Битола од 9 до 11 октомври 2026 година за првпат ќе биде домаќин на „Чкембе Фест Битола 2026“, манифестација посветена на традиционалната гастрономија, културното наследство и развојот на гастро-туризмот.
Организатори на фестивалот се Здружението за културни, уметнички, традиционални и забавни активности „Гурман Плус“ Битола и Здружението за угостителство и туризам „Еснаф“ Битола, со поддршка од Општина Битола.
Во рамките на тридневната манифестација се очекува учество на гости и посетители од земјата и регионот, претставници на здруженија на граѓани, туристички сојузи и асоцијации, хотелско-угостителски објекти, образовни институции, како и експерти од областа на гастрономијата.

Првиот ден ќе биде посветен на јавна трибина на тема „Балканска кујна – традицијата и актуелните тенденции во угостителството и гастро-туризмот во Македонија“, на која ќе бидат презентирани теми од областа на културниот туризам и угостителството.
Централниот дел од фестивалот ќе се одржи вториот ден, кога ќе бидат организирани гастрономски натпревари во подготовка на традиционални јадења од чкембе, вклучително и чкембе чорба. Во натпреварите ќе можат да учествуваат ресторани, хотели, здруженија, образовни институции од областа на гастрономијата и други натпреварувачи.
Подготвените специјалитети ќе бидат оценувани од стручна жири-комисија, а посетителите ќе имаат можност да ги дегустираат.
Третиот ден е предвидена информативна тура за гостите од регионот и учесниците во гастрономските натпревари, со цел дополнително запознавање со туристичките и културните потенцијали на Битола.
Покрај гастрономскиот дел, фестивалот ќе понуди и низа придружни активности – изложби, настапи на фолклорни ансамбли и естрадни уметници, презентации на производи од органска храна, како и учество на ракотворци со мотиви од македонското културно наследство.
Организаторите посочуваат дека целта е „Чкембе Фест Битола“ да стане традиционална меѓународна манифестација која во иднина ќе привлече гастрономски здруженија, угостителски и туристички субјекти и посетители од земјата и странство.
Мотото на првото издание на „Чкембе Фест Битола 2026“ е:
„Од котлето на традицијата до иднината на гастрономскиот туризам“
Фестивалот ќе се одржи од 9 до 11 октомври 2026 година во Битола.








