Патувањето е најголемото богатство, тоа нé исполнува со нови искуства преку запознавање нови места. Една маварска поговорка вели – Оној кој не патува, не ја познава вредноста на човекот. Д-р мери Џарлиева е познат специјалист педијатар неонатолог во Битола, а кој добро ја познава ја знае и нејзината пасија – патувањето. Но, специфичноста кај неа е што посетата на сите места кои ги посетила знае да ги долови на еден единствен, секојдневен и волшебен начин кој секого ќе го заинтригира. На наше задоволство, д-р Мери пластично ни ги долови патувачките авантури за првите шест месеци од оваа 2022 година. А ние и посакуваме уште многу патувања за кои ќе раскажува на нејзиниот уникатен начин. Мери ќе не прошета на Јордан, на Сицилија, ќе одиме и до Шпанија…Уживајте!

Читај бе: Вие оваа 2022 година посетивте неколку земји за само 6 месеци…може ли да ни кажете колку ве исполнува Вас и како Ви влијае патувањето и посетувањето нови места?

Мери: Да, во првата половина годинава посетив неколку земји, бев и на друг континент и уживав во водите на повеќе мориња. Обожувам да патувам. Си имам замислена листа на места кои би сакала да ги посетам, запознам, истражам … И пресреќна сум кога ќе најдам агенција која организира таква тура, нуди програма која ми одговара. Возбудата расте како се приближува времето кога започнува новата авантура …. и трае, трае. Среќата е неизмерна по реализацијата на секое патување, а многубројните фотографии остануваат како вечни спомени.

Читај бе: Она што не заинтригира е посетата на Јордан, една земја која изобилува со многу историски места, земја која зрачи со мистичност…Каков впечаток Ви остави? Кои места ги посетивте? Каква историја носи со себе оваа земја?

Мери: Јордан приказна сама за себе, долга, мистична ….. извонредно интересна земја за нас Европјаните. Јордан е древна земја со посебен шарм и неверојатна историја. Полна е со легенди и традиции, богато културно наследство и архитектонски атракции, прекрасни плажи на Црвеното Море и лековити води на Мртвото Море. Заслужено зазема посебно место во развојот на светските цивилизации и религии. Посетивме неколку интересни места, секое посебно на свој начин и со уникатна убавина. Петра, „розевиот град”, (најубавиот град изграден од човечка рака, целиот вдлабен во карпи), фасцинантна по својата убавина, привлекува милиони посетители, а целиот град е како уметничко дело насликано на платно од природен камен. Откриена е во далечната 1812 г. од швајцарскиот истражувач Јохан Буркхарт, а сè уште продолжува да не изненадува со своите тајни и убавини. Сместенa е на листата на УНЕСКО, но и на листата на седумте светски чуда. Колку и да читате за неa, колку и да е добро и детално опишано, не може да се спореди со чувството и возбуда кога ќе ja видите, доживеете. Посетата започнува со возбудливото пешачење, околу 600 – 700м до Сик, најпознатиот теснец во светот, овековечен и во голем број на филмови, влезот на градот Петра кој нуди неверојатно искуство. Додека шетате долж 1 км долгата патека, над вас бдеат карпите високи и повеќе од 80 м. Боите кои се прелеваат и убавината која природата ја дарила на ова место, се едни и единствени.

Кон крајот на Сик, пред нас ќе се појави најспектакуларната глетка, Ал Казнеа (Трезорот) Вади Рум или познат како „Долината на Месечината“, е арапска бајка која чека да биде откриена. (Попатно ги посетивме Седумте Столбови на Мудроста, именувани од Лоренс од Арабија). Дом на номадските бедуински племиња. Некогаш населен со Набатејци од праисторијата, Вади Рум овозможува да се изгубите во големите пејсажи. Спокојството на пустината го смирува духот и ги ослободува мислите.

meblo trejd mialnici

Имавме единствена можност за ноќевање во пустина и фасцинантен поглед кон звезденото небо. Акаба е туристички центар на обалата на најубавото корално Црвено Море. Идеална дестинација за комбинирање на одмор и плажа со градски живот, шопинг и историја. Го запизнавме Џераш, градот кој своето златно време на цивилизација го доживува за време на Римското царство, а денес претставува официјално еден од најдобро зачуваните провинциски градови на Римската империја, сокриен со векови под златните песоци на Јордан пред повторно да биде откриен и достапен на светската јавност.

Разглед на Аман, шетањето низ улиците, квартовите во текот на денот и ноќта, беше едно навистина неповторливо искуство. Аман е престолнината на Кралството Јордан… Се запознавме со културата на Хашемитското кралство, со посета на Цитаделата, Римскиот театар, старата џамија, но и со посета на новиот модерен дел на Аман. жевме и во Мадаба, оддалечена 30 км од Аман, а се протега крај Кралскиот пат, стар 5000 години и претставува една од најзначајните локации во оваа Света Земја. Мадаба е позната како градот на мозаиците. Ги продолживме патувањето до Планината Небо, една од најзначајните локации за верниците од целиот свет, место каде пророкот Мојсие е погребан. Од таму се упатуваме кон Мртвото море, најниската точка во светот каде што ќе имате можност да уживате во благодетите на солената вода.

Читај бе: Какви се луѓето во Јордан?

