belinda poetsko pero

Колку ни треба за да бидеме среќни?! На реалноста ѝ треба топла лирика, за да го забави челичниот од, за да стопи замрзнатиот сив израз…доволно е од револуционерни пароли кои ги јадат своите деца. Светот е гладен за љубов, онаква која знае да чека , која носи скинат цвет зад грб ко изненадување, која се додворува низ колач со вишна, која сака да биде видена, допрена, бакната…Љубовта тоа е она чувство кога човек со денови не јаде, а е сит…затоа што има надеж, а човек кој има надеж има вера да премести ридови.

РАЃАЊЕТО НА ЕДНА ЉУБОВНА ПЕСНА

Ме погледнуваш

и во тој момент

небото,

сонцето,

ѕвездите,

реката,

планината,

долината,

куќата,

градината,

ѕидот,

ридот,

секој страк тревка,

секој камен,

од косата прамен,

секој цвет,

очите,

јас,

ти,

преминуваме граници

видливи и невидливи,

претвораме сѐ околу нас во чувства

и раѓаме љубовна песна.

ПИСМОТО

Најпрво не пишувам

бидејќи немам доволно сила

за да бидам она што сум била.

Потоа не пишувам

бидејќи не знам што да кажам,

а не сакам да лажам.

Потоа се колебам и минува времето

кога писмото требаше да биде напишано.

Во паметот сè е веќе избришано.

Замина возот.

Задоцнив со пишување. Се појави вината.

Сведок ми е месечината.

Тоа е, немаше писмото среќа

да ја види светлината на денот.

Oстана само споменот…

ВЕТРОТ

Ветрот

ги затресе гранките со липов цут,

го крена од пред контејнерите сиот шут,

ги пресретна облаците и им го смени правецот,

го развеа знамето на јарболот,

ја допре површината на реката создавајќи мали вртлози,

го зачкрипи тенекениот сообраќаен знак,

ја поттурна шапката од една глава,

ги поткрена фалтите на една сукња плава,

ја претрча улицата на црвено,

го претрка моторот што возеше над дозволената брзина,

го рашири мирисот на топол кроасан кој избиваше

од нискиот прозорец на познатата слаткарница,

се истегна меѓу ногарките на поттурнатата столица,

се потчукна од влезната врата на поштата,

го поткрена со предната страна нагоре

листот од писмото кое лежеше на асфалтот,

листот на кој со големи букви беа испишани два збора:

-ТЕ САКАМ!

Белинда Сипкоска Гаштарова e rодена во Битола. Микробиолог по професија, поет по хоби. Во 2021 година беше избрана за читател на годината во Битола, од страна на Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола. Добитник на повеќе награди во Mакедонија, Хрватска, Србија, Италија… Нејзините песни се застапени во многу антологии.

Балкански синдром: живот со постојан аларм во градите
Пишува: Сара Танаскоска Кај нас на Балканот никогаш животот не бил само …
Раскажи ми приказна: Црвениот фустан
Госпоѓица Хана стоеше на средината од театарската сцена. Го изнесуваше својот говор …

Претплатете се за новости

You May Also Like

Четири книги кои ќе ви помогнат за личен развој

,,The magic of thinking big” – ,,Магијата на големото размислување” од Дejвид…

Ајри Демировски ја напиша омилената песна на Миљан Миљаниќ

Има ли некој кој ја нема слушнато песната „Битола, мој роден крај“…

Јазикот е душата на народот – Марија Недановска Пискачева за 5 Мај, Денот на македонскиот јазик

Автор: Марија Недановска Пискачева, наставник по македонски јазик На денешен ден, 5…

Биљана Т. Димко: Човек кој нема свој јазик е еднаков на човек кој нема гробно место – нема име

Пишува: Биљана Т. Димко Двата столба на македонскиот идентитет од искона до…