Аврам Ноам Чомски (роден на 7 декември 1928 во Филаделфија) е американски јазичар, научник, историчар, социјален критичар и политички активист. Понекогаш опишан како „татко на модерната лингвистика“, Чомски е исто така еден од основачите на полето на когнитивната наука. Автор е на повеќе од 100 книги за теми од полето на лингвистиката, војната, политиката и медиумите. Идеолошки, тој се совпаѓа со анархосиндикализмот и либертерскиот социјализам.
Еве какво е неговото мислење за оценувањето на децата на училиште.
Самиот систем за оценување е целосно вештачки. Наставниците не се рангираат според нивната способност да им помогнат на децата за да го остварат својот потенцијал и да ги истражат нивните креативни интереси. Овие работи не се предмет на тестови.
„Погледнете што се случува со образованието. Неодамна, акцентот е ставен на оценувањето и на децата и на наставниците, па учењето се сведува на подготовка за тестови. А тестовите влијаат и на судбината на учениците и на наставниците.
Гарантирано е да го уништи секој значаен образовен процес. Наставникот не може да биде креативен, имагинативен или да ги земе предвид различните потреби на учениците. Учениците, пак, не можат да ги следат нивните интереси бидејќи треба да учат за утрешниот тест. И иднината на учениците и наставниците зависи од резултатите од тестот.
Бирократите кои седат во канцелариите не се лоши луѓе, туку работат во систем чија идеологија и доктрини се крајно штетни.
За почеток, не мора постојано да ги оценувате луѓето… Не мора постојано да бидат рангирани според некој вештачки стандард. Самиот систем за оценување е целосно вештачки. Наставниците не се рангирани според нивната способност да им помогнат на децата да го остварат својот потенцијал и да ги истражат нивните креативни интереси. Овие работи не се предмет на тестови.
Вие рангирате, но тоа е во голема мера бесмислено и само по себе штетно. Нè претвора во луѓе кои ги посветуваат нашите животи на подобро рангирање, наместо да правиме работи што се вредни и важни.
Во основно училиште е многу поразително, што го видов кога моите деца беа во основно училиште. Веќе кога ќе стигнат во трето одделение се создава поделба меѓу глупави и паметни. Ако сте класифицирани како глупави, тогаш училиштето ве третира на сосема поинаков начин отколку кога сте меѓу паметните.
Замислете што им прави тоа на децата. Тоа го сфаќаат многу сериозно, што е погубно за нив, а нема врска со образованието.
Образованието е развој на сопствениот потенцијал и креативност. Можеби нема да бидеш одличен на училиште, но ќе бидеш голем уметник. Што има лошо во тоа? Тоа е само поинаков начин да живеете исполнет живот, да се збогатите себеси и оние околу вас.
Самата идеја за рангирање е штетна. Тоа е дел од системот што треба да создаде т.н „економски човек“. Ова е некој кој рационално калкулира како да го подобри сопствениот статус и богатство, не обрнувајќи внимание на ништо друго. Кој има тенденција да акумулира материјални добра, бидејќи тоа е она што може да се мери. Ако сте добри во ова, тогаш сте рационална личност која донесува одлуки врз основа на факти. Го зголемувате вашиот „човечки капитал“ што можете да го продадете на пазарот.
За каков човек зборуваме? Дали е тоа човечкото суштество што сакаме да го создадеме? Сите овие механизми – тестирање, оценување, мерење, евалуација – ги принудуваат луѓето да развијат такви особини… И таквите идеи имаат свои последици…“
(Транскрипт од дел од интервјуто со Ноам Чомски, дадено за магазинот „Прогресив“)