Бабец театар од Битола одбележа 16 години постоење со два значајни настани посветени на театарската уметност, историјата и детската публика.
По тој повод, во НУ Народен театар Битола беше реализирано „Чествување на заветот“, посветено на 100-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков, додека во НУ Центар за култура – Битола беше изведена премиерата на детската претстава „Мајка (Magna Mater)“, авторски проект на Марјан Георгиевски, во продукција на Бабец театар.

„Мајка (Magna Mater)“ нè враќа речиси 8.000 години наназад, во времето на неолитот, на македонска почва, во Тумба Маџари. Покрај огништето во една неолитска куќа, некој зел кал и ја создал „Големата Мајка“ – Magna Mater. Прикажана со широко отворени раце, таа го држи покривот над главата и станува чувар на домот во кој човекот се раѓа, живее и умира.

Претставата зборува за тој вечен круг и за мајката која на овие простори никогаш не била само мајка. Таа била оска околу која се вртеле домот, семејството, земјата и родот. Ги раѓала децата, ги хранела, ги испраќала во светот и ги чекала назад.
Нашите предци ја препознале таа сила и ја претвориле во божица – ја поставиле во центарот на домот.
„Мајка (Magna Mater)“ е посветена на мајката која нè родила, но и на земјата која нè носи и крепи. Зашто тие две – одамна се едно. Истата топлина, истата трпеливост и истата љубов која не бара ништо за возврат.
Животот поминува. Magna Mater останува.
Во реализацијата на претставата учествуваат дизајнерот на звук Александар Димовски, видео операторот Владимир Переловски, изработката на куклите е на Николче Српчански, куќарките ги изработи House of Tree, а декоратер е Борче Ѓаковски.

Шеснаесетгодишното постоење на Бабец театар е приказна изградена врз љубовта кон театарот, креативноста и детската насмевка.
„Кога го создававме Бабец театар, имавме една едноставна, но силна идеја – да создадеме место каде што љубовта кон театарот, креативноста и детската насмевка ќе бидат најголемата вредност. Денес, 16 години подоцна, гордо можам да кажам дека таа идеја прерасна во приказна која остави трага кај илјадници деца, родители и љубители на театарската уметност“, изјавија основачите на Бабец театар, Јулијана Мирчевска и Васко Мавровски.

Тие упатија благодарност до сите актери, соработници, пријатели и поддржувачи кои биле дел од досегашното патување на театарот.
„Најголемата награда отсекогаш била искрената детска насмевка и аплаузот по секоја претстава“, додаваат Мирчевска и Мавровски.
Со новата претстава и со одбележувањето на 16 години постоење, Бабец театар уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон театарот, детската публика и создавањето приказни кои ги поврзуваат минатото, сегашноста и иднината.








