Великомаченикот Свети Фануриј Светата Црква го прославува на 27 август / 9 септември, а најмногу се слави во Македонија, Мисир, Родос и на островот Крит. Во XIV-век, при ископување околу градските ѕидови бил пронајден стариот храм и прекрасна икона, на која бил претставен Св. Фануриј како млад војник „многу страдален за Христос“. Во едната рака држел крст, а во другата-запалена свеќа. Тогаш Митрополитот Нил од Родос (1355 – 1369) го обновил храмот на Светителот. Во него ја поставил иконата на Св. Фануриј за луѓето да му се поклонуваат и да му оддаваат почит. Митрополитот напишал и посебна богослужба за Светителот. Во Мисир постои предание дека „неговата мајка била тешка грешница, која ни тој не можел да ја поправи“ (м. Тадеј, 84). Тој честопати го молел Бога за нејзино спасение. Свети маченик Фануриј настрадал заради верата во Христа. Бил каменуван од страна на назнабошците. Умирал тажен со очите подигнати кон небото. Од неговите очи течеле потоци од солзи, зашто неговата мајка не ја запазила Божјата заповед. Доживувајќи најголеми болки, крварејќи од ударите на острите и тешки камења, со разгорено срце, ја воздигнал душата кон Господа и од дното на срцето повикал кон Бога: „Заради овие мои маки за Тебе помогни им Господи на сите оние кои ќе ти се молат за спасението на Фануриевата грешна мајка“ (м. Тадиј, 84). Христијаните во Мисир го молат Бога со молитвата: „Спаси ја господи мајката на Св. Фануриј и помогни ми мене грешниот”.
ми мене грешниот“.
Значење на неговото име
Името „Фануриј“ доаѓа од грчкиот збор φανερώνω – „откривам, покажувам“. Затоа, со благословот на Црквата, верниците го почитуваат како светец кој им помага на оние што бараат нешто изгубено – не само предмети, туку и изгубена надеж, вера, радост или вистинскиот пат во животот.
Фануријата – колач во негова чест
Во традицијата на православните народи, на овој ден се подготвува посен колач наречен фанурија, кој се носи во црква на благослов. Колачот се дели со ближните како знак на благодарност кон светецот и како молитва за здравје, мир и напредок. Со него се принесува и молитва за спасение на душата на мајката на Свети Фануриј, за која тој самиот барал милост.








