со здравствен проблем. Јас сум нивниот заштитник. Мојата љубов кон ветерината е мојот кислород и мојот пат кон иднината. Јас не го правам ова за да им се докажам на оние кои се сомневаа во мене; јас го правам ова затоа што знаењето е мојот единствен вистински избор.
Јас сум Сара, девојката која се навикна и научи сè во животот да си прави сама за
себе, без да чека помош од никого.Привремените улоги и вештачкиот сјај лесно
избледуваат со времето, а луѓето кои знаат само да живеат на готово, секогаш
остануваат празни кога ќе се соочат со вистинскиот живот. Моите соништа се
цели, недопирливи и премногу силни за да бидат скршени од туѓите лимити. Ова
не е есеј за патењето, ова е мојата тивка изјава дека јас веќе чекорам кон мојата
победа.
И затоа, сакам да испратам една порака до сите млади луѓе кои во овој
момент се соочуваат со слични ѕидови, сомнежи или здравствени препреки. Не
дозволувајте туѓите лимити да станат ваши граници. Кога околината се обидува да
ве стави на пониско ниво или ви вели дека нема да успеете, нека тоа не ве
обесхрабрува — нека биде вашиот најголем мотив.
Светот е полн со луѓе кои ќе се обидат да ви ги скршат крилјата едноставно затоа што се плашат од висината до која вие можете да стигнете со сопствен труд. Верувајте во вашиот пат, работете сами за себе и знајте дека кога сонот е искрен, никој и ништо нема моќ да го запре. Вашата сила е во вашата автентичност.
Автор: Сара Гашовска








