На Педагошкиот факултет во Битола беше промовирана книгата со преводи Translation of Selected Excerpts from Children’s Literature (from Macedonian to English), кој е проект на идните професори по англиски јазик. Кои книги од детската литература за деца беа преведени од македонски на англиски јазик, што значеше процесот на преведување, но и колку е битен сериозниот пристап кон преведувањето и знаењето на македонскиот јазик, дознавме од разговорот со проф. д-р Силвана Нешковска, професор по Англиски јазик и книжевност на педагошкиот факултет во Битола.

280654480 688623362396599 6540869305361310474 n

Читај бе: Деновиве на Педагошкиот факултет во Битола беше промовирана книгата со преводи на литература за деца од македонски на англиски јазик, проект на студентите од трета година на англиски јазик и книжевност. Може ли да ни кажете поконкретно за оваа публикација, кои дела ги содржи, како беа избрани?

Проф. д-р Силвана Нешковска: Пред сѐ дозволете да Ви се заблагодарам за интересот за оваа вест и за тоа што истата ќе ја споделите со читателите на ЧИТАЈБЕ.

На 12 мај во Амфитеатарот на Педагошки факултет – Битола се одржа промоција на книга со проводи насловена како Translation of Selected Excerpts from Children’s Literature (from Macedonian to  English) или во превод „Превод на избрани извадоци од литература за деца (од македонски на англиски)“. Станува збор за преведувачки проект на студентите од трета година на студиската програма Англиски јазик и книжевност. Проектот беше реализиран во рамките на предметот Англиските преводи на македонската книжевност, кој студентите го имаа како изборен предмет во зимскиот семестар. Имено, на почетокот на семестарот, заедно со студентите дојдовме до идеја да излеземе од вообичаениот шаблон на предавања и вежби и да направиме нешто невообичаено а во исто време интересно и корисно. За ова секако добивме согласност и одобрение од деканот на Педагошки факултет – Битола, проф. д-р Добри Петровски.

Студентите имаа целосна слобода во изборот на текстовите и уште во првата фаза на проектот јасно беше дека проектот се движи во еден правец – превод на литература за деца. Поконкретно, студентите избраа да работат превод на четири дела за деца, лектирни изданија со многу високо реноме во областа на македонската литература и тоа: „Зоки Поки“ од авторката Оливера Николова, „Сребрените снегови“ од Живко Чинго, „Девојките на Марко“ од Оливера Николова, и „Втората смена“ од Велко Неделковски.

книга

Читај бе: Колку време ја подготвувавте книгата, односно за колкав временски период се преведоа сите дела од македонски на англиски?

Проф. д-р Силвана Нешковска: Откако студентите го направија изборот на делата и добивме информација од Универзитетската библиотека во Скопје дека досега не е објавен превод на овие дела на англиски, проектот влезе во втората фаза. На почетокот на втората фаза имавме подготовка за преведување по што следеше и самиот процес на преведување.

Секако студентите не се зафатија со целосен превод на избраните дела, бидејќи за тоа ќе беше потребно многу повеќе време од еден семестар, туку направија превод на избрани извадоци од претходно споменатите дела. Работеа организирани во четири тимови. Тимот составен од студентите: Стефани Циуноска, Ивона Шундовска и Фросина Тутевска работеше на превод на скратената верзија на „Зоки Поки“, додека тимот што ги преведе првите пет поглавја од „Девојките на Марко“ беше составен од: Мимоза Стојковска, Александра Влакевска, Сара Василевска, Христина Митаноска, Ана Јаневска и Христина Каракачевска. Во тимот што работеше на превод на „Сребрените снегови“ и ги преведе првите 7 поглавја од оваа книга, беа студентите: Теодора Спировска, Мите Иракоски, Стефан Мургоски, Јасна Талевска и Никола Ѓоргиевски, а четвртиот тим  кој ги преведе првите 3 поглавја од „Втората смена“ го сочинуваа студентите: Валбона Ештрефи, Тамара Богдановска, Валентина Здравковска и Магдалена Прчевска.

Процесот на преведување значеше интензивна соработка меѓу членовите на секој тим, потоа, соработка меѓу тимовите, како и консултации со мене како нивни предметен професор за сите дилеми кои им се јавуваа во текот на преведувањето. Во третата и последна фаза, моја задача беше да го лекторирам преводот на англиски. Целиот проект траеше од октомври 2021 година до февруари 2022 година, кога ја имавме конечната верзија од преводите на сите извадоци, која подоцна излезе од печат како издание од 176 страни, во Б5 формат, чиј издавач е Педагошки факултет – Битола.

Читај бе: Од какво значење е вклучувањето на студентите во еден ваков проект?

