Викторија Маркоска од Битола е мејк ап артистка која има работена на повеќе телевизиски и филмски проекти, меѓу кои најпознатиот е „Сенки над Балканот“. Таа постојано ги усовршува своите техники на шминкање, кои се разликуваат во зависност за каква пригода се работи. Сега, во екот на матурските прослави, а се со цел да им помогнеме на матурантките полесно да се одлучат за шминката за матурската прослава, ја замоливме Викторија да ни открие неколку совети. Каква да биде шминката, кои се најчестите грешки, каква шминка со каков фустан одговара…

Читај бе: Во ек се матурските прослави. Викторија, може ли да ни кажеш, што е најактуелно кај матурантките сега, каква шминка бараат?

Викторија: Aктуелни се сите типови на Cat eyes ефект, добро исцртани веѓи, трепки од природни до вештачки – убаво потенцирани, контурирано лице и полни усни потенцирани со молив. Од боја – сите светли и природни тонови со малку додаден сјај, црвениот кармин е стандардно актуелен, тој е вечен, јас би рекла која девојка или жена не пробала црвен кармин и нокти, таа не знае што е да се биде жена. Матурантките оваа година мислам дека се прилично блиску до тоа што е актуелен тренд. Гледајќи ги сликите од таблоата, навистина се воодушевив како сите одбрале да имаат монохроматичен стил на шминка, а тоа се природни тонови на бои слични на бојата на кожата одлично искомбинирани во нијанси. Се надевам дека ке се држат до тој стил и за самата прослава, воедно им препорачувам и да не прават драстични промени во боите на лицето од оние кои знаат дека им стојат. Всушност секогаш и треба да се држиме до оние бои кои знаеме дека најдобро стојат на нашата боја на кожа, коса и очи, затоа што не сите бои од спектарот, од илјадниците варијации на бои во шминката не стојат на секого добро.

Читај бе: Што е она што ти го препорачуваш? Во согласност со стајлингот, фустанот…

Викторија: Како што реков, освен што треба да се внимава на боите на шминката да се во согласност со бојата на кожата, очите и косата, потребно е и да се усогласи шминката според бојата и стилот на фустанот кој ќе се носи. Ете како пример: доколку девојката се одлучила за бел фустан, мора да внимава на бојата на пудра, како и да не претерува со контурирање на лицето, додека пак бојата на очите мора да биде усогласена со бојата на кармин. Ако се одлучила за црвен кармин, тогаш подобро е очите да бидат исенчени со посветли сенки, а може само мала линија или замаглување Smokes eyes ефект да се направи, ама пак да не биде тоа во многу темни тонови. Доколку се одлучила за црн фустан, тогаш експериментите во шминка со оваа боја како комбинација се највозможни и естетски најмногу прифатливи, додека пак ако се одлучила за светкави варијанти или пак конкретно некоја појака боја на фустан, тогаш шминката мора да изгледа неутрално. Значи акцентот да паѓа на бојата и материјалот на фустанот, а не истовремено и на фустанот и на шминката. Зошто? Затоа што комплетниот изглед ќе биде премногу шаренолик и нападен, а ефект од естетски аспект нема да има. Генерално што се однесува до шминка за матурантки, бидејќи се работи за многу млади девојки кои штотуку навршиле 18 години, мојот совет е да не се претерува со боите и слоеви на шминка, што понеутрално изгледа шминката, тоа е помладешки ефектот, а со тоа и целта постигната – нели убаво е да се биде и изгледа младешки и сјајно. Од производи најповеќе би ги препорачала моливите, за веѓи, очи, усни и сјајеви, како за усни така и шајнери за лице, но да не се претерува со светки, од сé по малку треба да се нанесува. Кога на ова ќе се додаде малку пудра, руменило и трепки, ефектот отприлика е вистинскиот, останатото е до умешноста и креативноста на шминкерот.

Читај бе: Треба да се земе предвид фактот и дека шминката треба да трае цела вечер…Кои се твоите совети и предлози за шминката да остане совршена?

Викторија: Кога станува збор за свечени поводи се разбира главното прашање е како шминката да трае подолго што може, односно цела ноќ. Јас имам свои методи како да ја фиксирам, фиксатори никогаш не користам, тие само имаат ефект на собирање на шминката во порите. Еве накратко ќе се обидам да објаснам, правилно нанесени производи, проверени во квалитет и трајност, секогаш овозможуваат трајна шминка, корекција би се правела само на усни и евентуално доколку на очите има природно насолзување од окото, но и тоа не е страшно ако очите не се исцртуваат со молив од внатрешните рабови на очите.

