Историјата на нашиот народ живее во жените, во бабите кои раѓале во војни, во мајките кои ги чекале најмилите од војна, во жените што се жртвувале за да го зачуваат домот. Тие се тивките и помалку пласирани херои, тие се Пламенки. Затоа што историјата живее во жената, во нејзината издржливост, тишина и пожртвуваност.
Во делото на Петре Димовски, кое на 19-ти февруари ја доживеа својата премиера, се раскажува приказната на македонската жена „Пламенка“, која минува низ османлискиот период, балканските војни, првата и втората светска војна, а сепак останува исправена и достоинствена.

Драматизацијата на Билјана Крајчевска внимателно ја гради приказната на македонската жена, а секој дијалог е избран со голема емотивна прецизност.
Во приказната, најголема важност ја има истоимената жена, чија приказна на сцената ја делат и раскажуваат три актерки, Маја Андоновска Илијевски, Викторија Степановска Јанкуловска и Вероника Ефтимова. Тие заедно ја градат Пламенка како една душа разложена низ времето, предавајќи ја внимателно и следејќи ги периодите од младоста, зрелоста и староста. Во нивната игра се чувствува едно поинакво бреме, носено на грбот на жената.

Во претставата тие претставуваат една жена што пулсира на сцената, и секој од нас длабоко во себе ја пронаоѓа својата Пламенка. Во нивната игра е вметнат целиот континуитет на животот на една македонска жена, која е мост помеѓу минатото и сегашноста.
Исто така, единствениот машки актер во претставата, Валентин Дамчевски, со својата присутност ја носи сенката на некои страшни времиња и не потсетува дека историјата не го штедела македонскиот маж.
Во претставата доминираат танцови елементи и движења, кои се доста динамични и точно периодично поставени од страна на кореографката Љупка Стефановска, со цел традицијата, но и животот на Пламенка, да се долови целосно и амбиентот на претставата да добие една поинаква форма.

Покрај актерите, присутни се и танцовите елементи и толкувањата на македонските мажи низ историјата, како и изведбата на жива музика, која ја пренесуваат Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски, Петар Драгарски, Теодор Николовски и Огнен Радуловиќ, членови на КУД „Илинден“ – Битола.
Со ова, режисерката Софија Ристевска Петрушева остава простор секој гледач длабоко во себе да ја пронајде својата Пламенка. Таа ја одржува приказната во нејзината природна форма и длабочина, и се фокусира на проблемите на жената во општеството, давајќи простор на трите актерки да се движат, размислуваат, реагираат, чувствуваат и патат како едно.

„Пламенка“, која беше премиерно изведена на 19 февруари, своите следни изведби ги има на 24-ти и 25-ти овој месец. Со наредните изведби претставата повторно ќе живее и повторно ќе се создаде еден мост помеѓу минатото и иднината на македонската жена.








