Со долготрајни аплаузи, полна сала и воодушевена публика, Народниот театар Битола ја одбележа својата петта премиера за оваа година – „Едмонд“, по текст на американскиот драматург Дејвид Мемет, во режија на Оливер Мицевски. Станува збор за современа и провокативна претстава која отвора многу прашања за слободата, идентитетот и границите на човечката природа.
Оливер Мицевски, режисер со богата меѓународна кариера кој работел во Данска, Унгарија, Франција и Велика Британија, по 14 години повторно поставува претстава во родната земја. „Мене ми е чест и задоволство што по толку време повторно работам токму во мојот омилен театар – Народен театар Битола,“ изјави Мицевски. „’Едмонд’ е претстава што се разликува од сè што досега сум работел овде. Станува збор за текст кој не испраќа пораки, туку отвора простор за размислување. Верувам дека токму тоа е задачата на театарот – да не проповеда, туку да нè натера да се запрашаме кои сме и каде одиме.“
Претставата го следи Едмонд Бурк – обичен бизнисмен кој во текот на 48 часа паѓа во спирала на личен и морален пад, трагајќи по возбуда, смисла и слобода. Како што истакнува режисерот, токму таа слобода, на крајот, иронично, Едмонд ја чувствува само зад решетки: „Во време кога сè ни е достапно, кога навидум имаме сè, ние стануваме најнесреќни суштества во историјата на човештвото. Оваа претстава е начин да погледнеме внатре во себе.“
Во главната улога настапува Огнен Дранговски, кој вели дека процесот бил интензивен и поинаков од сè што досега работел: „Мицевски не сака да режира театар што учи и проповеда, туку создава сцена во која сè е прашање на атмосфера и реакција. Секој детал – светло, звук, сценографија – нè смести во специфичен простор, со минимални движења, но силна емоција.“
Покрај Дранговски, на сцената настапуваат и Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Викторија Степановска-Јанкуловска и Маја Андоновска-Илијевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите ги потпишува Благој Мицевски, а музиката е дело на Марјан Неќак.
„Ова беше едно интензивно, поинакво патување за сите нас,“ вели костимографот Мицевски. „Интересно е како по 30 години повторно се враќам на Мемет – првпат се сретнав со неговиот текст во 1995 година, кога Роберт Еган постави три негови едночинки токму на оваа сцена. Тие текстови сè уште зборуваат за нас и за светот што нè опкружува.“
Директорот на НТБ, Васко Мавровски, потенцира дека оваа сезона е рекордна по бројот на премиери и публика: „Во периодот септември 2024 – јуни 2025, поставивме рекордни 12 премиери, а одигравме 129 претстави пред 25.141 гледач. Тоа значи дека секои 2.5 дена на сцената се одигрувала по една претстава. Оваа година ќе остане запишана како рекордна за нашиот театар.“
Следната премиера е веќе закажана за 25 јули – „Рибарски караници“, која ќе се изведе на отворено, на Ротинското езеро. Театарот продолжува и со активни гостувања – со претставата „Снежана и седумте џуџиња“ учествува на Македонското културно лето во Албанија и на фестивалот „Силјан Штркот“ во Штип, а во септември со „Ричард Трети“ ќе настапи на „Ристо Шишков“, како и на „Денови на комедијата“ со „Рибарски караници“.
Веќе е усвоена програмата за 2026 година – планирани се девет нови премиери, од кои четири комедии, со ангажман на домашни и странски режисери, вклучително и еден од Белорусија. „Ќе продолжиме да ја поддржуваме македонската драматургија, младите автори и уметници,“ истакна Мавровски.