Зошто мислам дека зборовите се многу важни кога пишуваме? Бидејќи зборовите имаат моќ да опишат и објаснат некаква идеја, поим, слика, звук, сензација, и т.н. Пример, зборовите добро и лошо имаат човечка емоција прикачена во нивното значење.
Исто така, зборовите креација/создавање и деструкција/уништување се фактуелни зборови, чии што морално значење или емоција може да биде обратно пропорционална со некаков чин. Пример, уништување може да биде лошо бидејќи ја уништуваме природата. Или пак, уништување може да биде добро кога уништуваме некакво зло.
Исто така, создавање може да биде нешто добро и убаво како создавање на музика или слика. Но, може да биде и нешто лошо, како создавање на оружје. Затоа, кога пишувам некаква поема или приказна, зборовите што ги користам, не се таму бидејќи звучат убаво или тешко. Тие зборови се одбрани да бидат баш на тоа место во таа реченица или стих бидејќи претставуваат, објаснуваат или опишуваат нешто. Исто така, тие зборови што се убави и тешки, можат да бидат многу едноставни и секојдневни или пак несекојдневни и сложени.
Понекогаш најобичниот збор носи најголема тежина. Понекогаш најнеобичниот збор отвора нова перспектива. Зборот има огромна сила. Кога одреден збор е поставен на одредено место во реченицата или стихот, тој е таму поради повеќе причини. Како што рековме, покрај тоа што еден збор може да претставува, објаснува, опишува, исто така може и да предизвикува. Пример, да предизвика љубопитност за неговото значење/дефиниција. Да предизвика љубопитност зошто тој збор се наоѓа токму на тоа место? Дали има смисла или не? Дали е апстрактен или не? Ако е апстрактен, што сака да пренесе или пак како читателот прави смисла од тој збор, реченица или стих? Зошто е искористен несекојдневен и сложен збор наместо секојдневен и обратно?
Истиот тој збор може да предизвика инспирација или мотивација. Може да предизвика љубопитност од каде доаѓа таа инспирација или мотивација. Зборовите имаат огромна моќ дури и во нашиот секојдневен живот! Зборовите не се само алатка за комуникација. Зборовите можат да бидат разликата помеѓу живот и смрт. Помеѓу љубов и омраза. Помеѓу страв и храброст. Зборовите ја носат фреквенцијата и намерата на нашите емоционални состојби, догми и доктрини. Зборот, сам по себе не е моќен. Но кога е пренесен со емоција, тогаш може да биде разликата помеѓу рај и пекол.
Да, дури и пишаниот збор има огромна моќ баш поради тоа каде се наоѓа во реченицата или стихот и на кој начин е искористен и какво значење пренесува. Затоа добро избирајте и бидете внимателни со вашите зборови. Во вашето секојдневие, во вашата уметност, во вашата духовност и во вашиот дом.
Бидејќи начинот на кој што зборуваш, на крајот од денот, е начинот на кој постоиш.








