Враќањето на топлиот оброк е од особено значење за вработените – двигателот и приоритетот на компанијата. Оваа мерка ќе придонесе за подобро здравје, зголемена мотивација и поголема продуктивност. Калориската вредност на оброците е изработена по препорака на нутриционист и ги задоволува потребите на работници во рудници и тешки работни места. Квалитетот на храната секојдневно се проверува со мостри од стручно лице.




По речиси две децении, денеска во РЕК Битола вработените повторно добија топол оброк. Кујната и ресторанот, кои од 2007/2008 година не беа во употреба, сега се целосно модернизирани и функционални според највисоки стандарди.

Новите раководства на ЕСМ „Молика“ и Подружница РЕК Битола веднаш по преземањето на функциите започнаа со изработка на основни проекти, градежни работи и елаборати за греење, ладење, вентилација и климатизација, како и машински и електрични инсталации. Објектот е изграден по сите ХАСАП стандарди за квалитетна подготовка и послужување на храна и ќе продолжи да се надградува.


Со денешното предавање, објектот на Подружница РЕК Битола премина на управување на ЕСМ „Молика“. Во процесот на реализација, раководството затекна опрема во вредност од 600.000 евра, која по низа подготвителни активности е успешно имплементирана и ставена во функција.




Идејата за враќање на топлиот оброк била споменувана и претходно, но со надминување на бројни предизвици, таа конечно е реализирана. По успешно завршениот пробен период и добиените дозволи од надлежните институции, дневно ќе се подготвуваат од 1.640 до 1.670 оброци, а бројот постепено ќе расте со зголемување на кадровскиот и производствениот капацитет.


Вкупната инвестиција за реконструкција и модернизација на кујната и ресторанот изнесува околу 60 милиони денари и претставува прва фаза од поголем проект. АД ЕСМ најавува ваква реконструкција и на кујната и ресторанот во производствената единица „Рудници“ при РЕК Битола.








