НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола продолжува да ги промовира писателите и поетите со битолско потекло.
Во месец март, месецот на жената, месецот на пролетта, библиотекарот Гордана Ѓорѓиевска – Неделковски на кафе и книга беше со Биљана Т. Димко. Млад поет, раскажувач, новинар.
Од најмали години нејзината љубов кон пишаниот збор ѝ го вградуваат силните жени на нејзиното семејство. Оваа љубов понатаму таа ја насочува и ја претвора во своја професија. Биљана е дипломиран професор по Македонски јазик и книжевност. Нејзината љубов кон творештвото таа го крунисува со неколку издадени дела. На читателите им ги нуди книгите поезија: „Круговите на животот (2003)“, „Сцена зад кулисите(2007)“, „Дами и господа гологлави(2012) и „ Поштомување (2018)“,сите нејзини дела се со специфичен стил на пишување, користејќи дијалектизми и архаизми. Биљана исто така пишува и научни трудови кои можат да се најдат во различни Зборници за историјата на македонската книжевност.
Нејзиниот труд и ги отвора вратите во светот на писателите, со што таа станува најмладиот примен член во Битолскиот книжевен круг и Друштвото на писатели на Македонија.
Кога ја запрашавме за своите почетоци таа ни раскажа: „Моите почетоци се токму од вашата библиотека. Тука почнав на творам за прв пат. Првиот ракопис го напишав како средношколец во старат читалница што беше спроти пултот за издавање, тогаш завршив прва година средно. Во моментов централен интерес ми е книжевната филозофија на Костов и слоевито читање на неговото творештво.“- ни раскажа таа.
Биљана Т. Димко е дел и од Роднокрајните средби на битолските писатели од Македонија, кои ги организира НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола.
Со својата професија таа секојдневно придонесува во афирмирање на македонскиот јазик во земјава и надвор.
За крај ја замоливме да ви се обрати вас, наши драги читатели: „Обично не сакам да „солам“ памет. Животот е прекрасен, уживајте во неговата убавина, така што ќе го живеете будни, а има прекрасни книги кои можат да нè инспирираат и да ни го збогатат духовниот живот. Моето животно мото е „Среќата ги следи храбрите“ на Вергилиј. И обидете се да не озборувате, озборувањето ја кради животната енергија“ – порача поетесата.
Ние ве покануваме да се дружите со нејзината поезија, а на поетесата и посакуваме да продолжи да твори и за брзо да нè изненади со нејзино ново дело.