Арјона Исовска има 25 години и му се радува на својот мал бизнис, посветен на магичните кутии од храна, изработени со огромна пасија и ентузијазам. По професија, Арјона е психолог и освен што го води својот малечок бизнис и со љубов ги подготвува кутиите од храна во кои клиентите, како што вели Арјона, уживаат и ѝ враќаат со благодарности, таа е и психолог во основно училиште во едно од битолските села. Арјона е уште еден пример за млад и успешен човек од Битола, креативна личност која има десеттина хобија, надвор од професијата.

Арјона за Читај бе, вели дека слободното време сака да го користи за играње со сервирање и готвење храна, планинарење, пешачење слушајќи музика или поткаст, пишување дневник итн.

329705095 1178960239421515 1566647725209685761 n

Читај бе: Арјона, имаш креирано интересна тема на Инстаграм со прекрасни и креативни изработки на украсни кутии со вкусна храна. Од каде идејата за креација на овој мал бизнис и зошто баш кутии со храна?

Арјона: Секој човек има свое хоби, хоби кое ни дава можност за момент да се исклучиме од дневната рутина и да креираме нешто во кое што целосно уживаме, нешто што нé исполнува, нé опушта и нé прави корисни и вредни личности. Зборувам за исполнување на времето кое прави за момент да заборавиме на сите проблеми. Од секогаш ми било готвењето и сервирањето на храна предизвик, а и нешто кое го работев со задоволство. Колку и да сум ограничена со време, секогаш чинијата со храна треба да ми биде добро уредена, а истовремено и вкусна. Идејата ми дојде спонтано и природно. Често гледав слики на интернет од grazing boxes кои што ми привлекуваа внимание и автоматски ми се креираа и мои лични идеи во главата. Пред две години се ближеше нова година, која сите ја славевме дома поради пандемијата. Тогаш реков ќе ги изненадам моите дома со кутија полна со храна, па и ќе ја објавам на Инстаграм да видам каква реакција ќе имаат луѓето. Навистина бев позитивно изненадена од реакцијата и мотивирана за да почнам нешто посериозно, како што е нивно продавање. Кутиите со храна се мојот избор затоа што истите можат да се однесат насекаде, било да е мотивот еден уникатен пикник, роденден, слава, измешани се повеќе вкусови, направени се сите свежи, ја тргаат монотонијата од класична бомбоњера, можат да бидат персонализирани и хит се насекаде на светот.

329589037 864437691336796 7885095319882907025 n

Читај бе: Можеш ли да ни го откриеш процесот на подготовка на една малечка креативна кутија?

Арјона: Иако многу луѓе мислат дека е едноставно да составиш една кутија, процесот е многу покомплициран. Нарачките се прават барем два, три дена пред земањето на кутијата, баш поради тој процес. Клиентот ја одбира големината на кутијата (мала, средна или голема), дали да биде солена, блага или мешана, дали да има пијалок или не, може да  прати некоја слика од веќе мои направени кутии, па да ја повториме истата. Сите кутии се направени пред нивното подигнување, свежи и полни со љубов. Прво се набавуваат производите кои ми се потребни за кутијата, честопати и ги нема сите производи на пазарот, па потребно е да се најде алтернатива. Се користат производи од сите маркети во Битола, а некои од производите се направени и сами. Второ – се подготвува кутијата, во зависност од изборот на кутијата ги подготвувам работите кои земаат повеќе време, како што се пишување со чоколадо на крофни, чоколадирани јагоди, чоколадирање на кроасани и слично. Пуштам музика и оставам креативноста и инспирацијата да ја направат својата работа. После полнењето на кутијата, истата се пакува со целофан и се украсува со панделка и картичка, се прави фотосесија и е спремна за купувачот. Како и во секоја работа, нормално и во оваа, се случува да настане грешка, така што ја растурам кутијата, дишам длабоко, одмарам неколку минутки па почнувам одново. Многу е битна љубовта кон работата, да го сакаш тоа што го правиш, да те исполнува, да те смирува и да ти нанесува насмевка на лицето.

