Македонската женска ракометна репрезентација не успеа да се пласира на Светското првенство кое кон крајот на оваа година ќе се одржи во Германија и Холандија. Во одлична атмосфера во салата „Боро Чурлевски” пред 3000 навивачи загубија од Полска со 23:21 и не успеаја да ја надополнат негативата од 4 гола од првиот натпревар во Полска.
На самиот почеток нашите ракометарки имаа дури пет неискористени напади и технички грешки кои квалитетните гостински играчи ги казнуваа. Сепак, кон средината на првото полувреме македонската репрезентација ги консолидира редовите, поведоа и имаа напад за два разлика, но повторно грешките и бавниот напад беа причина што не се отиде со водство на полувреме. Во вториот дел иста слика, нашите повторно безидејни во нападот им дозволија на гостинките да го контролираат резултатот.
фотограф: Саше Богоевски
Последните 7-8 минути се играше гол за гол и репрезентативките на Полска сосема заслужено ќе патуваат на Светското првенство. Катерина Дамјановска со пет гола беше најефикасна во македонската репрезентација, а Ива Младеновска постигна четири гола. Крилото Балсам постигна седум голови за Полска.
Овој натпревар беше последен репрезентативен настап на битолчанката Симона Маџовска која ќе настапува единствено за својот клуб Цвикау во Германија.