Проф. д-р Силвана Нешковска: Она што со сигурност можам да го кажам е дека ова искуство беше од непроценливо значење за студентите. Преку учеството во овој проект тие се здобија со нови знаења пред сѐ од областа на англискиот јазик, особено во поглед на збогатување на нивниот вокабулар, бидејќи мораа да бараат преведувачки еквиваленти за зборови и фрази кои претходно можеби немале прилика да ги сретнат во друг контекст. Особено голем предизвик им беа идиоматските изрази кои требаше да ги доловат на англиски јазик, потоа одредени културолошки термини но и архаизми кои ги среќаваа во оригиналот. Друга конкретна придобивка секако беше и можноста што ја имаа практично да ги применат усвоените знаења од предметот Вовед во превод во рамките на којшто, меѓудругото дискутираме, за различни преведувачки методи, техники и стратегии кои се очекува преведувачите да ги користат во текот на преведувањето. Да не ја заборавиме и тимската работа која во услови на пандемија генерално се одвиваше онлајн и за нив беше вистински предизвик, кој слободно можам да кажам, успешно го совладаа. Секако ова искуство сметам дека ќе им биде од голема полза и ќе ги охрабри да се вклучат и во некои други слични вакви проекти во иднина.

pedagoska naslovna

Читај бе: Лошиот превод и тоа како може да ја промени суштината на самата книга. Што е она што Вие сакате да им го пренесете на студентите кога се работи за преведувањето книги?

Проф. д-р Силвана Нешковска: Она што постојано им го нагласувам на студентите е дека потребно е да се има сериозен пристап кон преведувањето, односно дека треба да се посвети доволно внимание и преводот да се работи со трпение и љубов. Особено е важно да не се прескокнува фазата на подготовка за преведување којашто вклучува внимателно читање и препрочитување на делото, како и детектирање на сите аспекти на текстот кои би можеле да претставуваат пречка при преведувањето, и тоа на ниво на лексика, на ниво на колокации, на ниво на граматички категории, на синтаксичко ниво особено кога се во прашање долги и комплексни реченици или реченици во кои збороредот е поинаков од вообичаениот, и секако на прагматичко ниво каде треба да се земе предвид значењето на зборовите во контекстот во којшто се употребени. Исто така, подеднакво важна е и последната фаза кога треба да се направи детална проверка на прведениот текст и да се отстранат евентуалните грешки и пропусти направени во текот на преведувањето. Само така може да се направи квалитетен превод кој ќе го заслужи вниманието на читателите во јазикот цел.

280497413 403365274990489 2484726457333643356 n

Читај бе: Дали можеби преку ова искуство, ќе стекнат позитивно искуство кое и тоа како ќе го искористат како идни професори по англиски јазик?

Проф. д-р Силвана Нешковска: Заклучокот на сите тимови вклучени во проектот беше единствен, а тоа беше дека задачата којашто ја имаа пред себе не беше воопшто лесна, но дека целиот труд што го вложија им се исплатеше и дека сега кога ја имаат книгата со преводи во своите раце се чувствуваат задоволни и горди на постигнатото. Со други зборови, ова беше една за нив многу блиска, или ако сакате „интимна“ средба, со странскиот јазикот што го изучуваат, сосема поинаква од сѐ она на што досега се навикнати и што е уште поважно истата заврши со позитивен исход. А сите знаеме дека позитивниот исход, односно позитивното искуство може да нѐ мотивира и да ни ја зголеми решителноста да се впуштиме во нови „походи“ и да прифатиме нови предизвици. Оттука, јас верувам дека со овој проект само се зацврсти љубовта кон англискиот јазик кај овие наши идни професори по англиски јазик и дека овој проект ќе придонесе да му пристапат со подеднакво силен ентузијазам и на наставничкиот позив којшто ги очекува наскоро.

Читај бе: Колку е важно да се знае мајчиниот, македонски јазик, за да биде успешен преводот на било кој друг странски јазик?

Проф. д-р Силвана Нешковска: Од суштинско значење е студентите на англиски јазик и книжевност да го владеат и македонскиот јазик. Тоа е неопходно не само за успешно да се справат со преведувачки задачи со кои извесно е дека,  порано или подоцна, ќе се соочат, туку и за полесно да се снајдат во улогата на наставници во самиот наставен процес. Нелогично е да се познава подобро странскиот од мајчиниот јазик. Прво треба да се има почит и љубов кон мајчиниот јазик а потоа и кон секој друг странски јазик што го изучуваме. Солидно познавање на мајчиниот јазик, секако, значи и полесно совладување на странскиот јазик. Во идеален случај пожелно е да се постигне напредно ниво на познавање и на мајчиниот, во овој случај македонскиот јазик, и на странскиот јазик. Токму затоа студиската програма Англиски јазик и книжевност на Педагошки  факултет – Битола предвидува студентите, покрај сите други предмети од областа на англиската лингвистика и литература, да слушаат и полагаат предмети како што се Современ македонски јазик, но и Контрастивна анализа во рамките на кој се прави споредба на англискиот со македонскиот јазик на повеќе различни нивоа.  

meblo trejd
Секој пат кога некој ќе ве повреди, прашајте го дали му е полесно
Секој пат кога некој ќе ве повреди, прашајте го дали сега му …
Не ја судете книгата по корицата – во човечката библиотека во Данска можете да позајмите личност наместо книга
Човечката библиотека, основана пред дваесетина години во Данска, им овозможува на луѓето …

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…