Мери: Кралството Јордан е арапска земја која се наоѓа во Југозападна Азија, па можеби затоа бев скептична во однос на населението таму. Меѓутоа, тоа беше имагинација од моето незнаење за состојбите таму. Имено, посакавме да ја почувствуваме и видиме ноќната атмосфера во центарот на Аман, во Стариот град. Го замолив рецепционерот за можност да ни обезбеди такси возач кој би бил два часа со нас низ најфреквентниот дел од градот. Имавме среќа да запознаеме прекрасен човек кој одлично зборуваше англиски (работел во САД). Ни рече дека Аман е безбеден за прошетки ноќе, ни ги покажа најинтересните места и улички, бевме во продавници кај негови пријатели …. Среќававме модерно дотерани женски друштва, во автомобили или по околните кафитерии/ресторани. Сопругата на кралот Абдула, кралицата Ранија несомнено е заслужна за тоа; таа стана позната по нејзината застапничка работа поврзана со образованието , здравството, зајакнувањето на заедницата, младите, меѓукултурниот дијалог и микрофинансирањето. Тоа беше ноќ во која се распрснаа табуаата за Јордан и Јорданците.

Читај бе: Бевте и на Мртвото море? Опишете ни го искуството кое сигурно е уникатно…

Мери: Да, тоа беше уште едно ново, неповторливо искуство. „Морето на солта“ е солено езеро во Блискиот Исток, во кое се влева реката Јордан. Солта во морето е застапена со околу 30%. Мртво Море скоро нема растенија и животни. Само некои едноклеточни успеваат да преживеат во 6 пати посолените води на езерото спрема оние на океаните. Пливањето во ова море е несекојдневно и необично чувство. Поради големите концентрации на сол, вие сте на површината нон стоп и не можете да потонете. Практично е невозможно да нуркате во него. Сепак, не се пропушташе приликата за плутање во солената вода на Мртво Море.

Читај бе: Ја посетивте и Сицилија, која сигурни сме дека никого не остава рамнодушен. Какви импресии носите оттаму?

Мери: Сицилија е Бисерот на италијанскиот југ и вредно е да се посети барем еднаш во животот. Ако сте ја посетиле Италија, а не сте ја виделе Сицилија, како воопшто да не сте ја виделе Италија! Кога ќе ги отворите очите за нејзината убавина, таа волшебно разоружува со својот шарм… посебна, дива, возбудлива, сурова и магична… Најпосакуваната летна резиденција на царевите, аристократите и банкарите… Била на листата на желби на многу освојувачи, а сега под заштита на Унеско. Од висините на планината, застрашувачки и воедно восхитувачки, вулканот Етна го потврдува своето активно учество, додека обалата на островот е обвиткана во тиркизната или бескрајно плава боја на Медитеранот, Јонско и Тиренско море. После неа, ништо веќе не е исто… Ги видовме, се запознавме со неодоливата убавина на монденската Таормина; Етна-најголемиот активен вулкан во Европа; Сиракуза-родниот град на Архимед; Катанија-прекрасен град распрострен на брегот на Јонско море; Ното-“камената градина” т.е. престолнината на сицилијанскиот барок; Модика-“градот на скалите” поради интересната висинска локација и стотици скали од долниот до горниот дел на градот; Рагуза-горда на својата катедрака; Савока-село кое популарноста ја стекна по филмот “Кум”; Палермо-главниот град на Сицилија, петти во Италија; Монреал-со раскошната катедрала прочуена по живописните византиски мозаици од злато; Чефалу-бисерот на Тиренско море; Агриџенто-во кој е античкиот локалитет “Долина на храмовите и Пиаца Армеринас- каде е уникатната претседателска резиденција од времето на Римското царство.

Читај бе: Што друго Ве импресионираше од Вашите патувања за оваа година?

Мери: Со особено задоволство кое создаде незаборавни мигови, долго ќе се сеќавам на патувањето во Андалузија. Во ова шпанска покраина има многу убави градови, но цел на нашиот интерес беа Кордоба, Севиља и Гранада, еден од најзначајните градови на Андалузија, сместен во подножјето на Сиера Невада. Ова е еден од најпосетуваните градови во Шпанија, благодарение на мноштвото споменици создадени под влијание на различни цивилизации и култури: во катедралата се погребани кралот Фердинандо и кралицата Изабела. Над градот гордо се издигнува прекрасната црвена тврдина, Алхамбра, софистицирано маварско наследство, која изобилува со недогледни и фантастично убави паркови.

Читај бе: Имате ли листа со наредни дестинации за патување? Постои ли некое место кое одамна сакате да го посетите?

Мери: Не сум била насекаде ….. но на листата ми е. А листата е долга – сеуште не сум била на америчкиот континент, а далечни дестинации од Азија и Африка ми се моткаат низ мислите ….

1

Читај бе: Како се чувствувате кога ќе се вратите дома после посетата на сите овие места?

Мери: После патувањата следи период на средување на импресиите, долги разговори со пријатели кои се интересираат/читале за дестинациите од интерес …. Најубави се моментите со внуците, кога на глобусот или во атласот ги бараме заедно местата на кои сум била … Патувањата често ме оставаат без зборови, за наскоро да ме претворат во раскажувач.

2

Читај бе: Која е Вашата порака кога се работи за патувањата и авантурите? Што треба за да се поттикнат или пак освестат луѓето за да почнат да патуваат и истражуваат, секако во рамките на своите можности?

Мери: Мемории се создаваат со секое излегување од домот – еднодневни екскурзии низ нашата преубава татковина или викенд посети кај „соседите” се понекогаш повеќе од доволни да се побегне од сивилото на секојдневието. За секого според вкусот, желбите и можностите се наоѓа нешто. Убаво некој рекол: Патувањето е инвестиција во себе.

meblo trejd kvaki
Како времето влијае на спиењето и одморот
Промените во температурата, воздушниот притисок, влажноста на воздухот и врнежите влијаат врз …
Совети за детоксикација на Вашиот живот
Вашата околина е еден од најважните фактори за вашите хормони, како и …
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…