Имавме исклучителна можност во Книжевниот клуб Утопија во Битола да ни гостува истакнатиот македонски писател Анде Јанков.
Настанот го отвори организаторката Јасмина Атанасова претставувајќи го авторот Анде Јанков со податоци од неговата биографија.
Главната задача промотор на романот му беше доверена на Никола В. Ристевски, македонски писател од Битола. Низ опуштен книжевен разговор, со својот колега по перо, обработија доста теми поврзани со приказната во романот, но истовремено загатнаа и доста прашања привлекувајќи го интересот на присутните читатели.

„Предизвик е да се биде промотор на веќе докажан македонски автор како Анде Јанков, којшто му е многу добро познат на македонската читателска јавност, а воедно и доста читан македонски писател. Некои од неговите романи имаат доживеано повеќе изданија во Македонија, а дел од нив се преведени на неколку јазици. Но, она што посебно би го истакнал за Анде е дека тој е еден од ‘умните писатели’ којшто не се потпира само на својот талент, туку чита и истражува“, истакна Никола В. Ристевски во своето излагање.

Анде Јанков е роден на 5.6.1988 година во Велес. Од најмала возраст покажува афинитет кон пишаниот збор. Дипломира на Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 2012 година.
Неговиот прв роман Едно лето на Крит, кој излегува од печат во 2016 година, е добитник на наградата Романијада за најдобар дебитантски роман на издавачката куќа Култура. 2020 година, во издание на Антолог, излегува неговиот втор роман, Виенски гамбит, замислен како прв дел од подолга криминалистичка серија. Во 2021 година, излегува Сигурен ризик, продолжение на приказната за инспекторот Виктор Николов. Во 2022 година, излегува третиот дел од серијалот, Само Бог простува. Четвртиот дел, Кобајаши Мару, излегува во 2024 година, и е прогласена за книга на годината во Антолог од страна на читателите. Во 2020 година го почнува книжевниот буккаст Книжевни разговори, во кој му гостуваат најновата генерација домашни автори од книжевната сцена. Поткастот брои пет сезони, седумдесет епизоди и шеесет гости од Македонија и од регионот.
Важи за водечки автор во криминалистичкиот жанр во Македонија, поради придонесот за проширување на неговите граници во современата македонска литература.
Најновиот роман е шести по ред, а петти во серијата романи чиј главен лик е инспекторот Виктор Николов. „Memento mori“ носи звучен наслов, латинска изрека, којашто нè потсетува дека секој е смртен. Иако секој човек на различни начини го толкува животот, филозофите на различен начин го сфаќаат животот, она за што сите сме на исто мнение е дека смртта е неизбежна и не знаеме кога ќе нè затекне во текот на животот. И иако станува збор за непредвидлива неминовност, сепак човекот чувствува страв од смртта, а воедно низ животот, свесно или несвесно, се соочува со неа. Но, воопшто не е важно кога ќе умреме – важно е како ќе живееме и што ќе оставиме зад нас како наследство. Или како што истакнува Анде во својот роман: „Тоа што го правиме во животот одекнува во вечноста“.
Она што дополнително го привлече вниманието на битолските читатели е тоа што главната приказна во овој роман се врти околу ликовите, глумци од Народниот театар во Битола, коишто ја изведуваат најновата театарска претстава, базирана на Шекспировиот „Хамлет“, чија премиера ја доживува во Загреб, Хрватска. Дополнителен зачин во овој роман е и употребата на битолскиот дијалект во меѓусебните разговори помеѓу ликовите од Битола.
На крајот од книжевниот разговор беше упатена порака до присутните читатели да не се двоумат и да ги прочитаат сите романи на Анде Јанков, бидејќи станува збор за исклучително квалитетен македонски писател, пред кого претстои светла и многу успешна кариера, во и надвор од нашата Македонија.
Веднаш по официјалниот дел од промоцијата, повеќето од присутните со примероци од романите пристапија за да добијат посвета и потпис од авторот. Во пријатна атмосфера следуваше неформална дружба.
На промоцијата со свој штанд присуствуваше и Јулијана Делев од Book’s house каде што можат да се набават сите романи од Анде Јанков во Битола.
„Сè што имаме во животот, не се само приказните што остануваат по нас, туку и луѓето чии животи сме ги допреле со нашето постоење.“ („Memento mori“, Анде Јанков)







