Пишува: Сара Танаскоска
Да замислиме дека за многу години на некоја крстосница ќе се сретнеме со својата помлада верзија. Со поглед ќе се препознаеме. Во тој миг ќе се присетиме на сите зборови кои останале длабоко во душа, така сурови и некажани, пропуштените прилики и безброј мигови кои требало да ги доживееме.
Ќе го видиме тоа што сме немале храброст да го направиме, она што покасно сме го нарекле судбина. Ќе речеме дека така било пишано, а потајно знаеме дека животот го кроиме ние.
Секој патоказ е наша креација, и секоја одлука го прави тој збир на патишта што подоцна го нарекуваме живот. Нема погрешни крстосници, има само избори кои сме немале доволно храброст да ги направиме. Помладата верзија од нас ќе нè гледа со истото прашање во очите: „Зошто не?“ А ние ќе молчиме, свесни дека одговорот отсекогаш бил едноставен – од страв.
Зборот „судбина“ е само удобен изговор за неодлучноста. Таа нè ослободува од одговорноста да признаеме дека сме знаеле што сакаме, ама не сме работеле на тоа. Дека сме ги одложувале соништата, убедувајќи се дека времето е бесконечно, а храброста нешто што доаѓа само по себе. Не доаѓа.
Ако нешто би можеле да ѝ кажеме на таа помлада верзија, тоа не би бил совет, туку признание: животот не се случува, животот се избира. И секој ден кога не бираме, веќе сме избрале.
Понекогаш се прашувам себеси: „Дали го живеам животот онака како што тоа бушаво мало девојче сакаше?“ Немам соодветен одговор.. можеби јас премногу цели ги освоив многу побрзо од што требаше, можеби бев таа која треба да се гордее на своите успеси, а јас тивко талкав по нов предизвик. Едно е јасно: дека без разлика на бројот на успеси кои сме ги постигнале животот тече како филмска лента, или колку сме се забавиле во патот, секогаш конците се во нашите раце.
Секој избор, секој чекор, секој миг на храброст или страв нè обликува. И можеби токму тоа бушаво мало девојче внатре во мене, со сите свои соништа и стравови, е најдобриот водич што некогаш ќе го имам. Да ме потсети што значи да живееш со полно срце, а не само да постигнуваш.
Затоа, иако одговорот понекогаш е неизвесен, постои еден пат кој секогаш води кон нас самите: да го избереме животот, наместо да го оставиме да ни се случува.
Тие празни коментари од луѓе кои изгледа сакаат да помогнат, но всушност се заробени во својата темнина – се целосно бесцелни. Бидејќи патот на таа крстосница го избираме ние.








