Кога 8-годишната Илина танцува, како да гледате професионалец кој со години ги усовршувал своите движења. Нејзината посветеност и љубов кон танцот, резултираат со голем број награди. За две години освоила 9 златни медали, 2 пехари и уште многу други дипломи.
Нејзината танцова приказна започна пред две години, кога членството во ТСК Спортакус го добива како награда за најдобра првоаприлска маска. Оттогаш, танцувањето за Илина е на прво место.
Нејзините родители велат дека Илина преку танцот ги искажува своите емоции. Максимално ја поддржуваат, иако тоа не значи само одделување време туку и средства од семејниот буџет бидејќи тешко се наоѓаат спонзорства.
Запознајте ја 8-годишната Илина Недановска од Битола.
Читај бе: Илина, најнапред претстави ни се…колку години имаш, каде учиш…
Илина: Јас сум Недановска Илина, имам 8 години и учам во ООУ „Коле Канински”, 3 одделение.
Читај бе: Како го засака танцот? Колку време танцуваш?
Илина: Танцувам повекје од 2 години во ТСК Спортакус. Љубовта за танцувањето кај мене ја вметна мојот тренер Дона Димовска со која секојдневно смислуваме нови интересни елементи на движење што прави само се повеќе да го сакам танцувањето!
Читај бе: Годинава освои неколку први места на натпревари во државата, но и надвор. Последното прво место е во Чачак. Колку тоа те мотивира за да бидеш подобра на следните натпреварувања?
Илина: Во овие две години имам освоено 9 златни медали и 2 пехари за соло изведби и многу дипломи за освоени прво и второ место во група и дуо категории. Последниот медал во Чачак за мене е само поголема одговорност да дадам се од себе и понатаму достојно да го претставувам клубот и нашата земја надвор.
Читај бе: Кога се работи за танцувањето, што е она што најмногу го сакаш додека вежбаш и додека се натпреваруваш?
Илина: Многу ја сакам гимнастиката и елементите што содржат гимнастика ми се омилени, а натпреварите секогаш ми се омилени заради дружењето што го имаме таму.
Читај бе: Кој е твојот најомилен настап досега?
Илина: Чачак!!! Затоа што не се надевав на високо место, а освоив прво. Убаво беше и дружењето со деца од различни држави.
Читај бе: Што ти беше досега најтешко, а што налесно да научиш во танцувањето?
Илина: Чест е елемент од гимнастика за кој ми требаше повеќе време да го научам. Сè друго со советите на мојот тренер Дона успешно совладувам.
Читај бе: Имаш ли некоја желба некаде да настапиш и да танцуваш?
Илина: Немам посебна желба, но во иднина се надевам почесто ќе настапувам во други држави.
Читај бе: Освен танцувањето, имаш ли и други хобија? Што сакаш да правиш во слободно време?
Илина: Танцувањето ми е на прво место, потоа е англискиот јазик и после училишните обврски, многу малку време имам за друго освен се разбира другарувањето за кое секогаш наоѓам време.
Нејзината мајка, Јасмина вели дека Илина добива максимална поддршка од семејството.
Читај бе: Како го откривте талентот на Илина за танцување?
Јасмина: Морам да признаам дека тоа не бев јас! Сосем случајно дојдовме на идеја да ја запишеме на некоја спортска активност. Членството во ТСК Спортакус беше всушност награда за најкреативни маска што после короната беше организирано од страна на кловнот Заги. Потоа Илина си го пронајде своето место со поддршка на наставничката Дона.
Читај бе: Колку ја поддржувате во тоа? Нејзините успеси и први места значат и постојано патување…
Јасмина: Се трудиме максимално да ја има поддршката од нас! Мора да напоменеме дека не е само одделувањето на време туку и средства од семејниот буџет бидејќи ретко наидуваме на спонзорства, а клубот како клуб максимално се труди да ни олесни.
Читај бе: Што значи танцувањето за Илина? Како тоа влијаеше врз нејзиниот развој?
Јасмина: Секој спорт позитивно влијае врз развојот на децата и мислам дека многу е битно од мали да стекнуваат навика за спортски активности бидејќи спортот не само што е добар за здравјето туку убаво е да се поседува тој спортски дух на подавање рака и другарство! А преку танцот пак Илина има можност да ги искаже своите емоции на еден суптилен и нежен начин.