Се родив на сам ден Велигден- така ми имаа кажано. 195 и некоја, строг комунизам. Само мажите ја коментираа политиката, а жените се крстеа кришно по аурите, пред камарите кај што несеа јајца кокошките.
На мајка ми ѝ бев петто дете. Претходните четири ѝ умирале набрзо после породувањето.
Дедо ми, свекор ѝ, бил комунист со сите салтанати, таков посакувал да го направи и татко ми, но татко ми беше романтична душа.
Мајка ми ме родила во аурот кај стоката – таму било најтопло, а бабицата по казанија на некој свештеник за да останам жив веднаш ме крстила – дедо ми не бил дома. Мајка ми и татко ми се договориле да ме крстат Трајан – за да им траам, по некое време ја родиле сестра ми – Анастасија, Тацето си ја викавме. Истата бабица и нејзе ја крсти, скришно.
Дедо ми и татко ми многу се расправаа меѓу себе. Дедо ми постојано го навредуваше татко ми, и еден ден дури му се закани дека ништо нема да му остави во наследство затоа што личел на сѐ освен на маж. Татко ми беше смирен човек, Бог да му душа прости, за среќа многу се сакаа со мајка ми. Кога татко ми ќе сакаше да каже дека мајка ми е итра – ја нарекуваше дипломата.
Во истиот миг, кога дедо ми му адресира купишта зборови кои ниту беа достојни за неговите години, ни статус, ни како родител. Мојот татко, молчешкум ѝ даде ишарет на мајка ми. Таа стана, ни ги собра работите на сите во две големи торби – тогаш немавме многу ни алишта, ни чевли, нѐ собра сите во еден куфер и си заминавме. Прво седевме кај баба и дедо по мајка, после во нашемаки куќаре. Татко ми замина Америка некој период, се сеќавам во секое писмо пишуваше колку е важно јас и сестра ми да учиме. И учевме – мислевме колку повеќе учиме, толку побрзо татко ми ќе се врати од Америка. Ама татко не се врати, ни пуштија телеграма во која пишуваше дека загинал на работно место. Со телеграмата ни предадоа полн плик со пари и толку… Од тој миг, мајка ми не ја соблече црнината и не излезе од дома. Сестра ми беше уште мала и збунета, де сакаше да учи, де го бараше татко ни, ама ја пораснавме.
Еден ден, мајка ми ме седна на прагот од куќата каде требаше да живееме сите четворица, а не вдовицата со двата сираци, и ми рече: „Сине, татко ти го нема, од сега ти си глава на фамилијата. Татко ти имаше желба да изучиш и да станеш човек. Времињата се менуваат, ќе дојде време и нашиот пес ќе залај силно, ама дотогаш, чувај ги зборојте на татко ти“ ми го погали срцето со дланката и ми тутна едно мало дрвено крвче во рацете. „Нека ти го чува патот, нека те гледа јас кај шо не можам и ко ќе не можам“ – изговори точно мајчински низ река солзи кои ѝ течеа по младоликото лице обгрнато со црна шамија.
Дедо ми умре на сто и две години, отидов на погреб сам, фамилјата си ја оставив дома. Зедов едно рало чорапи, плетени од мајка ми и голем букет со разни цвеќиња, повеќе личеше на букет за здравоживо – отколку за на гроб, ама јас не појдов на погреб кај дедо ми, не, од прастари било останато по покојникот да се праќаат поздрави по ближните упокоени. А по кој да му пратам поздрав на татко Коле, ако не по татко му. На погребот немаше многу народија. Комшиите и некои роднини, и фамилијата на месаријата. Се понудив да го носам крстот, не сакав да го носи младото дете кое се понуди, му реков дека јас ќе го носам.
„Тодор беше комунист – не сакаше ни крстој, ни попој“ – свика една наша роднина – Рада ја викаа, со мана беше родена. Попот ме опули прашално. Јас ја опулив тетка ми…
„Вујче не беше на погребо од жена му “ – Рада викаше, додуша таа мислеше дека ми шепти на уво.
„Ајде“ – му реков на попот, „Тие велеа шо време иди, то се јади“.
Поворката се упати кон гробното место, Тодор по црковно – православно го закопавме во гробот на баба ми. Му ги тутнав чорапите во ќиурот, а цвеќето ко го спуштија удолу над него, во себе си реков „Да го поздравиш син ти Никола, да му кажиш дека ти простивме оти не знаеше, ама уште нѐ болат душите и ќе нѐ болат дур сме живи оти нема каде ни каде да го поплачиме, ни свеќа да му запалиме… тешко е да растиш, многу е тешко да растиш без татко“.
Само што го спуштија ќиурот гробарите – колакот вивна и за кусо време цел изгоре, онаа вртената свеќа што ја горат до четириест дена.
После сфатив дека она малото дрвено крвче, било на дедо ми, но во една неприлика со кодошите иконата од св. Никола и крвчето ги скрил под душеме, му било шубе да ги запали, а татко ми ги извадил и ги чувал на некое светло место, не било на арно ако се чува на темно икона.
Тодор, дедо ми не беше лош човек, не знаеше, беше уплашен, неколку пати беше многу тепан.
После погребот, тетка ми ми рече дека сиот имот ми го оставил мене, така ѝ рекол. По две години во иста година починаа и мајка ми и тетка ми. Од старост. Ни татко ми, ни дедо ми, ни тетка ми, ни мајка ми не зедоа ништо со себе…ќиурите џебој немаат, велеше Јован питропот. Живот, ти го живеејш, се мачиш, одиш, дишиш – тој ќе те умри.