Кога една слика ќе ве воодушеви уште од првата секунда и не можете да престанете да гледате во неа, тогаш знаете дека гледате во уметничко дело за почит. А токму тоа чувство го предизвикуваат уметничките слики на Марина Томевска од Битола. Но, неверојатниот факт е што таа не се занимава професионално со тоа, туку е самоук уметник, а започнала со сликање за време на пандемијата. Воодушевени од нејзините слики, кои обземаат и ве водат во некоја друга димензија, но и од реалистичните портрети, одлучивме да направиме еден краток разговор за Марина да ни открие нешто повеќе за неа, како почна да слика, која е нејзината инспирација, која е нејзината најомилена техника, но и дали ќе следува изложба. Разгледајте ја и галеријата со дел од нејзиното творештво.

Читај бе: Најнапред кажи ни нешто за тебе, кратка биографија. Колку години имаш, која е твојата вокација?

Марина: За почеток сакам да Ви се заблагодарам за интересот и почестена сум да одговорам на Вашето интервју.

Се викам Марина Томевска, и сум на неколку дена од крајот на исполнувањето на 38-тиот пат околу Сонцето. Родена сум во Битола, но последниве години живеам и работам во Скопје во администрација во приватна фирма.

За себе ќе кажам дека сакам да патувам и да запознавам нови култури. Да посетувам светски метрополи и не толку познати, ама егзотични места. Го сакам диверзитетот кој постои во светот. Обожавам кога сум во природа, најмногу ги сакам животните и би го направила и невозможното за моите најблиски.

279786594 394801555852280 1044970378132700039 n

Читај бе: Кога се појави твојата љубов кон сликањето? Се сеќаваш ли кога прв пат почувствува дека го имаш талентот?

Марина: Со сликање започнав неодамна, а пандемијата е ,,виновна ” за тоа. Мислам дека се пронајдов во тоа и продолжив со сликање на платно.

Читај бе: Како започна приказната со сликањето?

Марина: Желбата за цртање и сликање ја поврзувам најмногу со мојата пасија кон митологијата, легендите, фантазијата и фолклорот на старите народи. Би ги издвоила како инспирација Келтската, Нордиската, Источната и Северноамериканската култура, литература и нивната музика.

Талентот, би рекла повеќе наколнетоста кон творење, го гледам како дел  од мојот темперамент. Сакам кога продуктивно го поминувам слободното време.

Читај бе: Дали професионално или аматерски се занимаваш? Колку често сликаш и што најчесто пренесуваш на платното?

Марина: Јас сум самоук уметник. Сликам секогаш кога имам слободно време. А темите и идеите пренесени на платното ми се најразлични, во зависност од моменталната инспирација.

Читај бе: Која е твојата најомилена техника? Како ги научи техниките на сликање? Како се надоградуваш?

Марина: Имам повеќе техники и не можам да се определам која ми е поомилена. Цртам со молив и јаглен, а сликам со маслени и акрилни бои. Оживување на лик или приказна на лист од хартија само со јаглен, има некоја посебна магија во тоа. Сликањето на платно со акрилни и маслени бои го започнав од љубопитност и желба да ја научам таа техника и можам да кажам дека сум задоволна. Се надоградувам на тој начин што разгледувам различни техники на туторијали и ги применувам оние кои што најмногу ми се допаѓаат.

280212857 748235393009702 8374534923105773500 n

Читај бе: Што е она би сакала да ти се исполни кога се работи за сликањето? Изложба?

Марина: Би сакала да ги насликам сите замислени слики, да учам и да се предизвикам до каде и колку можам со секое наредно дело. Нормално и изложба би било супер.

Читај бе: Каква е поддршката која ја добиваш од најблиските?

Марина: Моите најблиски ми се најголеми поддржувачи.

Читај бе: И за на крај, една порака до сите оние, без разлика на возраста, кои иако го имаат талентот, сé уште не се охрабруваат да творат почесто, или не ги покажуваат своите дела пред јавноста?

Марина: За на крај, не е битно дали поседуваме талент или желба за творење, секое дело кое е изработено со љубов и посветеност носи единствен и уникатен печат на личноста. Уметноста е најубава кога се споделува. Најмногу на сите нас сега, ни е најпотребна, така да би сакала да видам што повеќе изложби и уметници.

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…