Музичка младина на Македонија четврта година по ред го организира интернационалниот камп за млади музичари „Етно Македонија“.
Од 15 до 23 јули, во интернатот „Мирка Гинова“ во Битола на кампот „Етно Македонија“ годинава учествуваат музичари од Македонија, Босна и Херцеговина, Италија, Франција, Холандија, Белгија, Шкотска, Шведска и Естонија.
Ментори на овогодинешниот камп се Ангел Спироски, композитор и диригент од Македонија и Ламија Сариќ, кларинетистка од Босна и Херцеговина, а учесници се: Бојан Анакијевски, перкусии – Македонија, Џина Перкиќ, виолина – БиХ, Илда Хамустафиќ, вокал – БиХ, Младен Ристиќ, кавал, саз – БиХ, Камил Сини, флејта – Франција, Јоше Холстајн, виолина – Холандија, Џои Дортен, гитара – Холандија, Маја Селис, виола – Естонија, Лорен Колиер, виолина – Шкотска, Франческа Маночо, виола – Италија, Јорун Лауресенс, хармоника – Белгија, Виктор Буендиа, мелодика – Шпанија, Карл Ериксон, хармоника – Шведска. Координатор на кампот е Верица Ајтовска.
Учесниците годинава ќе приредат два завршни концерта, во Битола, на 23 јули во 21 ч., во рамките на фестивалот „Илинденски денови“, на платото на Офицерски дом, и на 24 јули, како дел од фестивалот „Скопско лето“ во Сули ан, со почеток од 21 часот.
„Етно“ е програма на Меѓународна музичка младина (JM International) за народна, светска и традиционална музика, наменета за млади музичари на возраст од 18 до 30 години. Програмата се спроведува во 45 земји ширум светот и има за цел да го оживее и да го одржи во живот глобалното културно наследство, ангажирајќи ги младите луѓе преку серија годишни меѓународни музички кампови.
Кампот „Етно Македонија“ е поддржан од Министерство за култура.