Пишува: Сара Танаскоска
Постои една група на луѓе кои не знаат да те погледнат без да те измерат. Не со поглед, туку со некоја невидлива вага на која постојано го ставаат туѓиот живот. Колку заработуваш, каде работиш, што си завршил, зошто се школуваш, со кого се дружиш, каде патуваш, од каде финансии за патувања, што носиш, кого познаваш. Како човечката вредност да може да се пресмета во бројки, дипломи, фотографии, погледи и туѓи аплаузи.
Мене најчуден ми е феноменот што токму овие луѓе што ја мерат туѓата вредност се тие кои најчесто никогаш не се запрашуваат по мои мерила ја мерат сопствената.
Живееме во ера кога човекот се претвори во подвижна кратка биографија. Неколку редови на LinkedIn, неколку фотографии на Instagram, работна позиција, титула и бројка на следбеници. И некаде во тој куп на податоци заборавиме дека човекот не е тоа што ќе го стави во опис под последната фотографија..
За успехот нема дефиниција, сите различно гледаме на се.. некому најголем успех му е дипломата, за друг тоа е преживеана година, некому првата работа, некому тоа што конечно собрал храброст да стави точка на некоја приказна која го повредувала. Но ние за жал не знаеме да ја видиме таа невидлива борба, го гледаме само резултатот и веднаш носиме пресуда.
„Не успеал“, „Има среќа“, „Му помогнал некој“, „Не е ништо посебно“.
Колку лесно ги кажуваме овие реченици за луѓе чии битки никогаш не сме ги виделе.
Понекогаш туѓиот успех не нè боли затоа што е голем, туку затоа што не потсетува на она што ние се уште не сме го постигнале. И наместо да признаеме дека боли, полесно е да го намалиме туѓиот успех. Така ако кажеме дека некој „имал среќа“, можеби за момент ќе се почувствувате подобро со сопственото стоење во место. Но туѓата светлина не ја намалува нашата. Само што тоа е една од најтешките лекции за човекот.
Не мора секој да биде подобар од тебе за ти да бидеш вреден. Не мора да имаш поголема плата, подобра работа, повеќе пријатели или поголем успех за да имаш право да бидеш горд на себе. И можеби тука започнува најголемата заблуда на нашето време – дека животот е натпревар во кој туѓата победа автоматски значи пораз. Не е. Нечиј успех не е доказ дека ти си неуспешен. Нечија убавина не значи дека ти си помалку убав. Нечија кариера не ја поништува твојата. Нечија среќа не ја прави твојата помала. Само што за да го разбереме тоа, треба да престанеме да живееме според туѓите ваги. Затоа што најопасни не се луѓето што те критикуваат туку оние што те убедуваат дека вредиш онолку колку што тие ќе одлучат. А човек што постојано дозволува другите да му ја одредуваат вредноста, еден ден може да заборави дека никогаш не им ја должел.
Најопасно е кога туѓата вага ќе ја внесеме во сопствениот дом. Кога веќе не мора никој да ни каже дека не сме доволно успешни, затоа што самите почнуваме да си го повторуваме тоа. Се будиме и веднаш се споредуваме. Кој каде стигнал, кој што постигнал, кој купил стан, кој отпатувал, кој добил работа, кој заработува повеќе. Наместо да се прашаме дали сме среќни со животот што го живееме, се прашуваме дали изгледаме доволно успешни пред оние што нè гледаат.
И така, туѓото мерило полека станува внатрешен глас.
Почнуваме да се чувствуваме недоволно не затоа што навистина ни недостига нешто, туку затоа што некој друг одлучил дека тоа нешто треба да ни недостига. Не сме задоцниле со животот, само не сме пристигнале на истото место во исто време како некој друг.
А животот никогаш не бил трка со заедничка целна линија.
Некој ќе дипломира на дваесет и две, некој на триесет. Некој ќе ја најде работата од соништата веднаш, некој ќе промени десет работни места пред да сфати што навистина сака. Некој ќе остане во родниот град, друг ќе замине илјадници километри подалеку. Некој ќе сака семејство, друг кариера, трет мир. И ниту еден од тие избори сам по себе не го прави човекот повеќе или помалку вреден.
Само што живееме во време во кое туѓиот живот ни е постојано пред очи. Некогаш можевме да не знаеме што прави соседот, роднината или поранешниот соученик. Денес знаеме каде бил, што купил, со кого е, каде работи и како изгледа неговиот најдобар ден. И потоа го земаме тој еден кадар од неговиот живот и го споредуваме со сите наши лоши денови.
Како тогаш да не се чувствуваме недоволно?
Можеби затоа треба повторно да научиме да живееме без публика. Да направиме нешто затоа што нè исполнува, а не затоа што добро изгледа на фотографија. Да успееме без потреба сите да знаат. Да се радуваме без да објаснуваме. Да бидеме горди на нешто што можеби никој друг нема да го забележи.
Зашто некои од најголемите победи во животот немаат публика.
Понекогаш победа е само тоа што си станал од кревет кога не си имал сила. Понекогаш е тоа што си кажал „не“ таму каде што цел живот си молчел. Понекогаш е тоа што си заминал од нешто што те уништувало. И можеби никој нема да ти честита за тие победи, но тоа не ги прави помали.
Не дозволувај туѓата вага да стане твоето огледало.