281654860 1104052916816699 8023216800639543440 n

Читај бе: Што е она што никако не го препорачуваш?

Викторија: Нешто што никако не го препорачувам е постојано повторување на слоеви на пудра, исто така никако премачкување преку цела вечер со кармин, лицето може да се корегира само со нежно тапкање со марамче, палома, додека пак карминот може втор слој да се нанесе само доколку се избришал целосно. А бидејќи квалитетен кармин не се отстранува наеднаш, препорачувам само корегирање со молив на усните и евентуално малку сјај на средината на усните. Од стилови на шминкање никако не е прифатливо, ама апсолутно никако, претерано нагласување на контури со јаки и многу потемни бои од природните и исто така претерано нападно исцртани веѓи, тоа се две нешта што ужасно изгледаат и имаат никаков ефект на целокупниот стајлинг. Ова се некои од чекорите во шминка во кои најчесто грешат девојките.

281278147 540453800796159 6419512638438795135 n 1

Читај бе: Дали матурантките кај тебе доаѓаат со едни барања, но ги слушаат твоите совети, па на крајот резултатот е друг и идеален?

Викторија: Моите клиентки најчесто доаѓаат со свои замисли, но секогаш оставаат на мене да им го доосмислам целокупниот изглед, бидејќи јас комплетно ги сослушувам нивните желби и ги доиспрашувам за целокупниот стајлинг, па врз основа на комплетирана претстава за стилот ја градам и самата шминка, како боите, така и стилот во кој ке бидат нашминкани. Мојата цел е на сите клиенти, да го применам она што е стилски професионално, техничкиот аспект, како и стилот, но секогаш со цел да биде исполната желбата на клиентката, бидејќи целта е таа да биде задоволна со себе си и да се чувствува вистински убаво.

281461687 3223356534610619 8122061924339314060 n

Читај бе: И едно кратко био за тебе, колку време го работиш ова, обуки и слично…имаш работено и како мејк ап артист на филмови, серии, ако може да ги спомнеш…

Викторија: Мојата работа како шминкер можам да кажам дека започна скромно од хоби, па премина во професија. Хоби настана во периодот додека работев во Тера Телевизија, а тоа е пред многу години, имав само 15 години кога започнав, каде што освен презентерските вештини увидов дека имам чувство за естетика, како треба да изгледа сето тоа пред камера. И така храбро одлучив дека јас сама ќе се шминкам за снимања, што секогаш резултираше со позитивни критики, за подоцна да одлучам да учам практикантски во козметички салон, затоа што сакав и станав козметичар. Но како најсилна и желба и љубов испадна шминкерската работа, потоа се разбира запишав и курс во тоа време само во Работнички универзитет мозеше да се полага и добие диплома. Но откако започнав да работам како шминкер по филмови и серии, (имам на голем број проекти работено, фактот дека тоа е макотрпна работа која некогаш може и да трае од 12 до 15 часови на ден, но работа во која презицноста, перфекционизмот, како и типовите на шминка немаат крај, постојано се измислуваат техники според барањето на сценариото и она што режисерот сака да го искреира од ликовите) ми даде дефиниција на професионален мејк ап артист, затоа што тоа е тип на работа во која мојот талент и креативност максимално ги изострувам. Што се однесува до дополнителни едукации, сметам дека во овие простори каде што живееме, нема, а и немам потреба да се доедуцирам во однос на стилови, бидејќи работејќи со странски врвни мејк ап артисти кои имаат огромни биографии на шминкачки искуства, имам многу научено за техники кои и не се учат лесно на курсеви.

Но ова е професија во која постојано се надоградуваат техниките, а што се однесува до специјални ефекти во филмската шминка, тоа е предизвик, за кој за жал ако би сакала максимално да го усовршам ќе морам да заминам некаде подалеку. Лично мој сон или врв за достигнување во едукативна смисла можам да ги истакнам американските, холивудски академии, таму се доусовршуваат сите специјални ефекти, но и се што е најново од технички аспект на естетика и ефекти што се изведуваат при креирање на ликови во шминкерскиот свет.

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…