bitolcani

Да се биде Битолчанец денес значи да носиш во себе богатство на спомени и мирис на минатото, но и да се соочуваш со предизвици на современиот живот. Градот, познат по Широк Сокак, кафулињата, клавирите и конзулите, е повеќе од урбана култура и историја – Битола е чувство, начин на живот, начин на гледање на светот. Битолчани се луѓе кои сакаат разговор, кои знаат да го ценат времето поминато со пријатели, семејство, соседи, па дури и ненамерници. Но, да се биде Битолчанец денес не значи само да се живее во градот, тоа значи и да се справуваш со темпото на светот што е побрзо од животот што го знаеме.

Да се биде Битолчанец значи да ги носиш традициите со себе, но истовремено да се прилагодуваш на современоста. Да се знае и да се држиме до вредноста на животот кој го имаме тука, и да се разбере дека не сè што било порано е загубено, иако многу од младите сонуваат за други градови и други можности. Се бара баланс помеѓу тоа што е старо и што е ново, помеѓу корените и патувањата.

Битолчанецот денес гледа како неговиот град се менува, како кафулињата се полнат и празнат, како младите доаѓаат и заминуваат, и сепак го сака својот град. Тој гледа нови луѓе, нови градби, нови култури… Можеби некој ќе рече дека во Битола луѓето живеат со спомените од некогашен Манастир, Обител… но, токму затоа го сакаме – заради спомените, заради луѓето, заради духот што се чувствува на секој чекор, додека чекориме низ Широк Сокак, низ Старата Чаршија, низ тесните улички… На еден град може се да му се одземе, но душата никогаш.

Затоа, да се биде Битолчанец денес исто така значи да се биде горд и критички настроен. Да се сака градот, а сепак да се бара подобро за него. Да се биде дел од промена, без да се заборави коренот. Да се слуша минатото, но да се гледа и иднината. И да се знае дека Битола не е само еден обичен град, туку град со силен дух на луѓето што го прават посебен.

Да се биде Битолчанец денес е да се биде горд на тоа што си дел од град со душа, кој, без разлика на промените, останува секогаш топол, гостопримлив и вистински жив. Низ отчукувањето на Саат Кулата, животот тече, но како низ секој потег на стрелката, духот на минатото е тука, живее во секој од нас.

И на крај… Битолчанец не е само географска одредница, туку ментална состојба и начин на живот.

п.с. Употребата на голема буква е намерна, спротивно на правописот.

jk viber
Не морате баш на сите да им се допаѓате – не трудете се да се вклопите секаде и со секого
Потребата постојано да сме во потрага по потврда од другите за она …
Ако треба да платите за нешто со вашиот мир, знајте дека е прескапо
Понекогаш најтешките рани не се раните што ни ги нанеле другите, понекогаш …
meblo trejd

Претплатете се за новости

You May Also Like

Телевизијата можеби и не е мртва, но ТВ рекламите сигурно се – колумна на Наташа Велковска

Пишува: Наташа Велковска, директор за ПР и продукција во Represent Communications Компаниите…

Бутин: Немојте да попуштате – го боли светот

Пишува Биљана Т. Димко Грев ми е. Ме боли душата. Срцето да…

Бутин: Која е поентата да ги сакаме само оние кои и нас нѐ сакаат?

Пишува: Влатко Стојковски „А, што би било кога болката би ја чувствувал…

Стефанија Шаркоски: Македонија – земја на тивката болка и гласниот дух

Македонија. Земја мала по големина, но голема по срце. Народ кој знае…