Борче Марковски е еден од првите тренери во Македонија кои добија Мастер Коуч лиценца на ЕХФ. Во неговата кариера бил тренер на женската и машката екипа на Пелистер, беше тренер на младинската женска репрезентација, а работеше и како тренер во школата на Кире Лазаров. Пред две години замина за Фарските Острови каде беше тренер на клубот Стиф, а од пред извесно време го профати новиот предизвик во оваа островска земја и потпиша за Аргир.
Деновиве Борче си дојде во родната и сончева Битола. Средби со пријатели, муабети за ракометот, уживање во сонцето кое во Фарските Острови го нема многу…Борче Марковски е тренер кој се одликува со максимална дисциплина, поседува знаење кое несебично го споделува. Го сака ракометот и сака да зборува за него. Испиеното кафе со него е вистинско уживање. Ни откри дека го научи фарскиот јазик на негова иницијатива, за да може полесно да допре до своите ракометари. Има карактер на вистински скандинавски тренер. Му недостига Битола, му недостига семејството, му недостига сонцето живеејќи во земјата со најмалку сончеви денови во годината. Натпреварите на Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2 редовно ги следи и верува дека враќањето на титулата во Битола е многу блиску.
Читај бе: Борче, како ја донесе одлуката да заминеш на Фарски Острови?
Борче: Донесувањето на одлуката да заминам за Фарските острови беше точно пред две сезони. Две сезони и работев во ракометниот клуб Стив, презадоволен сум од малото државиче Фарски острови. Одлуката ја донесов бидејќи имав понуда од ракометната федерација да прифатам некој клуб од Фарски Острови, ги разгледав нивните предлози, планови, програми за нивниот ракометен развој, се одлучив да го прифатам тој предизвик и мислам дека не згрешив.
Читај бе: Како се адаптираше на тамошниот живот, во клубот…
Борче: Адаптирањето во Фарски Острови траеше неколку месеци. Професионалностаи посебната карактеристика на еден тренер е адаптирањето, бидејќи доколку сакаме да работиме по други држави, треба да се привикнуваме на нивните култури, начини на однесување, обичаи. Таа е скандинавска држава, ми требаа неколку месеци да се адаптирам, сето тоа го поднесов лесно, бидејќи едноставна причина е желбата за работа и самодокажување во ракометот.
Читај бе: Дали може да ни направиш една споредба меѓу животот и ракометот тука и таму?
Борче: Во однос на професионалната работа во ракометот, ако направиме споредба меѓу Македонија и Фарски острови, можам да кажам дека ракометот кај нас е на едно повисоко професионално ниво, додека во Фарски острови, ракометот се игра пред се на аматерска основа. Но постепено тие почнуваат да размислуваат, да тренираат и да напредуваат полупрофесионално, а тоа говори дека тие имаат добри резултати во нивните национални селекции, почнувајќи од помладите па се до поголемите. Друга споредба за која можам да кажам, нешто што мене ми фали е климата, бидејќи овде во нашата Битола имаме сончеви денови, топло време, повеќе пријатели Сепак таа е северна држава, климата не е добро прилагодлива, има многу ветер, многу дожд, многу ладни денови. Како информација, Фарски Острови се мала држава, но се број еден држава со најмал број на сончеви денови. Ми недостигаат топлите денови во нашата Битола.
Читај бе: Колку ти недостига Битола, семејството…
Борче: И покрај тоа што убавината во тренерската работа е професионализмот, односно работата со ракометот, постојат работи кои му недостигаат на секој тренер. Ми недостига моето семејство, пријателите како вас, спортските работници и сум пресреќен бидејќи ќе се видам со многу пријатели, ќе пијам едно битолско утринско кафе, ќе си помуабетиме за ракометот, бидејќи оттука потекнувам, Пелистер е наш клуб, преку Пелистер сме поминале многу тренери, играчи. Имам време сега за релаксација, за одмор и муабетење за ракометот во Битола. Тука ќе бидам цело лето, во август повторно се враќам на новиот предизвик, на новите обврски во Фарски Острови.
Читај бе: Сé уште се зборува за натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар кога малку фалеше титулата повторно да дојде во Битола. Дали може да ни кажеш, според твоето искуство, што може да се научи од Скандинавците за вакви моменти?
