Постои една особина што човештвото со задоволство ја носи како орден на градите: емпатијата. Таа се спомнува на телевизиски панели, во статуси на социјалните мрежи, во говорите на луѓе што сакаат да звучат благородно. Да се биде „емпат“ денес е речиси морална титула, нешто како современ аристократски знак за духовна возвишеност.
Но, како и со секоја титула што се дели премногу лесно, човек мора да се запраша дали таа сѐ уште значи нешто.
Во старите јазици, емпатијата не беше украсна доблест. Таа беше способност да се почувствува туѓата болка како своја, тивка и тешка работа на душата. Не се носеше како значка. Се носеше како товар.
Денес, пак, емпатијата најчесто изгледа како добро изрежирана сцена. Некој ќе објави фотографија од напуштено куче и под неа ќе се наредат илјадници коментари полни со срца, солзи и праведна лутина. Истите тие луѓе, неколку часа подоцна, ќе читаат за трагедија на некој човек и со чудна наслада ќе коментираат дека „така му требало“.
Човек би рекол дека не се работи за емпатија, туку за селективна сентименталност.
Да се сакаат животните е благородно. Но ако во исто време се посакува најлошото на луѓето, ако се ужива во нивната болка, ако се аплаудира на туѓата несреќа како да е јавна претстава, тогаш тоа не е емпатија.
Тоа е дволичност облечена во морална реторика.
Вистинската емпатија е многу понепријатна работа. Таа бара човек да разбере дека и оној што греши, и оној што паѓа, и оној што нѐ нервира или ни е одбивен, е исто така човечко суштество. Тоа не значи да се оправда секоја постапка, но значи да се препознае дека зад секоја трагедија стои нечиј живот, а не само приказна за забавување на публиката. Да си биде емпат значи да се сочуствува со животот во секое негово светло.
Но токму тука се појавува едно друго, непријатно прашање.
Дали воопшто е добро да се биде емпат?
Ако навистина ја поседуваш таа способност, светот многу брзо ќе ти објасни колку е непрактична. Емпатичниот човек тешко изговара „не“. Не бидејќи не знае дека треба, туку бидејќи секогаш ја слуша туѓата причина, туѓото оправдување, туѓата мака.
А луѓето, како што знаеме од историјата и од секојдневието, имаат извонреден талент да ја користат туѓата добрина како ресурс.
Емпатот станува рамо за плачење, посредник во туѓи конфликти, последна адреса за туѓи проблеми. Често се претвора во тивка инфраструктура на туѓите животи. Сите знаат дека таму има разбирање, таму има трпение, таму има уште еден обид да се помогне.
И токму затоа таму често има и злоупотреба.
Парадоксот е речиси комичен. Општеството јавно ја слави емпатијата, а приватно ја експлоатира. Сите сакаат емпатични луѓе околу себе. Малкумина сакаат да бидат тие луѓе.
Затоа можеби вистинската мудрост не е да се биде безусловно емпатичен, ниту пак да се биде цинично рамнодушен. Двете состојби се опасни на свој начин.
Првата може да те претвори во инструмент.
Втората може да те претвори во нешто полошо од инструмент.
Можеби вистинската задача на зрелата душа е нешто потешко. Да ја зачува емпатијата, но да ја придружи со граници. Да се разбере туѓата болка, без да се дозволи таа болка да стане туѓо право над нашиот живот.
Бидејќи емпатијата без мудрост е наивност.
А мудроста без емпатија е студенило.
И ако веќе мора да се избере меѓу тие две опасности, можеби е подобро да се ризикува со малку повеќе срце, но со доволно разум за да се знае кога треба да се помогне, а кога треба едноставно да се каже ,,Не”.
И така, ќе продолжиме да живееме во време во кое емпатијата се изразува со емотикони, со огнени коментари под туѓи трагедии и со внимателно одбрани морални позиции што не бараат никаква жртва. Ќе се нарекуваме емпати, ќе се гордееме со нашата „чувствителност“, и ќе продолжиме мирно да спиеме додека некој друг ја носи тежината на вистинската човечност. На крајот на краиштата, многу е полесно да се сака човештвото воопшто, отколку конкретниот човек што стои пред нас. А во оваа удобна цивилизација на декларативна добрина, изгледа дека токму тоа и го нарекуваме емпатија.








