Во едно труло општество како нашето, во кое патријархалните норми и нееднаквоста се вкоренети во сите сфери на животот, жените кои се успешни не само што треба да се соочат со сопствените амбиции, туку и со постојаната битка против системските пречки и социјалните предрасуди. И додека многу од нив се сметаат за „успешни“, важно е да се постави прашањето: што всушност значи успех во општество кое често ги оценува и маргинализира жените, без оглед на нивните достигнувања?
Не учат да бидеме силни, да бидеме успешни, мајки, домаќинки – меѓутоа не нѐ учат да бидеме среќни. Живееме во свет каде мажите се доминантните играчи во општеството, а успешните жени се како редок скапоцен камен во пустина. Да, стоиме рамо до рамо, но со изместени правила. Знаете ли што сѐ се крие зад тој успех? Потајно ѕиркаат бројни бариери што жените мораат да ги преминат за да стигнат до својата цел. Од лошо детектирање и ограничување на нивниот потенцијал, стигнуваме до верувањето дека успехот на една жена треба да биде некоја форма на исклучок од правилото, а не нормален дел од здравото општествено уредување. Пресудно е тоа што многу од нив се соочуваат со постојан притисок да ја докажат својата вредност не само преку стручност, туку и преку постојаното оправдување на своето постоење во светот кој ги минимизира нивните способности. Потоа ги имаме жените на високи позиции кои многу често се соочуваат и со двојни стандарди. Во еднакви или дури и подобри услови, тие мораат да покажат повеќе од своите машки колеги за да се прифатат како еднакви. И додека мажите во слични околности се сметаат за природни лидери, жените кои водат со свои идеи и визии често се доживуваат како амбициозни, па дури и како агресивни.
Да се биде лавица во едно труло општество често значи носење на психолошки товар кој тешко е видлив за околината. Постојаното чувство на несигурност — дали е нејзиниот успех заслужен или е само резултат на случајност, како се оценува во однос на мажите, дали таа има право на неуспех или грешка — се прашања со кои се соочува речиси секоја жена која постигнува успех.
Покрај тоа, многу успешни жени се соочуваат со балансот помеѓу професионалниот успех и личниот живот. Обврските како мајки, сопруги, ќерки или сестри се често наметнати како дополнителен товар. Во општеството каде што традиционално се смета дека жените треба да бидат посвечени на семејството и домот, успехот во кариерата на жената често подразбира не само професионална посветеност, туку и жртва на личната слобода, време и емоции.
Во труло општество, успехот на жената често не се признава веднаш или се минимизира. Додека мажите со слични достигнувања добиваат пофалби, нови титули.. Жените често мораат дополнително да се борат за признание. Успешните жени не се само признати како „лидерки“ или „иноватори“, туку често добиваат дополнителни етикети, како што се „тврдоглави“, „непријатни“ или „недостојни“. Овој патријархален социјален кодекс го намалува нивниот успех и ја намалува нивната вредност, бидејќи се подразбира дека тоа не е „природно“ за жените.
Што повеќе, успехот на жените често се мери со нивната способност да бидат пријатни, да изградуваат односи и да ја задржат својата женственост, додека мажите се прифатени кога се агресивни и храбри. Овој двоен стандард продолжува да ги ограничава жените во нивните напори да бидат признати за нивната работа и таленти.
Еден од најголемите предизвици во светот на успешните жени е недостатокот на меѓусебна поддршка. Жените често се соочуваат со конкуренција, наместо да се обединат за да создадат силна мрежа на поддршка која ќе им овозможи да ги рушат бариерите на патот до успехот. Во општеството каде што патријархатот се уште има големо влијание, жените често се наоѓаат во ситуација каде што мораат да избираат помеѓу солидарноста и личниот успех.
Успехот на жената во труло општество не е само прашање на лична амбиција и труд. Тоа е во голема мера прашање на континуирана борба против структурни нееднаквости, социјални пречки и наметнати историски патријархални норми. Жената која успева во вакви услови не е само успешна, туку е борец, кој мора да се избори за своето место под сонцето, често без поддршка од системот или општеството. Нејзиниот успех не е само личен — тој е симбол на отпор и надеж за сите жени кои се борат за еднаквост, правичност и достоинство.