Свети Василиј Велики се празнува на 14 јануари според православниот календар и го одбележува почетокот на Новата година според стариот јулијански календар. Овој ден, познат и како Василица или стара Нова година бил во употреба пред воведувањето на новиот (грегоријански) календар. Разликата меѓу двата календари изнесува 13 дена, па според јулијанскиот календар, Новата година започнува на 14 јануари.
Во 1916 година, повеќето земји, вклучувајќи ги и православните христијански земји, го прифатиле грегоријанскиот календар за официјални и световни цели. Сепак, православната црква во многу земји, вклучувајќи ја Македонија, го задржала јулијанскиот календар за црковните празници.
Свети Василиј Велики бил архиепископ на Кесарија во Кападокија и е познат како еден од најголемите теолози и филантропи на своето време. Тој е основач на првиот систем за организирана грижа за сиромашните и болните, познат како „Василијада“. Неговата работа оставила траен белег врз црквата, а литургијата која ја составил и денес се служи во православните храмови.
Називот Велики малкумина го добиваат во Црквата, а свети Василиј е еден од тие ретки што го добиле овој епитет поради неговиот свет и восфалуван живот. Колку свети Василиј бил Велик зборува податокот дека тој назив го добил уште додека бил жив.
Еден од најпознатите обичаи е правењето пита со паричка. Верувањето е дека оној што ќе ја најде паричката ќе има среќа и благослов во текот на годината.Коледарите, кои носат маски или костими, ги обиколуваат домовите, пеејќи за бериќет и плодност.
Во народното верување, Свети Василиј е заштитник на земјоделците и сточарите. Луѓето веруваат дека молитвата до овој светител може да донесе благослов за богат род, здравје за семејството и заштита од зли сили. Се смета дека времето на овој ден ја предвидува целата година: ако денот е ведар и сончев, годината ќе биде плодна и успешна.
Преданието за лебот на свети Василиј Велики
Во времето кога Божјиот угодник свети Василиј Велики (330-379) стана Архиепископ Кесариски, епархот на Кападокија, кој беше многу алчен и груб човек, имаше обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот. Кога на свети Василиј му јавија дека епархот повторно доаѓа, тој побара од богатите луѓе во Кеасрија да го донесат сиот свој накит и златници. Кога епархот пристигна, свети Василиј го пречека и му го понуди богатството. Епархот се изненади и по некое чудо се засрами, така што одби било што да земе, ниту пак го ограби градот. Тој никогаш повеќе не се ни врати, ниту пак им досадуваше на верните од градот. Свети Василиј остана со сиот накит и златници токму на Новогодишната вечер не знаејќи што на кого му припаѓа. Тогаш просветлен од Господ, тој ги замоли готвачите да направат мали лебови за секој верник. Во секој од лебовите тој стави нешто накит и златници. На денот на Новата Година кога сите луѓе дојдоа во црква, тој на секого му даде по едно лепче. Тоа што секој го имаше најдено во лепчето беше токму тоа што претходно го имаше дадено. За спомен на овој настан до ден денес се практикува на денот на свети Василиј Велики, односно на Новата Година (по стар календар) да се меси лепче со паричка во него. Лепчето се разделува така што првото парче е наменето за спомен на Господ наш Исус Христос, второто за Пресвета Богородица, третото за свети Василиј Велики. Понатаму лепчето се разделува на присутните. Оној кој ќе ја најде паричката го добива благословот на свети Василиј Велики за претстојната година.
Меѓу другото, во неговиот тропар стои дека ги „украсил човечките обичаи“. Тој обичај е и кршењето на лепче со паричка на денот кога Црквата го прославува овој светител.