Борче: Многу добро, интересно прашање. Мислам дека можеме да научиме многу од скандинавскиот систем и начин на работа. Јас го следам првенството во Македонија, го следам Пелистер и среќен сум кога победува. Исто така сум среќен бидејќи последните две-три сезони нашиот Пелистер е добро организиран, со добра управа, со добар спонзор, има напредок, има реултати. Меѓутоа, една битна работа можам да кажам дека во скандинавскиот систем има една голема трпеливост и разбирање за да се стигне до едни добри, врвни, професионални резултати. Мислам дека треба јавноста да има трпение, да верува во своите играчи, да верува во тренерите на кои им е дадена шанса бидејќи така лесно резултатите, особено на европско првенство, не доаѓаат преку ноќ. Во скандинавскиот систем на работа, во сите клубови, има доверба во играчите, има доверба во тренерите и секогаш доколку добро се поставени работите во еден клуб и добро се работи, резултатите секогаш ќе си дојдат на свое место. Го гледав последниот натпревар, меѓу нашиот Пелистер и Вардар, тоа беше вистина психолошки тежок натпревар за нашиот Пелистер, пред сé на домашен терен. Во желба да се победи Вардар и да станеме прваци на Македонија, мислам дека дел од нашите играчи тешко го поднесоа тој психолошки терет, не одиграа како што треба, беше тоа голем притисок за нашата екипа, но верувам дека Еурофарм Пелистер во наредните две сезони ќе донесе пехар во нашата ракометна битола. Мое мислење е дека треба да се верува во овој клуб, во оваа управа, во овој спонзор и дека резултатот е во блиска иднина.
Читај бе: Кое е твоето мислење за втората екипа на Еурофарм Пелистер?
Борче: Ако направам една споредба меѓу екипата на Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2, можам да кажам дека повеќе симпатии имам кон втората екипа. Зошто? Бидејќи таму се пред сé наши, македонски ракометари. Мојата ракометна визија била отсекогаш да произведуваме наши македонски ракометари, има многу квалитетни играчи кои ќе бидат идни сениорски репрезентативци на Македонија и мислам дека Еурофарм Пелистер 2 игра значајна улога во развојот и во ракометната иднина на Македонија. Тоа се ракометни бисери од повеќе градови на Македонија, има огромен напредок, добро работат во комбинација со Александар Јовиќ и Александар Зарков, добро се мотивирани, сите ракометари играат и се борат со срце за битолскиот ракомет и се на вистински пат да бидат во наредните сезони, а зошто да не и да освојат некој од пехарите во домашното првенство.
Читај бе: И за крај. Битола е еден од најракометните градови, има публика која го сака, го разбира ракометот и секогаш е голем настан кога се игра особено некој поголем натпревар. Спотред тебе, дали е предност или маана?
Борче: Мислам дека треба повеќе да се работи на спортската култура и спортското однесување, односно спортското бодрење на своите миленици. Не постои екипа во Европа и светот која бележи само победи и успеси, нормално е една екипа да има и порази и победи. Мислам дека во иднина нашата ракометна јавност треба да биде потолерантна, да ги сфати и поразите како составен дел во спортот. Мислам дека во последните неколку години, многу е тешко за тренерите да се работи во Пелистер. Тоа го кажувам од една причина, бидејќи за еден голем успех во една екипа не може после една сезона да се менуваат тренерите, тоа е голем психолошки притисок за нив. Конкретно за тренерот Жељко Бабиќ, за кој што имам високо мислење и го почитувам како стручњак, мислам дека треба да му се даде доверба и да се верува во него, бидејќи тој навистина е еден квалитетен тренер со високо ракометно минато, кој е голем професионалец и мислам дека не заслужува да биде исвиркуван, како и сите други тренери во Битола. Мое мислење е дека малку треба да поработиме на повисока свест на поддршка, повеќе мотивирање на нашите играчи, сето тоа да биде позитивно. Во Скандинавија не постои исвиркување на играчите, на својата екипа, исвиркување на тренерите или дел на управата. Мислам дека сите заеднички тука во Битола треба да работиме на поголемо разбирање, на поголема доверба во своите играчи и на крајот, тоа е спорт, да се радуваме на победите, да ги прифаќаме сепак и поразите, како составен дел од спортот, но да веруваме дека можеме да постигнуваме и да стигнеме после 17 години, се надевам дека наредната година Еурофарм Пелистер ќе биде блиску и дека ќе биде следен шампион на Македонија.