Секоја чест на исклучоците!
Но, во време кога сѐ се мери со зборови, а речиси ништо со дела, општеството успеа да изгради нова цивилизациска вредност: медиокритетот. Не како слабост. Не како несреќна последица на ограниченост. Туку како идеал.
Некогаш, медиокритетот беше состојба што се обидувавме ја надминеме. Денес е состојба што човек ревносно ја брани.
Во кафулињата, на социјалните мрежи, на семејните трпези, во канцелариите. Насекаде се слуша истата симфонија на самофалење. Луѓето зборуваат со самодоверба што секој би им завидел. Секој е експерт за политика, за економија, за медицина, за воспитување деца, за историја, за психологија. Секој има мислење, и тоа силно, гласно и категорично.
Само една работа недостига.
Делото.
Затоа што кога ќе дојде моментот да се направи нешто, да се преземе одговорност, да се покаже карактер, тогаш тие големи гласови одеднаш стануваат тивки, скоро непостоечки.
Мажите денес сакаат да се претставуваат како силни, мудри, искусни. Во разговорите се експерти за животот. Секој „знае“ како се гради држава, како се воспитува дете, како се води семејство. Но во реалноста, многумина едвај умеат да го водат сопствениот дом. Брзи и гласни во советите, тивки во одговорноста.
Жените, од друга страна, често се гордеат со тоа што се „силни“, „самостојни“, „непобедливи“. Но чудно е колку од таа сила постои само во нивниот речник, а не и во карактерот. Силата денес се изразува преку статус, преку слика, преку деколте, преку декларација. Ретко преку трпение, достоинство или мудрост.
Децата растат во оваа атмосфера како мали огледала на истата болест. Се почесто има деца што се разгалени и невоспитани. Бидејќи нивните родители се премногу зафатени со сопствените животи и како тие изгледаат за другите луѓе. Ретко кој родител седнува со своето дете да помине квалитетно време, да ја напишат домашната работа заедно, да гледаат филм заедно. Ретко кој родител сака да го однесе своето дете во природа, наместо во некаков трговски центар. Ретко кој родител сака да го научи своето дете како да има манири и култура. Да, за жал, ова е реалноста и нашето секојдневие, колку и да не сакаме да си признаеме.
И така, општеството станува огромен пазар на илузии. Секој продава верзија од себе што не постои. Секој глуми величина што никогаш не ја достигнал. Секој се претставува како нешто повеќе од тоа што е.
Медиокритетот никогаш не бил толку гласен. Човек би очекувал дека просечноста ќе биде скромна. Дека ќе биде тивка. Дека ќе се движи незабележливо. Но не. Денешниот медиокритет е горд, агресивен и самоуверен. Тој не само што постои, туку бара и признание. Дури и аплауз.
И можеби токму тоа е најсмешниот дел од оваа трагикомедија, што општеството успеа да создаде генерации луѓе кои се убедени дека се извонредни, иако ништо извонредно не направиле. Луѓе кои веруваат дека се посебни, иако нивните животи се составени од истите навики, истите изговори и истата удобна просечност.
Но медиокритетот има една опасна особина. Тој не сака да биде сам.
Просечноста мрази извонредност, бидејќи извонредноста е огледало. Таа покажува што можело да биде, а не е. Затоа медиокритетот секогаш се обидува да го спушти секој што се обидува да излезе над него. Со потсмев, со озборување, со цинизам, со потценување.
Постојат луѓе кои навистина работат. Кои создаваат. Кои не се фалат, туку прават. Луѓе што не зборуваат постојано за својата големина, бидејќи се зафатени со нешто поважно, да станат подобри.
Повеќето луѓе денес имаат неверојатен баланс во животот: читаат доволно за да не останат неинформирани, размислуваат доволно кратко за да не се заморат, и зборуваат доволно гласно за никој да не забележи дека всушност немаат ништо паметно да кажат.
И мора да се признае, тоа е навистина импресивно. Потребен е посебен талент за да се биде толку сигурен во себе… без ниту една валидна причина.
И токму затоа, во едно општество каде медиокритетот владее како невидлив монарх, најголемиот грев не е незнаењето.
Најголемиот грев е обидот да се биде повеќе од просечен.
Затоа што ништо не ја вознемирува толку многу гордата просечност како човек кој едноставно си ја врши работата добро.
Без врева. Без фалење. Без брмчење. И ве молам. Мислам дека е крајно време културата, манирите да ни бидат на повисоко ниво. Бидејќи има премногу простотилок, неукост, негативност, идиотизам и трач рубрики. Мрднете ги малце билиите во вашите глави, не ви се само за стрижење и фризури.