329112178 650148733528634 5429374779188576621 n

Читај бе: Колку време ѝ посветуваш на работата, колкава е заинтересираноста на клиентите и колку те исполнува целиот процес?

Арјона:  Со оглед на тоа што работам и како психолог, останатото време го посветувам на оваа работа, со кутиите. Дали ќе разгледувам слики на интернет, дали ќе смислувам нови идеи, дали ќе работам на монтирање слики и видеа за профилот на кутиите,  дали ќе правам кутии, сé е поврзано со кутиите. Кутиите се причината, која ми го промени животот во последните две години. Колку и да звучи драматично, тоа е така. Запознавајќи прекрасни луѓе – купувачи, различни соработки, секој коментар на задоволни купувачи, насмеаните лица кога ќе ги давам кутиите е чувство кое не може да се опише со зборови. Целиот процес ме прави среќна, горда и секој ден ми расте љубовта за оваа работа.

329227983 946622462996269 8212559901274466242 n

Читај бе: Кој беше главниот фактор кој влијаеше врз тебе за целосно посветување кон ваквиот тип на бизнис?

Арјона:  Интересот на луѓето кон ваков тип на кутии. Голема е среќата кога и некој друг ќе направите среќен, пофалбите и восхитувањата кои ги посочуваат клиентите допираат до срце.

Читај бе: Колку беше тешко или лесно пробивањето на твојот малечок бизнис на пазарот и со кои потешкотии се сретна на патот до замислената цел?

Арјона:  Искрено ова го започнав како хоби и не очекував дека ќе замине толку далеку. Не викам дека беше лесно, но некако со тоа што не очекував многу, сé си течеше природно и коцките си се наредија сами од себе. Со секој задоволен купувач, заинтересираноста се прошируваше. Мал град како Битола, ако нешто му се допаѓа некому или е нешто поразлично, мислам дека може лесно да се прошири. Се разбира имаше и периоди во кои немаше нарачки, имаше периоди во кои немав инспирација и имаше губење на надеж, имаше и такви денови кога мислев дека нема да биде ништо од ова, но ете каде сме денес. Доста се барани кутиите, на идеите и желбите му нема крај, а јас сум повеќе од задоволна.

327316542 555453029874466 4135736807059198285 n

Читај бе: Дали твоите желби целосно се исполнија или имаш некои идни планови?

Арјона:  Желбите се наши патокази кои никогаш нема да не одведат во погрешна насока, желбите се оние што не водат во животот, тие се оние кои не будат на утро, тие се оние со кои заспиваме на вечер. Желбите и плановите секој ден се менуваат и растат. Ги има еден куп. Има неколку кои живеат и дишат заедно со мене, а една од тие е желбата да отварам моја мала продавница со моите кутии. Втора е да почнам со Grazing tables. Другите ќе ги оставам да живеам со мене, па се надевам ќе се радуваме заедно со исполнување на истите. Мислам дека ако човек чисто и искрено посакува нешто, тоа и ќе се исполни.

Читај бе: Што е она што во најголем степен им го привлекува вниманието на луѓето за да ги купуваат твоите креативни кутии изработени од храна?

Арјона:  Прифаќам секакви желби за внатрешноста на кутија, дали да има повеќе овошје, дали да нема сувомеснато, дали купувачот има некое омилено чоколадо што сака да го има внатре и мислам дека токму тоа е убавината на кутијата што се прави по желба на купувачот и има измешани вкусови, каде што сигурно ќе има нешто и за најпребирливите. А пред сé, естетскиот изглед на кутијата воодушевува уште на прв поглед. Секое јадење прво го вкусуваме со нашите очи, а изгледот на храната е тоа што ќе го зголеми апетитот.

Читај бе: Што би им препорачала на нашите читатели?

Арјона:  Не грижете се дали ќе бидете успешни, наместо тоа, работете на вашите соништа и тоа што го сакате, а успехот природно ќе следи.

meblo trejd grealka
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…